Борбата за слободно време

26.05.2018 03:25
Борбата за слободно време

Најголемиот германски синдикат ИГ Метал започна кампања со длабоки историски корени. Синдикатот – кој претставува 2,3 милиони работнички и работници во производството – ги користи годишните преговори за надниците за да бара намалување на стандардната работна недела од 35 на 26 часови, тврдејќи дека тоа, меѓу другото, ќе му овозможи на работништвото да се грижи за своите деца и постарите членови на семејствата. Со оваа иницијатива, ИГ Метал се врати на едно од најпосветените – и традиционално успешни – прашања на синдикалното движење: слободното време на работничките и работниците.

Слободното време, како што тврди ИГ Метал, е нужно за базичното достоинство; за да се грижиме за себеси и нашите заедници ни треба време кое е изземено од создавањето профит за работодавачите. Подеднакво е важно дека тоа ни е потребно и за да го оствариме својот човечки потенцијал. Нашата способност самостојно да размислуваме, да доживееме романтична љубов, да ги негуваме пријателствата и да ги следиме сопствените страсти и љубопитноста, бара време кое е наше, време кое не му припаѓа ниту на шефот ниту на пазарот. Во својата срж кампањата за пократко работно време се однесува на индивидуалната и колективната еманципација.

Изненадувачки е што ова веќе долго време не е предмет со кој се занимаваат политичките платформи во САД, дури ни од левицата. Но не било така секогаш. „Должината на работните денови“, тврдат историчарите на трудот, „низ историјата било централно прашање со кое се занимавало американското работничко движење за време на најдинамичните периоди на организирањето“.

Радикалите кои биле подложни на измачување на Хејмаркет се бореле за осумчасовен работен ден („осум часови за работа, осум часови за одмор, осум часови за што и да посакаме“, гласел еден од слоганите од тоа време). За време на Големата депресија, за време на значајните работнички борби, на сојузно ниво пропаднал обидот за намалување на работната недела на триесет часови.

Американското работништво борбата за слободно време веќе со децении ја препознава како барање кое би можело да ги обедини квалификуваните и помалку квалификуваните работници, вработени и невработени.

Денес би требало да го вратиме тоа наследство. Намалувањето на работното време со зголемување на животниот стандард би требало да биде едно од централните, водечки прашања на левицата.

Причините заради кои борбата за слободно време заврши на маргините се безбројни и сложени. Историчарот Бенџамин Клајн Ханикат напоменува дека протерувањето на радикалите од синдикатите и пренасочувањето на работништвото кон прифаќање на економскиот раст како мотор за просперитет во текот на повоената потрошувачка култура во САД одело против истакнувањето на политиката на времето.

Исто така, не помогнал ни подемот на неолиберализмот. Генерациите работнички и работници биле интерпелирани за да веруваат дека основните манифестации на човечноста можат да се одложат или да се купат со пари и дека понапорната и подолготрајна работа е услов за исполнет живот. Продолжете да грабате на натпреварувачката скала за подобри работни позиции и (поединечно) ќе можете да платите врвна грижа за децата, да преговарате за годишен одмор, да отидете во рана пензија и да продадете недвижнина за да им оставите нешто на своите наследници. Многу синдикати го прифатиле овој нов став; некои од нив сè уште се залагаат за зголемување на бројот работни часови, наместо од работодавачот да се бара поголем надомест за одработените часови.

Меѓутоа, денес кога платите стагнираат и прекарната работа главно е норма, многу луѓе, особено оние кои се на почетокот од својот работен век повеќе немаат илузија дека прекумерните часови се клуч за достоинство и среќа. Зошто да веруваат во нешто такво кога пристојните пензии се минато? Кога границите помеѓу работното и неработното време бараат постојано преговарање? Кога секогаш размислуваме дали треба да сработиме повеќе – дали да се вози уште една тура, дали да се покрие дополнителна смена во болница, дали да се преземе оценувањето педесетина испити по Основи на психологијата за време на викендот?

