1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
На секој нормален човек денес му е јасно дека власта на Груевски е клептократска до својата срж. Крадењето на јавните добра – јавните пари пред сè, но и националните блага и ресурси – со злоупотреба на политичката моќ е суштината на македонската преродба. Клептократската власт е по дефиниција авторитарна, зашто злоупотребата на државниот апарат за партиски цели – всушност, окупирањето на државата од страна на партијата на власт – е основниот функционален предуслов што ги обезбедува неопходните околности во кои една политичка врхушка може несметано да се богати на сметка на целата нација. Клептократијата е всушност Ахиловата пета на современите држави на либералниот капитализам, зашто сојузот помеѓу политичката и капиталистичката елита е природно поtтикнуван од алчноста за моќ и пари, што е вградено во самиот онтолошки и мотивациски фундамент на капиталистичката држава. Поделбата на луѓето на богати и сиромашни со зголемување на богатството на малкумината на сметка на сите останати е структурно својство на либералниот капитализам, поради што на клептократијата не ѝ треба да испука ни куршум за да го престори демократското општество во авторитарно. За да прејде од формата на капиталистичка демократија во формата на капиталистичка автократија на една несреќна држава ѝ е потребно само да дозволи партијата на власт да го злоупотреби своето мнозинство за да завладее со сите три власти – законодавната, судската и извршната, а доколку се работи за популистичка партија што проповеда преродба, само еден чекор ја дели демократијата од фашизмот.
Ужасот на клептократијата е што таа се „финансира“ на ист начин, со истите средства како и капиталистичката демократија, со собирање на таканаречените јавни пари преку даноци, такси, јавни давачки и глоби, и, се разбира, по пат на контрола на нивната дистрибуција. И, додека во нормалната демократија во која функционира поделбата на власта и институционалните самоконтролни механизми, државата функционира како сервис на граѓаните и ги редистрибуира јавните пари во развој на општите добра, клептократијата го насочува општонародниот капитал, селективно и коруптивно, директно во рацете на политичко-корпоративната врхушка. Јавниот долг во оваа гнасна игра ја игра можеби најмистификуваната и најнеморалната ролја. Што е јавен долг? Тоа е долг на владата на една држава кон надворешните или домашните заемодавци. Тој долг се јавува како резултат на политиката на трошење од страна на власта повеќе отколку што успева да собере преку јавните давачки од граѓаните и од стопанските субјекти во земјата. И, бидејќи јавните давачки се единствениот законски извор на приходи на државата со кој се исплаќаат јавните долгови, владата низ јавниот долг од своите граѓани практично го затскрива нелегалното зголемување на давачките. Така, со секое јавно задолжување владата ги задолжува единствено граѓаните и, доколку има непрогресивни „рамни“ даноци (какви што се во вечна Македоња), отплатата на долгот рамномерно ја распределува на сите граѓани. Од друга страна, редистрибуцијата на позајмените пари клептократската влада ја насочува на капиталистичката елита, на малкуте корпорации што се „сраснати“ со политичката власт, и на тој начин истовремено го зголемува и нивното богатство и сиромаштијата на најголемото мнозинство граѓани. Ако оваа моја немушта, елементарна и досадна политичко економска анализа за „тупаци“ ве приспива, почитувани читатели, во следниве пасоси ќе видите како таа во реалноста се претвора во возбудлив трилер. Следете ме внимателно.
Да анализираме што се случува со политиката на зголемување на јавниот долг, особено во случаите кога тоа го прави неодговорна и криминална влада каква што е нашата. Првин, надворешниот долг. Задолжувајќи се само за да се одржи на власт, клептократската власт првин го дистрибуира од странство позајмениот капитал за одржување на неопходното ниво на јавна потрошувачка (плати на државните и јавните служби и пензиите), со што го купува социјалниот мир, а потоа, ја финансира својата корпоративистичко-фашистичка елита, која со тој капитал загосподарува со сè поголем дел од националното богатство (капитал, стопанство, земја, градежен фонд). Поради таквата непродуктивна дистрибуција на задолжениот капитал, набргу единствениот извор на пари за отплата на долгот е ново задожување. Така се создава „зол круг“ на сукцесивни задолжувања кој неминовно води кон банкрот на државата. Бидејќи банкротот не им се исплати ниту на надворешните заемодавачи, ниту на домашните клептократи – тоа автоматски би значело престанок на отплќање на долгот за првите и паѓање од власта на вторите – суперзадолжената држава влегува во „грда бесконечност“ во којашто постојат три константи: губиток на сувереноста, економско ропство на населението и продажба на сите јавни имоти и ресурси за отплата на каматите. Се разбира, ниту една од овие ужасни реалности нема да им наштети на политичките клептократи што ја доведоа земјата во таква положба, туку „само“ на сите останати граѓани.
Судбината на внатрешниот долг е уште поинтересна. Бидејќи внатрешниот долг останува во „границите на семејството“, неговиот зол механизам уште повеќе ја нагласува криминалната суштина на клептократскиот систем. Тука основниот принцип е како и кај надворешниот долг – се задолжуваат сите граѓани, а капиталот го делат неколкумина - па покрај кражбата и зголемувањето на нееднаквоста, јавниот долг добива сосем невообичена функција – станува механизам за перење пари со добивка! Внатрешното задолжување клептократската влада најчесто го изведува со издавање обврзници, што практично претставуваат гаранции дека владата ќе им ги исплати на кредиторите доспеаните обврзници со камата. Е, сега, дали се прашувате, почитувани читатели, кој во клептократијата го поседува капиталот што може да ѝ го зајми на владата? Тоа е истата корпоративистичко-фашистичка врхушка што го присвојува лавовскиот дел од „капиталните инвестиции“ на клептократската влада и од коруптивно присвоениот капитал од надворешните задолжувања. Таа ѝ го позајмува украдениот капитал на владата и на тој начин го „пере“ на најефикасниот начин под небеската капа: наместо да ги плаќа трошоците на перењето – како што прават обичните криминалци – владата парите ги враќа „во семејството“ повторно од јавните народни пари: легални, испрани и зголемени за камата!
Од оваа клептократска неолибералистичка дистопија следуваат неколку последици што – и без стручни познавања на мистификуваните текови на капиталот - можат да се забележат во реалноста на библиската земја. За нив пишува и Светото писмо, во Книгата мудри Соломонови изреки, 22.7: Богатиот владее над сиромавиот, и должникот станува роб на заемодавецот. Треба ли да додаваме нешто на Соломоновите мудрини? Можеби неколку детали. На пример: Колку што повеќе ќе го задолжи својот народ, толку е посилна подршката што автократот ќе ја има од заемодавците. Или: Колку што е поголем надворешниот долг, толку повеќе кредиторите ја ценат стабилноста во задолжената земја и сатрапската ефикасност во оданочувањето на населението. Ве потсеќа ова на нешто познато?
Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња