Има ли некој да поразговараме

26.09.2016 11:10
Има ли некој да поразговараме

Сведоци сме на случај кога со официјалните и полуофицијалните пропагандисти на Путин, сакале или не, сепак мораме да се сложиме. Овогодинешниот самит на Г-20 во интерпретацијата на руските медиуми се претвори во претстава огранизирана за еден глумец, Владимир Владимирович Путин. Предминатогодишната австриска бламажа, оној тежок срам кога никој од присутните не сакаше ни на два метри да му се приближи на Путин, овојпат не се повтори. На рускиот лидер сега му се пружа можност барем еднаш годишно лично да поразговара со најважните лидери од светот, и тој годинава таа можност ја искористи докрај. А, тоа што американскиот претседател Обама изрично бараше неговата средба со Путин да не биде снимена (снимката на рускиот новинар е „неофицијална“), беше неважно за руските медиуми. Колку и да не му се допаѓаше, Обама со нашиот национален лидер сепак мораше да преговара. Истото важи и за францускиот претседател и германската канцеларка, при што во меѓународните односи Русија и натаму ужива статус на изоставена земја. Никој не ни помислува на укинување на санкциите.

Треба се признае дека Русија смисли универзален инструмент кој стопроцентно ѝ гарантира излегување од меѓународната изолација. На своите „партнери“ постојано треба да им создава проблеми заради кои тие, заради одговорноста пред своето јавно мислење, никако нема да можат да избегнат средба со Путин. Русија се вмеша во сириската граѓанска војна само за да го натера Обама малку да поразговара со Путин за време на минатогодишната посета на рускиот лидер на собранието на ОН. И таа приказна продолжува. Обама, од кого се бара до крајот на својот мандат да понуди какво-такво решение во врска со сирискиот проблем, со рускиот лидер сега повторно мора да води бесмислени разговори. А, ако и покрај спротивните настојувања на Русија, Хилари Клинтон сепак биде избрана за прва претседателка на САД, таа исто така ќе мора да води вакви разговори.

Лидерите на Франција и Германија мораа да поминат низ истото решето. За да го запрат крвопролевањето во Украина, и Оланд и Меркел на коцка го ставија својот политички авторитет. Летото 2014 година, за време на најжестоките борби во Украина и за време на свечената прослава на 70 годишнината од истоварањето на сојузниците во Нормандија, тие се изложија на ризик и се сретнаа со раководителот на земјата која води „тајна“ војна против земјите сојузнички. Потоа, во „нормандискиот формат“ беа составени и таканаречените Мински договори, чија реализација брзо и успешно е доведена во ќорсокак. Вредните активисти на француската и германската дипломатија потоа ги здружија напорите за да организираат состанок на четирите страни „на маргините“ на самитот Г-20 во Кина, но Путин не се гледаше себеси на истото преговарачко ниво со Порошенко. И токму во тоа време, одеднаш се случи чудниот кримски инцидент со „украинските диверзанти“, што на Путин му даде можност самоуверено да изјави дека „нормандискиот формат“ е веќе потрошен и дека таа преговарачка формула веќе не го задоволува. Имајќи предвид дека оваа изјава ја следеше и ненадејната проверка на општата борбена готовност на комплетните Вооружени сили на Руската Федерација, загриженоста на европските лидери беше целосно основана. Сликата на уште една мала победоносна војна среде Европа изгледаше сосема реално. Канцеларката Меркел и претседателот Оланд побрзаа на состанок со Путин, се разбира, не заедно туку поединечно, грижејќи се да не го понижат Порошенко. И така, Путин ја оствари својата цел: ги исклучи „ситните риби“ од преговарачкиот процес. Сè мора да наликува на Јалта 1945, на оние среќни времиња кога големите држави ја кроеја судбината на малите.

А, тоа што сите преговори со Путин завршуваат без опипливи резултати не би требало да зачудува никого. По последната средба со Путин, Оланд изјави дека „нормандискиот формат“ и понатаму останува на сила. На Путин, на завршната прес конференција божем случајно му се испушти дека „нормандискиот формат“ нема алтернатива. Тој дури изјави дека во рамки на тој формат разговорите со Порошенко никако не можат да се избегнат, а потоа слаткоречиво додаде: „Но, им кажав и на германската канцеларка и претседателот на Франција дека не е важно дали ние ќе се сретнеме или не. Важно е за време на тие средби нашите разговори да се движат во позитивен правец, во правец на регулирање на нашите неразрешени проблеми. Мислам дека е бесмислено да се среќаваме само заради среќавањето, да ги броиме нашите средби и да ги бележиме во некаков бележник. Ми се чини дека никој не го сака тоа“. Меѓутоа, ако може да се забележи, не е договорен датум за средба на лидерите на четирите страни.

Без резултати заврши и последната средба на Обама и Путин. По повод заемните гаранции за обезбедување примирје во Сирија, сите претходни „остри“ несогласувања и понатаму останаа нерешени.

И токму во таа грмушка лежи зајакот: ако се отстранат оние проблеми кои ги создаде Русија само за некој да води дијалог со неа, Москва ќе мора да создава нови. Затоа што, ако нашата цел е само создавање услови за водење дијалог, тогаш и проблемот кој се наоѓа во средиштето на тој дијалог е апсолутно нерешлив. И, на крајот да ве израдувам: тоа истовремено значи дека во блиска иднина нè чекаат нови дипломатски победи. Не е исклучено дека ќе ни појде од рака во рамки на следниот самит на „дваесетмината“ да издејствуваме и состанок на највисоките раководители на Франција, Германија, Велика Британија, САД и Русија и така да му овозможиме на Путин неговиот сон за „новата Јалта“ најпосле да се оствари. Веќе ја гледам и нашата главна надворешнополитичка задача во годината што следи: што побрзо треба да ѝ се приреди некаква гадост на Велика Британија, земјата чија свежа премиерка, како што видоа присутните, неволно му подаде рака на Путин.

06.09.2016

Извор: http://www.ej.ru

ОкоБоли главаВицФото