Шведска со успешен експеримент: 6 часа работно време без намалување на платите!

21.09.2015 01:54
Шведска со успешен експеримент: 6 часа работно време без намалување на платите!

Швеѓаните сфатија дека работниците им се попродуктивни доколку работното време им е пократко, па го скратија за два часа. Тие вработуваат и нови луѓе за да не трпи работата, без притоа да ги намалат платите, пишува Гардијан.

Експериментот со скратеното работно време го спровеле во старечки дом, а сакале да видат дали поради двата работни часа помалку на членовите на медицинскиот персонал ќе им порасне квалитетот на работата и ефикасноста. Двата часа направиле драстична разлика. На скратеното работно време ги префрлиле во февруари, а платата им останала иста.

„Претходно цело време бев истоштена, ќе дојдев дома и ќе легнев на каучот. А сега имам многу повеќе енергија за работа и за семејниот живот“, изјавила Лиса-Лоте Патерсон, една од 82-те медицински сестри во старечкиот дом во Гетеборг.

Имаат само подобри резултати

Овој тест натерал и други работодавци да го направат истото, па и така Одделот за ортопедска хирургија на Универзитетската болница во Гетеборг го скратил работното време за два часа, а истото го направиле и два оддели на една болница на северот на Шведска.

Трендот во развиената и пожелна за живот земја не е ограничен само на јавниот сектор, туку и приватните претприемачи станале свесни дека скратеното работно време ја зголемува продуктивноста на работниците.

Поради скратеното работно време старечкиот дом од тестирањето морал да вработи уште 41 лице, но тоа не им претставува проблем.

Расте и профитот

„Сега е многу подобро, а стандардот и грижата за нашите штитеници е поголем. Од 1990 година имавме повеќе работа и недостиг од луѓе, но повеќе нема да го правиме тоа. Претходно кај вработените имаше многу болести и депресија, а оваа работа бара постојана будност и креативност. Не можеме да дозволиме постарите луѓе во домот да живеат под стрес, бидејќи тогаш тој стрес се пренесува врз сите нас“, вели Лиса-Лоте Петерсон.

Сервисниот центар на Тојота во Гетеборг го скратил работното време на 6 часа уште пред 13 години, а не ја намалиле платата. Никогаш не зажалиле за таа одлука. Клиентите пред таа одлука биле незадоволни, бидејќи работниците под стрес често грешеле. За нив сега работат дури 36 механичари, а профитот во меѓувреме поради промената на работното време на вработените им пораснал за дури 25 отсто.

Извор: supermodulor.mk / The Guardian