Приватизирање на образованието

19.01.2016 12:39
Приватизирање на образованието

Образованието е неопходен дел од модерниот економски напредок, но и покрај тоа во последните децении политичката десница упорно е непријателски насочена кон јавното образование. На пример, донацијата од семејството Волтон од 20 милијарди долари, наменета за помош на конзервативните цели, тежнееше кон приватизација на јавното образование. Десницата изразува бројни приговори за јавното образование. Некои верски конзервативци се бунтуваат дека јавното образование е во спротивност со нивните најмили теолошки верувања. Најпознати примери за јавноста се сексуалното образование и јазот помеѓу научното објаснување на еволуцијата и фундаменталистичкото религиско верување за Божјото создавање на светот.

Финансиската заедница се надеваше на основање организации за едукативна поддршка, чиј назив треба да сугерира дека училиштата кои ќе бидат насочени кон заработка подобро ќе успеваат на пазарот на образованието, што наликува на организациите за поддршка на здравството, кои преземаа голем дел од здравствената нега во Соединетите Држави. Со оглед на поразителната репутација на овој вид организации, промотерите на приватното образование, имајќи ја предвид недовербата на јавноста, стратешки ги преименуваа организациите за поддршка на образованието во организации за раководење со образованието.

Јавното образование беше подеднакво привлечна мета и за политичарите кои ентузијастички ги освојуваа симпатиите на своите избирачи изразувајќи длабока загриженост за запоставените деца. Истите деловни и политички лидери кои цинично ја осудуваат бедната состојба на јавното образование се многу одговорни за проблемот кој сега бараат да се реши со приватното образование. Безобѕирно го измачуваа јавното образование лишувајќи го од потребната поддршка. Некои тоа и понатаму го прават веселејќи се.

Бидејќи училиштата кои ги посетуваат црнците вообичаено се полоши од оние кои ги посетуваат имотните белци, разбирливо е дека многу црнци ја загубиле довербата во јавниот образовен систем и дека приватизацијата на образованието за некои од нив е привлечна. Иако сегрегацијата е противуставна во Соединетите Држави, и понатаму срамно е вообичаена во училиштата. Поделбата е повеќе економска отколку расна, но црнечката популација вообичаено е концентрирана во сиромашните краишта. Јавните училишта многу зависат од оданочувањето на месните поседи, а бидејќи училиштата во кои учат сиромашните главно се сместени во подрачјата со поседи со ниска вредност, сиромашните деца ретко добиваат исти образовни можности како децата од имотните семејства.1

Така, на пример, во 1989 година Чикаго потроши околу 5 500 долари за секој ученик во средно училиште, додека во најтрошните предградија на северот таа сума изнесуваше околу 8 500 до 9 000 долари за секој средношколец. Во Њујорк, во текот на 1986 и 1987 година, во предградијата со повисока средна класа на Лонг Ајленд (Манхасет, Џерико и Грејт Нек) финансирањето по ученик изнесуваше 11 300 долари; 6 400 долари во предградието Маунт Вернон во кое мнозинство е работничката класа; и 5 600 долари во њујоршките јавни училишта каде се позастапени малцинствата. Три години подоцна износите беа 15 000, 9 000 и 7 300 долари. Иако размерната промена е еднаква, севкупната промена беше поволна за богатите окрузи.2

Дури и кога сиромашните градски училишта во рамки на одреден школски округ би биле подеднакво финансирани, тие и понатаму би морале поинаку да ги трошат своите ресурси. Училиштата кои ги посетуваат сиромашните ученици имаат поголеми потреби за посебно образование, советување, осигурување и слично. За нештата да бидат полоши, бидејќи одржувањето настава во сиромашните училишта често бара повеќе од одржувањето настава во училиштата од поимотните окрузи, многу поискусните наставници повеќе сакаат да предаваат во училиштата од предградијата, оставајќи ги сиромашните училишта со поголем удел послабо квалификувани наставници. На пример, многу е веројатно дека наставниците во училиштата кои во поголем дел се посетени од малцинствата да немаат постдипломско образование. Повисоките плати би можеле да привлечат поквалификувани наставници во тие училишта, но такво финансирање никаде не наѕира.3

Вообичаено, училиштата во предградијата се понови, додека училиштата во внатрешноста од градот и, во помала мера, селските училишта често се во запуштена состојба. Според тоа, сиромашните школски окрузи се соочуваат со повисоки трошоци за управување со самите објекти отколку поимотните училишта од предградието. На пример, Главното сметководствено биро во својот извештај за Конгресот констатираше дека „една третина од 80 000 јавни национални училишта се во толку лоша состојба што 14 милиони деца кои ги посетуваат се сместени во несоодветни и несигурни услови.“4 Џонатан Козол опиша мошне екстремен случај: во средното училиште Мартин Лутер Кинг Јуниор во Ист Сент Луис во Илиноис, канализацијата постојано се враќала во училиштето, и тоа во местото за подготовка на храна.5

Во Калифорнија, државата која често е поистоветувана со вечна благосостојба, многу ученици имаат ужасно ограничени можности. Американската унија за цивилни слободи поднесе тужба на Williams et al. против државата Калифорнија (1999) во која се наведува:

На многу ученици им недостасуваат какви било учебници. Други ученици мораат да се потпираат на нечитливи и нецелосни фотокопии кои им ги даваат наставниците, кога и ако наставниците имаат време и лични средства за фотокопирање (...). Понекогаш три или четири ученици делат една книга без можност да ја однесат дома за домашна задача (...). Понекогаш само 13 проценти од наставниците се потполно квалификувани за одржување настава (...). Некои калифорниски јавни училишта (...) едноставно не обезбедуваат доволно основен прибор како што се моливи, боици, хартија и ножици.

Овие образовни нерамномерности се недозволиви. Наместо веднаш да се соочи со нееднаквостите, државата со години ги трошеше оскудните ресурси на парница.

И покрај сето наведено, на децата на сиромашните им недостасува практично секоја замислива поволност. Сиромашните деца често растат во тешки семејни околности, имаат послаба исхрана и страдаат од сериозни здравствени тешкотии, вклучувајќи труење со олово кое влијае на менталните способности.6 Нивниот социјален капитал и нивните примери во голем дел потфрлаат во однос на имотните деца. За децата кои растат со пречките на сиромаштијата, одат во осиромашени училишта и практично не добиваат никаква поддршка, малку е веројатно дека ќе развијат такви вештини кои ќе ги награди легалниот пазар. Очигледно е дека вообичаените патишта до успехот тешко ќе им бидат отворени.

Еден едноставен психолошки инструмент покажува длабоки нееднаквости вградени во образовниот систем. Неколку психолози на наставниците им дале резултати од тестирање кое наводно предвидело кои ученици „доцна ќе процветаат“. Тестирањето се покажало точно, но тестирањето не било спроведено. Наместо тоа, психолозите ги избрале учениците по случаен избор. Наставниците ги прифатиле тие резултати, што силно влијаело на начинот на кој се однесувале кон своите ученици. За возврат, учениците позитивно реагирале, што помогнало да се дојде до успех во образованието, освен за повеќето ученици за кои не бил предвиден успех.7

Класното потекло создава нешто аналогно во фиктивното тестирање кое наводно ги мерело детските способности за напредок во блиска иднина. Наставниците веднаш ги препознаваат стигмите во животот на пониската класа кај своите ученици, особено ако децата што им се доделени за грижа не се белци. Наставниците имаат малку причини да очекуваат дека таквите деца ќе успеат. Најпосле, релативно малку такви деца успеале во минатото. За возврат, децата веројатно ќе се однесуваат во согласност со наставничките ниски очекувања, потврдувајќи го она во што наставниците постојано верувале.

Дури и успесите, како оние што произлегуваат од експериментот „доцна процветани“, можат да бидат само привремени. Потресната книга на Херберт Кол 36 Children зборува за дарежлив наставник кој го препознал потенцијалот на учениците и ги инспирирал да станат брилијантни. Потоа, остатокот на образовниот систем настојувал да го уништи детскиот успех, правејќи ги можеби полоши отколку што биле, постојано да бидат предодредени за неуспех.8

Критичарите на јавното образование го игнорираат изгубениот потенцијал на младите луѓе уништени од таквите нееднаквости; наместо тоа тие го критикуваат образовниот систем заради надуените административни структури кои не се трудат да го промовираат образованието. Никогаш не споменуваат дека бескрајното изобилство мандати е одговорно за голем дел од таа административна бирократија.