Во тој контекст, многу фракции од левицата во дискусиите постојано зборуваат за времето и темпоралноста; „доцниот капитализам“, „пост-работната“ иднина и „акцелерационизмот“ станаа познати изрази. Тоа се важни дискурси. Но бидејќи реалните цели на таквите дискусии остануваат во апстрактната сфера или далеку во иднината, таквата реторика самата по себе не обезбедува соодветни алати за изградба на движење. И покрај тоа, бидејќи циркулираат во академската заедница и другите затворени кругови, таквите идеи често заобиколуваат поголем дел од работните луѓе без разлика колку и да се атрактивни. Со други зборови, теоријата и практиката, тие стари битанги, треба да се зауздаат и да се поврзат како штотуку проодени близнаци кои трчаат во спротивни правци.

Во непосреден временски рок предметите на нашата борба треба да бидат нешта како пократки работни недели; рапиден пораст на надоместоците за прекувремена работа; пониска возраст за старосна пензија; проширено социјално осигурување; семејно отсуство; платен годишен одмор; платено боледување, детски додатоци и слободни денови. Сите овие ставки јасно се насочени кон намалување на профитно мотивираното работно време и унапредување на работничкото самоопределување и материјалните услови. Тоа се реални, остварливи цели врз чија основа може да се гради понатаму. Покрај тоа, имаат потенцијал за групирање различни работници и не-работници. На пример, може да се достигне полна вработеност со намалување на работните часови и нивна поделба помеѓу поголем број работници. Со ширење на социјалната сигурност можеме да ги обединиме работниците во домашната здравствена нега и пензионерите.

Од теоретски аспект ни претстои голема реторичка битка околу поимањето на работата како извор на смисла. А тоа подразбира подлабоко промислување на слободното време и начинот на живот во општество во кое се поминува помалку време на работното место.

Во глобалниот капитализам, слободното време често доаѓа како казна; многу луѓе располагаат со слободно време во големи количини, од жителите на бегалските кампови до невработените лица. Притоа, опијатските и метамфетаминските кризи јасно укажувааат дека без соодветни ресурси и социјални мрежи, слободното време може да има спротивен учинок од еманципацијата. Меѓутоа, парите сами по себе не се одговор. Доволно е да се погледне видеото „Good Life“ на Ким Дотком или „дневникот на парите“ на некој кој во Лос Анџелес добива плата од 1 250 000 долари, за да може да се ѕирне малодушната празнина на временските пространства исполнети со потрошувачка на стока. Во меѓувреме капитализмот на мошне лукав начин ни го проткајува и она малку слободно време што ни преостанува со истите нагони за производство и мерење кое го поврзуваме со работното место.

Значи, извесно е дека останува неопходно да се артикулира позитивната визија за тоа како би можело да изгледа слободното време и со кои ресурси тоа би можело да располага. Движењата ќе се најдат во ќорсокак без уверлива визија за подобра иднина; градењето таква визија е место за зближување на теоријата и практиката.

Притоа инспирација можеме да побараме во странство.

Не е случајност што ИГ Метал се чувствува охрабрено за да инсистира на пократко работно време – токму тој синдикат обезбеди 35 часовна работна недела.

Но, би било погрешно да се претпостави дека оваа битка е специфично европска. Американското работничко движење повторно се враќаше во борбата за пократка работна недела и поголема работничка слобода. Ја препознало силата на барањето, кое не само што замислува свет во кој луѓето имаат поголема контрола над своите животи, туку и свет кој гради спони на солидарност преку обединување на интересите на работништвото и невработените, високо квалификуваните и ниско квалификуваните работници, домашното работништво и работништвото родено во странство.

Повторно е созраеан моментот да се мобилизираме и за себе да бараме колку што е можно повеќе од нашето смртно време.

Слики: „Слобода“, Зенос Фрудакис

Извор: https://www.jacobinmag.com

Слични содржини

Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото