Новите руски тајни агенти: Вооружени и немарни

30.10.2018 02:35
Новите руски тајни агенти: Вооружени и немарни

Серијалот за доживувањата на руската разузнувачка служба, многу подобро позната по кратенката ГРУ (Главное разведывательное управление), односно по нејзниот официјален назив до 2010 година, од ден во ден сè повеќе се забревтува. Западните правосудни органи и нивните контраразузнувачки служби со немилосрдна доследност во речеиси еднакви временски периоди ни објавуваат строго дозирани информации. А потоа, по секоја епизода замолчуваат и како малку отстрана набљудуваат како ќе се однесуваат осомничените и нивните налогодавци, со какви глупости ќе се обидат да се бранат. Истовремено, како камен фрлен од планина, секоја следна информација предизвикува лавина на новинарски истражувања кои дејноста на руските армиски специјални служби (не би се дрзнал оваа дејност да ја наречам разузнувачка) – ја чинат сè пообемна.

По две очигледно координирани прес конференции на двете страни на Атланскиот океан, одржани истиот ден (4 октомври, 2018 година), покрај веќе откриените имиња и звања на трујачите од Солзбери, ги дознавме и имињата на неколкумина „наши“ борци од тој невидлив шпионски фронт. Едната прес конференција ја одржаа американските обвинители, а втората, холандската воена контраразузнувачка служба. Беше објавено дека во април оваа година четворица наши агенти престојувале во Холандија со задача да пронајдат „дупка“ во бежичната компјутерска мрежа на меѓународната Организација за забрана на хемиско оружје (OZHO), со седиште во Хаг. Имено, OZHO токму во тоа време се занимавала со анализирање на податоците во врска со труењето на Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија, како и со истражување на доказниот материјал за примената на хемиско оружје во Сирија.

Се разбира, на руското раководство му било крајно неопходно да дознае колку истражните органи се блиску до откритието на трујачот од Солзбери и неговите наредбодавци. Според мислењето на холандските правосудни органи, следна цел на руските оперативци ќе биде истражувачкиот центар во швајцарскиот град Шпиц каде, исто така, биле вршени анализи на британските материјални докази во врска со руската трујачка акција во Солзбери.

За да разбереме и оцениме колкаво значење Москва ѝ даде на оваа акција, треба да се обрне внимание на датумите. На пример, холандските власти на 13 април им ја заплениле опремата и ги депортирале од Холандија руските разузнувачи. А веќе следниот ден, на 14 април, првиот човек на министерството за надворешни работи, Сергеј Лавров побрза на светот да му го објави сензационалното откритие: „Согласно податоците кои по тајни канали ни стигнаа од Шпиц, Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија биле отруени со супстанца со продолжено дејство од типот BZ, боен отров кој не се произведува во Русија“. А каква улога во сето ова имала нашата ударна група хакери од GRU, останува само да погодуваме.

Според податоците кои ги објави министерството за правда на САД, истите припадници и воени единици регистрирани под оперативниот број 26165 од почетокот на 2014 година до мај 2018 година не само што влијале врз американските претседателски избори, туку и организирале хакерски напади на антидопинг агенциите и организациите како што се WADA (Светска антидопинг агенција), USADA (антидопинг агенција на САД), Спортскиот арбитражен суд (CAS), Меѓународната асоцијација на федерации на лесна атлетика (IAAF), FIFA, како и напади на уште 34 организации. Агентите на руската разузнувачка служба, меѓу другите, го „хакнале“ и серверот на компанијата „Westinghouse“, која ги снабдува со гориво нуклеарните електрани во Украина.

Нашите момци не знаеле за одмор. Алексеј Моренец и Јевгеније Серебрјаков, двајца наши сајбер борци кои беа неодамна уапсени во Хаг, за време на Олимписките игри во 2016 година престојувале во Рио де Жанеиро. Според тврдењата на американското министерство за правда, тие тогаш успеале да пробијат во заштитената база на податоци ADAMS, сместена во седиштетот на Светската антидопинг агенција WADA. Исто така, им успеало да влезат во личните налози на вработените во Антидопинг агенцијата на САД и да соберат „компромитирачки“ податоци за дозволи за користење забранети препарати кои американските спортисти ги користеле во натпреварите.

Овде се наметнува прашањето: Како овие превејани познавачи на високите компјутерски технологии дозволиле толку лесно да бидат фатени? Тоа што по трујачите од Солзбери речиси се влечеа падобранци донекаде  е разбирливо. Тие момчиња се диверзанти, тапо облечени за да по секоја цена ги извршуваат своите борбени задачи без многу размислување за можните последици. Но суперхакерите сепак би морале да знаат дека современите компјутерски технологии им овозможуваат на противнички контраразузнувачки служби да следат кого било. Како е можно тој уапсен Моренец да ја сочувал сметката за такси возилото што го возело од зградата каде што е сместена воено разузнувачката служба на Русија до московскиот меѓнароден аеродром Шереметјево и тоа со датумот на поаѓање на неговата последна задача во Холандија. Или уште полошо, кому му паднало на памет да регистрира 300 приватни автомобили на своите службеници на адресата на седиштето на воената разузнувачка служба?

Очигледно е дека последните неколку години, поточно по „кримската пролет“, највисокото раководство на државата прилично се занело и со радосен ентузијазам се фатило за работа околу организирање на тајни операции, таканаречени активни потфати во сферата на разузнувачката дејност. Така, руската воена разузнувачка служба е претворена во банален инструмент на надворешната политика на државата. Накратко, сè е измешано. Не се знае веќе каде се завршува работата на воената разузнувачка служба, а каде почнува работата на Сергеј Лавров. Какви реални врски би можеле да имаат одбраната на земјата и американските претседателски избори, уште некако и би можело да се објасни. Иако, ќе признаете, со многу фантазија и прилично натегнато. Но повеќе од сигурно е дека сите тие шпионски игри околу антидопинг агенциите не можат, па дури и не смеат да имаат никаква врска со воената разузнувачка служба.

Може да се претпостави дека енормното зголемување на бројот на различните задачи во воено – разузнувачките служби довело до невидено зголемување на бројот на „работни места“. Очигледно е дека далеку зад нас се оние времиња кога за задачи на илегалци биле избирани луѓе кои потоа строго индивидуално биле обучувани за овој вид работи. А како резултат на тоа имаме офицери диверзанти, обучувани во Воено – дипломатската академија на министерсвото за одбрана на факултетот за воени разузнувачи, кои одненадеж се појавиле во Солзбери.

Што се однесува до ударниот одред на воинствени хакери, се сомневам дека некој некогаш ги учел на строго почитување на процедурите и на основните правила на работа во услови на тнр. илегала. А не треба да се заборави и исцрпеноста на агентите кои речиси секојдневно се изложени на напорот да решаваат огромен број задачи. На нивните наредбодавачи, очигледно толку им се брзало што не им давале ниту да дишат. И како резултат на тоа го имаме современиот руски Штирлиц, кој е вооружен до заби со најнова компјутерска техника, а истовремено е непростливо немарен.

Извор: Ежедневный журнал

 

 

ОкоБоли главаВицФото