Песна за мојата песна

09.04.2010 09:04
Љубојна

На македонската музичка сцена, веќе подолго од една деценија, може да се забележи еден музички тренд кој горе-долу постојано осцилира околу една тенка црвена линија за која несомнено може да се каже дека го претставува нашиот традиционален мелос.

Ваквата практика, меѓутоа, воопшто не е нова, ни во Македонија, а богами ни во светот, туку е сè позачестена во последно време, па така, зборувајќи за нашата земја, доволно е да се земат предвид неколку имиња кои уште во осумдесеттите и деведесеттите го исполнуваа скромниот македонскиот етер за истото да се докаже. Сетете се на Мизар, Леб и Сол, Анастасија... и сè станува јасно. Исто така, ако се погледне во поблиското музичко минато, подобро би ни било да го затнеме едното уво, зашто никогаш не се знае кога ќе ја чуеме оваа или онаа преубава македонска песна како излегува од некое распарано грло. За среќа, ситуацијата не е до толку црна, па на сцената доследно се појавија млади и постари ентузијасти, надежни, а и докажани музичари, кои до некаде ја вадат таквата ситуација од темниците во која западнала.

Карактеристично за ваквите музичари под нашето поднебје е тоа што иако истите своите бардаци со инспирација ги полнат на еден ист извор, сепак, „водата“ која на крај ја вкусува слушателот, секогаш е различна, што значи дека крајниот производ, нормално, е алтериран од самиот пренос. Овие бендови кои, се разбира, варираат во својот состав, својата иновативност ја покажуваат во интерпретација на, како што кажавме, едно веќе создадено творештво. Се разбира, оние кои не го прават тоа и служат само како „медиуми“ на едно време, не прават ништо повеќе од оние „тезга – бендовите“ кои ги слушаме по ноќните клубови. Секако, радува фактот што одредени музичари како Драган Даутовски, Љубојна, Синтезис, Фолтин и ред други, не застанале онаму каде што завршува иновативноста на една преработена песна, туку продолжиле и понатаму да создаваат традиција и песни кои несомнено еден ден ќе бидат поставени на еднакво рамниште со оние постарите. Исто така, интересен е податокот што мелосот не е единствената состојка која е искористена од музичарите, туку сè повеќе тука се вклучува и поезијата. Самите бевме сведоци како стиховите на Конески и Рацин, преку прекрасната интерпретација на момците од Фолтин, станаа една проста и строга љубовна химна на многу млади луѓе ширум земјата.

А доказ дека црвената и црната нишка навистина знаат да дадат убав плет е и новиот албум на Љубојна, инспириран од безвремените стихови на еден од великаните на македонската книжевност Петре М. Андреески, наречен „Песна за мојата песна“ .

„Составот Љубојна, кој најавтентично го пренесува пулсот на македонскиот мелос, го темели творештвото не само на сопственото слегување до „изворот“, туку и длабоко навлегува во она што се нарекува современа звуковност. Станува збор за македонска музика од 21-от век, со сета нејзина страст, ентузијазам и енергија. Елегантна музика со жесток ритмички пулс. Допирајќи се до различни музички стилови, втемелена врз македонскиот бит, музиката е изговорена како универзален музички јазик, според антрополошкиот и космополитски код кој го носи во себе.

Љубојна е кованица од два збора: љубов и бој, истовремено антагонисти и љубовници. Музиката, пак, длабоко во себе европска, а со манири и влијанија од Исток, создава една мешавина од слатко–солени вкусови и префинетост од чувства што нишаат и носат во радосна тага. Заживеана и поделена на двете страни од Виа Игнација, меѓу Исток и Запад, Љубојна пее за некогаш и денес, за неповторливо оригиналниот, вистински и отсекогаш модерен бит.“

Албумот „Песна за мојата Песна“ издаден во 2009 година, беше пречекан од критиката и публиката како обид и сериозен, здрав исчекор на бендот во водите на современата македонска музика. Во ова музичко парче можат да се сретнат цел грст стилови кои умешно се прелеваат едни во други.

Честа да го отвори албумот, исто како и во „Дениција“, ја има „Песна за мојата песна“. Ритамот на оваа песна е мошне интересен и може да се каже дека содејствува со енергијата на поезијата, додека, пак, гласот на Вера Милошевска нежно се тркала врз неа. Меѓутоа, сето ова се менува кон средината на песната, па така, во моментот кога започнува рециталот, се чини како Вера да губи контакт со песната и наеднаш сè наликува како таа за прв пат да среќава со текстот, па делот каде што таа рецитира изгледа како да е таму само заради што мора да е таму. Во песната исто така се внесени и детски рецитали и некои мали скречови, кои што јас сметам дека се сосема непотребни. Еден вид „експеримент“ е направен и со песната „Кај ме сретна“, каде што можат да се забележат звуци кои, ни повеќе ни помалку, наликуваат на психотични звучни пораки кои го одвлекуваат вниманието и кои иако можеби одговараат на поезијата, во никој случај не се тука за да го поддржат пеењето на Вера.

Меѓутоа, и покрај овие две „грешки“,остатокот од албумот Љубојна го создале со најголема умесност и мајсторија, па така, исто како кога ја читате „Ти реков и ми рече“, така и овде, ритамот совршено ја диктира расправијата и инаетот на „завојуваните страни“, а брзината се чини како да ја слика реката која тргнала да оди нагоре наместо надолу. Во остатокот од албумот се чини како посебно да се истакнуваат двете мелодии наречени : „Поплака за себе си“ и „Отаде и Одаде“. Во овие две песни Љубојна се јавуваат во вистинското светло, како бенд кој добро ја познава музиката и поезијата на душата. Тивките и нежни мелодии, се чини, како да живееле со години во белото грло на Вера, и кога ги слушате навистина се чини дека љубовта почнува да струи околу вам. Остатокот од албумот, кој го сочинуваат седум песни, горе-долу, варира во овие граници.

Составот Љубојна, покрај овој, има уште два албума. Првиот, издаден во 2005, е наречен "П.С.О." или “Парите се Отепувачка”, направен според драмата на Ристо Крле. Вториот албум „Macedonia Fresh“ е снимен во живо на фестивалот „Балкански плоштад“ на 6 август 2006 година. Љубојна исто така имаат изработено бројни проекти, а меѓу последните се: Оригинална музика за документарен филм "Tobacco Girl" во режија на Билјана Гарванлиева, како и оригинална музика за анимираниот хорор-фим „Вистинската приказна за Хансeл и Гретeл“, во режија на Гоце Цветановски.

На 10 април Љубојна ќе одржи целовечерен концерт во Универзалната Сала.

ОкоБоли главаВицФото