Џиновскиот скулптурален лавиринт во Генк

21.09.2015 14:03
Џиновски скулптурален лавиринт

Белгиското студио Gijs Van Vaerenbergh, тим составен од белгиски архитекти и уметници, дизајнираше и конструираше гигантски лавиринт на централниот простор пред некогашниот рудник за јаглен во индустрискиот град Генк во Белгија.

Лавиринтот е конструиран по повод 10-годишнината од постоењето на авенијата за изложби и настани отворена во 2005 година.

Лоциран на отворен простор во предниот дел од главната зграда, лавиринтoт е проектиран од Гис Ван Варенберг, во соработка со Питеријан Гис и Арноут Ван Варенберг, чии претходни инсталации во нивната матична земја вклучуваат една проѕирна црква и превртена купола направена со мрежа од метални алки, инсталирана во друг верски објект.

Структурата на лавиринтот опфаќа површина од 37,5 квадратни метри, а за оваа масивна градба се искористени 186 тони челик.

Преградите, кои достигнуваат до пет метри височина, се поставени како мрежа од квадрати, со отвори кои формираат патека низ самата структура.

Низата празнини е формирана со помош на Булови трансформации, кои вклучуваат пресечени тридимензионални капацитети направени во дигитална програма за моделирање.

Серијата на Булови трансформации создава простори и перспективи кои го реинтерпретираат традиционалниот Лавиринт. „Ова е скулпторска инсталација која се фокусира на искуството на просторот“ – велат од студиото.

Сферичните, цилиндрични и конусни форми се отсечени од ѕидовите на структурата која наликува на кутија, формирајќи поголеми отворени простори во внатрешноста на лавиринтот и празнини на вертикалните површини.

Празнините и отворите овозможуваат посетителите на лавиринтот да гледаат во другите делови и надвор, а се чини дека обезбедуваат и мала помош во наоѓањето на излезот.

„Буловите трансформации ја претвораат прошетката низ лавиринтот во серија од просторни и скулпторски искуства“, вели Гијс Ван Веренберг. „Истовремено, отворите функционираат како „рамки“ на лавиринтот. Гледано од некои одредени перспективи, отворите се фрагментарни, а според други гледни точки, целата форма е откриена“.

Посетителите влегуваат од еден агол на објектот под надвиснатиот дел, и излегуваат на две места каде што надворешниот ѕид е доволно низок за да можат да преминат преку него.

Погледот на лавиринтот од птичја перспектива е доловен со качување на високата челична конструкција покрај него, која има функција на главна рамка, а претходно служела како кран во одделот за транспорт во подземниот рудник за јаглен.

„Целта е да се создаде одредена повеќеслојност и отвореност на толкувањата“, велат од студиото.

Насловот на проектот, Лавиринт, се поврзува со познатиот лавиринт од грчката митологија, кој го изградил вештиот вајар и архитект Дедал за кралот Минос од Крит, како заштита од Минотаурот, чудовиштето со глава на бик и тело на човек.

По античка Грција, лавиринтите станале популарни низ целиот свет и обично се конструираат од различни материјали, најчесто од жива ограда, сено, тули и книги.

Неодамнешните интерпретации вклучуваат лавиринт во облик на триаголник, направен од стаклени панели и механички лавиринт кој се преуредува додека се движите низ него.

Слики: Filip Dujardin

Извор: www.dezeen.com