На пример, декретот со циничен назив No Child Left Behind бара училиштата да трошат прекумерни количини пари за тестирања. Се проценува дека годишно за тестирања се трошат 400 милиони долари. (9) Заради глобите со кои се соочуваат училиштата заради слабите резултати од тестирањата, училишните системи и немаат друг избор освен да потрошат уште повеќе пари за услуги кои би требало да ги поправат резултатите од тестовите. Парите потрошени за тестирање на сомнителните вредности лесно би можеле да се потрошат на попродуктивни активности.

Меѓутоа, од друга перспектива, ова пренасочување парични средства во непродуктивни канали е добредојдено. Со одвраќањето на училиштата од образованието, нагласокот на тестирањата го поткопува јавното образование и дополнително ги зајакнува оние кои бараат целосна приватизација.

Со оглед на катастрофалните услови на јавното образование за сиромашните, конзервативците побожно ја повикуваат приватизацијата без какви било најави дека, кога еднаш ќе ја остварат својата цел, на својата победа ќе го надоврзат зголемувањето на даноците кои се доволни на новиот систем да му пружат можност да функционира. Тие политичари наместо тоа се преправаат дека замислената заштеда, наводно овозможена од врвната менаџерска ефикасност на приватното работење, ќе биде повеќе од доволна за финансирање на напредокот на образованието – ветување слично на она кое го даваат заговорниците на организациите за поддршка на здравството.

Другите промотори на приватизираното образование уживаат во тактичката можност да создадат раздор помеѓу црнците и наставничките синдикати, чии членови редовно гласаат за демократите. Во одговорот на прашањето: „Како го избирате проблемот околу кој ќе се ангажирате или кој би ѝ го препорачале на Републиканската партија за да се вклучи?“, Гровер Норквист, водачот на Американците за даночна реформа и еден од највлијателните стратези на Републиканците во Вашингтон, изјави:

Дали тоа прави раздор кај левицата? Изборот на училиштата директно во срце ја погодува Демократската коалиција и ги одвлекува луѓето од неа. Прави раздор кај левицата бидејќи наставничките синдикати се на една страна, а сите родители на сиромашни деца на друга, и тоа го тера Бил Клинтон да избира меѓу сиромашните родители и наставничките синдикати.10

Барбара Мајнер цитираше бројни други водачи и организации од десницата кои ги рефлектираат ставовите на Норквист, вклучувајќи го и Тери Мо, постар член во конзервативната институција Хувер и коавтор на книгата Politics, Markets, and America’s Schools:

[Проблемот се сведува на] прашањето на моќта (...). [Националното здружение за образование и Американското здружение на наставниците] имаат многу пари за донации за кампањи и лобирање (...). Исто така, имаат силно влијание на изборите затоа што имаат многу активисти во рововите во сите политички окрузи (...). Ниедна друга група не може да предизвика таков вид географски изедначени политички активности. Тие се насекаде. [Училишните ваучери се начин да се намали таа моќ.] Можноста за избор на училишта за децата и парите им овозможува да го напуштат системот, а тоа значи дека ќе има помалку наставнички места во јавните училишта, помалку членови во синдикатите и помалку членарини.11

Не изненадува тоа што „конзервативните фондации кои исто така ги поддржуваат ваучерите, кои се финансирани со парите на даночните обврзници, за ученици од приватните и делумно приватните училишта, кои функционираат независно од традиционалните училишни окрузи и нивниот надзор“, почнаа да ги финансираат ривалските наставнички организации, како што е Конференцијата на образовни работници од Алабама.12

Поддржувачите на приватизацијата на образованието инсистираат дека училишните ваучери кои на учениците им овозможуваат да купат образование на слободниот пазар, ќе ја укинат нееднаквоста во образованието. Меѓутоа, ако успее гамбитот на десницата да го финансира образованието преку ваучери, дискусијата брзо ќе се промени. Прв чекор ќе биде испитување на имотната состојба на барателите на помош, што значи дека луѓето кои заработуваат повеќе од определениот износ веќе нема да бидат прифатливи. Во тој процес образованието ќе биде редефинирано како посебно право, токму како и другите социјални програми. Програмите за сиромашните неизбежно стануваат сиромашни програми. Наскоро даночните обврзници ќе се бунтуваат затоа што ќе мораат да ги финансираат оние што не го заслужуваат тоа; ќе бараат школите да го укинат своето „расипништво“. Како последица, политичарите ќе ги ослободат богатите од многу даночни обврски за поддршка на образованието, додека сиромашните ќе доживеат понатамошна деградација на своите образовни можности.

Приватизацијата ќе го зголеми профитот на корпорациите кои ги финансираат конзервативните иницијативи, истовремено внесувајќи раздор помеѓу оние кои најмногу страдаат од моменталниот систем, и наставничките синдикати, како што забележаа Гровер Норквист и Тери Мо. Наставничките синдикати се противат на приватизацијата на образованието од повеќе причини. Се сомневаат дека државата ќе може да врши надзор и да го контролира квалитетот на приватното образование. Приватните училишта ќе бидат во предност да ги избираат само најдобрите, исклучувајќи ги учениците со посебни потреби и барања. Бидејќи јавните училишта ќе мораат да го образуваат поголемиот дел од децата со физички и емотивни проблеми, ќе им биде тешко да го достигнат нивото на резултатите од приватните училишта, освен ако последниве не се покажат како сосема неспособни. Најпосле, иако наставниците веќе се премалку платени, приватните училишта ќе бидат ослободени од синдикалните договори и ќе бидат во можност да ги направат многу помалку поволни условите за вработување. За работниците на работните места за одржување, како што се домарите, преминот кон приватни работодавачи ќе биде уште понезгоден.

Кога наставничките синдикати нагласуваат дека наставниците ќе страдаат економски од таквите промени, десницата ги прикажува наставниците како уште една интересна група која ги става сопствените себични барања пред потребите на сиромашните, особено црните, ученици кои им се доверени. Се разбира, наставниците се многу малку одговорни за нееднаквостите во системот на јавното образование, но десницата беше многу успешна во прикажувањето на наставничките синдикати како државни непријатели. Таа реторика достигна такво ниво што на 23 февруари 2004 година, министерот за образование Род Пејџ отиде толку далеку што наставничкото Национално Здружение го нарече „терористичка организација“.

Во тие дискусии останува изгубен жалниот факт дека ниедна голема политичка партија не изгледа подготвена да му притрча на помош на јавното образование кое долго беше главно упориште на економијата на Соединетите Држави. Економските последици од приватизацијата нема да се почувствуваат веднаш. Меѓутоа, со текот на времето, како што сè поголем дел од работната сила ќе биде хендикепиран од послабото образование, негативните последици во сите аспекти од општеството ќе бидат очигледни.

[1] Martin Carnoy, Faded Dreams: The Politics and Economics of Race in America, New York: Cambridge University Press, 1994.
[2] Jonathan Kozol, Savage Inequalities: Children in America’s Schools, New York: Crown, 1991.
[3] Gerald Bracey, “The Eighth Bracey Report on the Condition of Public Education”, Phi Delta Kappan 80, br. 2 (october 1998): 112–20.
[4] United States General Accounting Office, School Facilities: America’s Schools Report Differing Conditions, GAO/HEHS-96-103 (Washington, D.C.: USGPO, 1996).
[5] Jonathan Kozol, Savage Inequalities: Children in America’s Schools, New York: Crown, 1991.
[6] Види Gaudio Weiss, Andrea Del, John W. Fantuzzo, “Multivariate Impact of Health and Caretaking Risk Factors on the School Adjustment of First Graders”, Journal of Community Psychology 29, br. 2 (march 2001): 141–61.
[7] Robert Rosenthal, “Interpersonal Expectancy Affects: A 30-Year Perspective”, Current Directions in Psychological Science 3 (2002): 176–79.
[8] Herbert Kohl, 36 Children, New York: New American Library, 1967.
[9] Tiffany Danitz, “States Pay $400 Million For Tests In 2001”, Stateline.org, (27. february 2001.), http://www.stateline.org/live/ViewPage.action?siteNodeId=136&languageId=....
[10] John Berlau, “Grover Norquist Takes on the Tyranny of Federal Taxation”, Insight (26. july 1998.).
[11] Barbara Miner, “Why the Right Hates Public Education”, The Progressive (january 2004): 22–24.
[12] Daniel Golden, “Nonunion Teacher Groups Cost NEA Membership and Clout”, Wall Street Journal (28. july 2004.).

Извор: http://monthlyreview.org