1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Одеднаш, Западот го обзема бран сомнеж во себеси.
Вековите надмоќ и светско влијание навидум го доживеаја врвот со падот на СССР, кога изгледаше дека западните земји, вредности и цивилизацијата победија во мрачната и тешка војна против комунизмот.
Таа победа беше особено слатка по насочувањето на Кина кон капитализмот, за кое многумина сметаа дека го најавува бавното отворање кон барањата на средната класа за правата на поединците и транспарентно правосудство – според некаков облик демократија. Но, дали прифаќањето на западните вредности е неизбежно? Дали тие, во основата јудеохристијански вредности, се навистина универзални?
Подемот на авторитарниот капитализам им нанесе тежок удар на претпоставките кои најизразено ги застапуваше Френсис Фукујама – дека либералната демократија докажа дека е најсигурен и најдолговечен политички систем.
Со падот на комунизмот „можеби присуствуваме“, пишуваше Фукујама полн со надеж во 1989 година, „на крајната точка од идеолошката еволуција на човечкиот вид и универзализацијата на западната либерална демократија како највисок облик човечко владеење“.
Меѓутоа, кога заедно ќе се согледаат заострувањето на кинескиот авторитаризам, насочувањето на Русија кон реваншизам и диктатура, и кога на тоа ќе се додаде подемот на радикалниот исламизам, победата на западниот либерализам делува празно, а неговите вредности загрозени дури и во западните општества.
Бранот мигранти и сириски бегалци беше дочекан со добредојде во поголемиот дел од Европа, особено во Германија и Австрија, но предизвика и нов страв од сè поголемото влијание на исламот и радикалните исламисти во Европа.
Многу нови сили кои се создадоа со глобализацијата, на пример Бразил, се интересираат за демократијата и владеењето на правото, но не според толкувањето на Западот за кое сметаат дека е проткаено со лицемерие.
Дури и Русија ја застапува својата исклучителност („третиот Рим“), а заради сопствената усовршена претстава за западната цивилизација тврди дека Западот е себичен, декадентен и лицемерен, дека ги штити универзалните вредности, но слободно ги занемарува кога му одговара.
Конфликтот во поглед на вредностите не е ограничен на демократијата. Со отфрлањето на западните либерални вредности за сексуална еднаквост и избор, конзервативната Русија зазема ист став како многу африкански земји и верското учење на исламот, Ватикан, протестантските фундаменталисти и ортодоксните Евреи.
Екстремните толкувања на религијата можат да бидат утешен и инспирирачки одговор на мешаницата на современиот живот и можат да се претворат во непријатели на верските слободи и толеранцијата, забележува Роберт Купер, британски дипломат кој помогна во создавањето европска политика во Брисел и го обработи проблемот на пропаднатите и постмодерни држави во книгата Крахот на нациите.
Краткиот осрвт на антропологијата ни покажува дека „вредностите што ги сметаме за универзални и не се толку универзални“, вели тој.
На пример: „Зборуваме за демократијата како универзална вредност“, вели Купер, „но, кога Италијанките добија право на глас? А црнците на американскиот Југ? Според тоа, нашите мерила се мошне површни.“ (Жените во Италија добија право на глас во 1945 година, а може да се тврди дека сите избирачки ограничувања во САД се укинати дури во 1965 година.)
Кога би можело да се избира, „речиси сите во светот би сакале да живеат во нашите општества бидејќи би живееле подобро и нема да мораат постојано да лажат“, вели Купер. „Според тоа, можеби е погрешно да се зборува за универзални вредности, но општествата што ги почитуваат се универзално привлечни.“
Кина често се наведува како противпример за универзалност на демократријата и човековите права, но таа се разликува по тоа што не се обидува да го шири својот општествен модел во остатокот од светот.
Западниот универзализам е реален, иако натпреварувачки. Советскиот сојуз се обидуваше да ги прошири револуцијата и комунизмот, Франција ја има „Декларацијата за човекови права“, а САД се сметаат себеси за „град на врвот“, светлиник на човештвото. Но, Кина се натпреварува со светот неоптоварена од моралните цели.
Кинеската визија не е универзалистичка, туку меркантилистичка, а Пекинг не го интересира многу преобразбата на светот, колку што го интересира одбраната од глобализацијата. Кина им се спротивставува на западните тенденции и напори да го преобликуваат светот според сопствената слика.
Вилијам Џ. Бернс, раководител на фондацијата Карнеги и поранешен заменик министер за надворешни работи, вели: „Нашата склоност кон проповеди и говори понекогаш нè попречува, но сржта за поотворени демократски системи секогаш е привлечна.“
Таа срж, вели тој, ја прават „широкото сфаќање на човековите права, правото на луѓето да учествуваат во политичките и економските одлуки кои се однесуваат на нив и владеењето на законите кои ги штитат тие права“.
„Почитувањето на законите и плурализмот создаваат поеластични општества, а без нив би било тешко да се сочуваат цели мултиетничките и мултирелигиските општества“, заклучува Бернс и додава: „Тоа е прашање со кое арапскиот свет долго ќе се соочува, додека пропаѓаат старите системи.“
„Демократскиот систем во кој било облик делува пособособен да се соочи со постојано променливите притисоци отколку авторитарната власт. Историјата не се движи странично, туку во многу различни правци и истовремено“, вели Бенрс.
„Стабилноста не е неподвижна.“
Извор: The New York Times, International Report, Број 1, 10.2015