Тетово загадено 18 пати над дозволеното, Лисиче 14!

28.12.2015 02:20
Тетово загадено 18 пати над дозволеното, Лисиче 14!

Ноќта меѓу средата и четвртокот мерните станици насекаде покажале зголемени концентрации на опасните ПМ 10 честички во воздухот, а најзагаден повторно бил воздухот во Тетово и во Лисиче. Во Тетово, во еден период од ноќта, биле измерени речиси 900 микрограми ПМ 10 честички на еден кубен метар воздух, што значи алармантно високо ниво на загадување. Среднодневната концентрација на дозволено загадување, пак, е 50 микрограми, што значи дека во еден момент концентрациите биле 18 пати повисоки од максимално дозволените. Во Лисиче, ноќта биле измерени 700 микрограми ПМ 10 на кубен метар воздух, или 14 пати повеќе од дозволеното среднодневно ниво. Високо ниво на загадување имало и во Битола 10 пати над дозволеното, во Кавадарци 7 пати, во Кичево 6 пати.

„Секојдневно се зголемува бројот на болни од болести на дишните патишта. Амбулантите се полни. Според Светска банка, Македонија е на самиот врв по годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух, односно од канцерогените честичките што предизвикуваат рак. Во Македонија има 1.350 смртни случаи годишно предизвикани од болести на дишните патишта и рак“ - реагираше вчера СДСМ.

Оттаму потенцираа дека „за споменици Никола Груевски потроши повеќе од 630 милиони евра, а цели 10 години проблемот со огромната загаденост на воздухот што ги труе граѓаните нема решение“.

СДСМ бара да се воведе субвенција за јавниот градски превоз, која ќе важи за сите во зимските месеци, да се престане со сечењето дрвја преку ноќ и да се воведат грантови за инсталирани соларни панели, за изолација на објекти и инсталација на енергетски ефикасни апарати.

Со вчерашниот ден, Тетово има 336 дена загаден воздух и е град со рекорден број загадени денови во Македонија. Лисиче досега било загадено 147 дена, а Центар 109 дена.

Граѓанската иницијатива „Скопје смог аларм“ најавува дека в понеделник пред Владата ќе се организира голем протест поради неприменување мерки со кои ќе се намали загаденоста. На собирот, како што е најавено, ќе се приклучат и активисти за заштита на животната средина од Тетово, од Битола и од други градови.

Министерството за животна средина препорачува кога има 5 последователни денови со среднодневни концентрации на ПМ10 поголеми од дозволените, да не се користат автомобилите, освен кога мора и да се користи јавниот превоз и да се користи чисто гориво за затоплување.

Пет дена вакви концентрации, според вчерашниот аларм на Министерството за животна средина, веќе се надминати на мерните места Кичево, Кочани, Миладиновци, Лисиче, Гази Баба, Центар, Велес 2, Битола 1, Битола 2, Тетово, Ректорат и Кавадарци.

Загадувањето ги преполни автобусите

Вчера во Скопје, иако не беше ден кога е бесплатен превоз за пензионерите, во утринските часови имаше огромни турканици во автобусите. Граѓаните се обидоа да се заштитат од густата магла, комбинирана со висока концентрација на загадени честички, но капацитетот на автобускиот превоз не дозволи тие да можат нормално да застанат во автобусите.

Граѓански иницијативи, но и експерти за животна средина, во повеќе наврати потенцираа дека без зацртани долгорочни мерки, кои треба да почнат веднаш да се спроведуваат, не може да се ублажи проблемот на загадувањето. Меѓу наведените мерки е и зголемување на бројот на автобусите, изградба на трамвајска линија во Скопје и воведување јавен превоз во поголемите градови.

Извор: Слободен печат
Слики: Владимир Лукаш