Бајрам на умот

26.09.2015 11:31
Бајрам на умот

Во честитката за Курбан Бајрам до муслиманите, претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, побара во „духот на нашата традиција, да ги почитуваме нашите разлики и да бидеме сплотени како што биле нашите предци и нашите родители“, рече дека ова е празник кога треба да им се помогне на сите на кои им треба помош, да се биде солидарен и им посака „тоа што го прават овој ден, да го прават во текот на целата година“.

Многу муслимани - и без да им посака Иванов - ги помагаат сиромашните со храна, облека и со сè друго што им треба не само денес и не само оваа година. Но, ако претседателот навистина го мислеше тоа што кажа во честитката, тогаш тоа што го прави во текот на целата година, немаше да го направи и овој ден. Да ја игнорира, да ја премолчи, да не каже ни збор - да не ја „расипе“ честитката - за најголемото искушение на кое беа ставени овие празни(чни) фрази за сплотеност и слично, поточно за големата трагедија на бегалците, од кои најголем број се муслимани. Иванов цела година не направи ништо кога тие луѓе гинеа, одеа „курбан“, прегазени од возовите на македонските пруги; кога беше забрането, казниво со закон да им се помага да поминат низ оваа земја; кога наместо солидарност покажа невидена алчност и користољубие со тоа што почна десеткратно поскапо да им продава леб, вода и билети за државните возови и кога разликите и верата беа причина за да се толерира насилството врз нив. Затоа овие „барања“ на претседателот не се ништо повеќе од правење бајрам на умот.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња