Преобразбите во светот на Васко Ташковски

21.09.2015 02:57
Преобразбите во светот на Васко Ташковски

Човекот и морето, 1967

 

На 23 септември (среда) во ликовниот салон на МАНУ ќе се отвори јубилејната изложба на академик Васко Ташковски, по повод 50 години творештво. Изложбата ќе ја отвори академик Луан Старова, секретар на одделението за уметност на МАНУ. По тој повод, во продолжение пренесуваме еден есеј на Влада Урошевиќ од 2005 година, посветен на сликарството на Васко Ташковски.

 

Во 1965 година, на брегот на Јадранското Море, во Шибеник, настануваат првите слики на Васко Ташковски, а набргу потоа, кон крајот на истата година, отворена е во тој град и неговата прва самостојна изложба. Во тие први дела привлечноста на апстракцијата, карактеристична за ликовната клима на тие години, ќе остварува плодна симбиоза со љубопитноста што кај овој сликар ја побудува таинственоста на морските длабочини, различноста на подводните глетки од оние на кои сме свикнале, откритието на еден друг, поинаков свет. Оттогаш, еве, веќе четириесет години овој сликар го продолжува и го надградува своето богато и сложено дело, проширувајќи ги неговите граници, приопштувајќи кон него нови области, освојувајќи сè нови и нови простори за своите сликарски соништа. Но, и покрај сите промени низ кои ќе поминува, и покрај новите теми и новите постапки што ќе ги открива, Ташковски ќе остане доследен на своите првични поттици и ќе создава дело што ќе остане кохерентно, целосно, секогаш препознатливо во своите стилски одлики и содржински пораки.

Во содржински поглед, во делото на Ташковски препознаваме цел круг есхатолошки теми. Во почетокот тоа е претчувство на катастрофа. Сеедно кои се причините за тоа - можностите на нуклеарната војна, еколошката загаденост, генетските манипулации - над пределите на Ташковски се наведнува заканата на уништувањето, сенката на опасноста која добива планетарни размери. Механизираната цивилизација ја покажува својата мрачна страна, својата нескриена омраза кон секој вид биолошко постоење; мртвата материја го наложува својот студен, скаменет закон врз секоја бујатост, плодност, топлина. Потопот кој надоаѓа е наезда на материјата која сака да го укине духот.

Астрална проекција, 1976

Следната фаза би можеле да ја наречеме посткатастрофична: во еден свет низ кој поминала апокалиптична катаклизма човекот се крие во атомски засолништа, во последните оази на спокојство и заштита. И, како во сите есхатолошки визии, третата фаза е будење во еден повторно роден свет, среде облици кои никнале од повторно оживеаната почва. Човекот го започнува новиот циклус на обнова, го набљудува светот што се крева од остатоците кои зад себе ги нафрлал потопот, ѝ се радува на светлината на новиот ден.

Помеѓу овие главни линии на големата тема на разурнувањето и обновата, Ташковски ги повлекува и другите разгранувања: тие одат од вселенските летови на научната фантастика до пацифистичките протести против војната (во духот на една, може да се рече, ангажирана уметност), од обновувањата на некои митолошки теми до поврзувањето со трансцедентната симболика на езотеричите сознанија.

Без оглед на тематските различности, во основата на ова сликарство останува, како појдовна основа, како врвен принцип, како основна идеја - преобразбата.

Распнатиот, 1977

Во ова сликарство преобразбата е и почетен импулс и - крајна цел. Тука, на платната, во гвашевите, графиките и цртежите на Ташковски, метаморфозата ја игра својата голема и никогаш докрај изводлива игра на откривањето на можноста нештата, појавите, предметите, суштествата да бидат поинакви отколку што се. Тука речиси сè може да се претвори во речиси сè: доволно е само да постои една благо насетена асоцијативна врска - и малата сличност, случајната или не блискост да се претвори, по заповед на фантазијата и со помош на вештината на сликарот, во нов облик. Над овие слики би можело, како мото, да стои искажувањето на Паул Кле: „Светот во својата сегашна форма не е единствено можен свет“. И Ташковски, поттикнат од оваа идеја, поаѓа по другите можни решенија на создавањето.

Резимирајќи го она што, на разни начини, ни го сугерираат овие слики, би можеле да речеме дека, според овој сликар, преобразбата лежи како латентна можност во секоја жива или нежива материја. И, колку повеќе уметникот му се препушта на тоа барање на присуството на една форма во друга, толку тој, всушност, се доближува до срцевината на светот.

А мошне често, на крајот од тие откривања на сродностите помеѓу облиците како резултат се појавува човечкото лице, или човечкото тело, кое дотогаш речиси било заробено во дрвото, каменот, ридот или морскиот брег. Распоредот на елементите во преден дел ѝ го сугерира на фантазијата на сликарот, на моќта на поврзувањео на асоцијациите што лежи во неговата свест или во неговото несвесно, присуството на човечки лик.

Пастир, 1985

Секако, основата на ваквото видување на светот потекнува од древните метафизички идеи за постоење на врски помеѓу природата-макрокосмос и човекот-микрокосмос. Во насловот на еден портрет препознаен во линиите на антропоморфниот пејзаж, а кој му се припишува на еден голем мајстор на ликовните метаморфози - Џузепе Арчимбодо - стои: Homo omnis creatura. Тоа сфаќање дека човекот е суштество што е присутно во сè го води Васко Ташковски кон многубројни откривања на сличностите помеѓу облиците на природата и облиците на човечкиот лик.

На неговите слики земјата е третирана како суштество што сонува и кое, притоа, низ своите трансформации, ги прави видливи своите соништа. Душата на земјата е блиска до човековата душа, велат делата на овој сликар.

Гледајќи ги овие пејзажи, во кои владее постојано стремежот кон метаморфоза, ни паѓаат на ум „Метаморфозите“ на Овидиј. Но, додека во овој голем спев од антиката, во кој се обработени сите митолошки приказни за преобразбите извршени по волјата на боговите, човечкото суштество е принудено да се престори во цврст и непроменлив облик - да стане стебло или камен - на сликите на Ташковски присуствуваме на обратен процес: природата се отвора низ чудесни преобразби, се ослободува од закостенетоста на постојаните форми, се менува, се трансформира, и ги води своите облици кон човековиот облик.

Тројански коњ, 1995

Природата тука како да се расонува од некој тежок и длабок сон, се ослободува од инертноста, ја отфрла наметката на необлагородената материјалност и, на еден длабоко осмислен начн, се хуманизира.

И така, она што на прв поглед почнува како игра на препознавање на скриените сличности се открива, по внимателно расчленување на постапката на овој сликар, во цел еден поглед на свет, во еден своевиден, ликовно изразен, емотивно-мисловен став. Затоа, по проникнувањето во овие слики, сфаќаме дека пред нас е еден творец кој оди, сеедно дали воден од интуитивно насетување или од свесна намера, кон решавање на некои бескрајно сложени прашања, суштински и вртоглаво зашеметувачки, за постоењето на универзумот, за смислата на тоа постоење, а со тоа и на смислата на постоењето на човекот. Низ сликите на Васко Ташковски се пробиваме, всушност, заедно со сликарот, низ густежот на тие прашања, во барање на единствениот принцип во природата или, уште повеќе, во барање на единствената смисла.

Она до што доаѓа во тоа барање Васко Ташковски е еден вид етичка, филозофска, религиозна порака, но изразена низ облик на слика - што, впрочем, отсекогаш бил начин да се искажат некои нешта кои поинаку и не би можеле да бидат кажани.

(2005)

Киклопи, 1998

Девица, 1999

Остатоци, недатиран цртеж

Се руши црквата, 2000

Жеден, 2001

Залив, 2005

Масло на платно, 2006

Контролирани енергии, 2010

 

Слики: Васко Ташковски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото