Хаос и Ред

27.01.2016 04:19
Хаос и Ред

Навистина државите се поделени на држави од прв ред и држави од втор ред!

Државите од прв ред се најодговорни за светскиот ред и се фактор за стабилност или неред. Но, државите од втор ред или таканаречените „егзотични земји и народи“,- до некаде ослободени од светските нереди и проблеми, што не значи дека немаат свои специфични проблеми - може да им послужат на овие другите како туристички дестинации (со развиен селски туризам, со автентичен амбиент, култура и слично), каде што луѓето од овие првите држави може „да избегаат“, да здивнат, да се смират од нивните „големи проблеми“! Така тие взаемно си се потребни во ова наше време кога се навестуваат страшни културолошки и секакви други ломови за влез во повисок статус (на почетокот на „епохата на Голема Духовност“, Кандински).

Интелигенцијата во сите земји денес се бори да востанови Вистина од прв ред, бидејќи поделена вистина, од прв и од втор ред, или трет - нема. Постои една единствена Вистина. Тие тешки ломови околу вредносните системи и стандарди, како најголеми цивилизациски придобивки, се струполуваат на оваа наша мала земја, и, секако, не држава од прв ред. (Фер и демократски или веродостојни избори, или кледибилни... што ли ќе биде?! итн.)

„Проектот“ кој ја изврте нашата историја и патолошкото занесување дека ние сме држава од прв ред уште од времето на „Воинот на коњ“, толку ја искривоколчи смислата за македонска реалност така што разобличувањето на таа тема ќе биде битна работа кога ќе се вратиме (но и за да се вратиме) во нормално општество. (Тоа „чудо“, таканаречено „Македонски катахрезис“ - снимање филм во живо и верување дека е стварност - се разбира, не смее да се уништи, туку да се конзервира и документира, кога целата приказна ќе се дислоцира на ридовите околу Стоби, на пример, и ќе стане значајна македонска туристичка атракција во следните децении. Под услов да се исфрлат сите тие кич постаменти или и од нив да се направи нешто друго.)

Сакам да кажам, секој хаос може да се доведе до ред. Нашиот ред е нашиот здрав разум. А тоа преведено со јазикот на „дневната политика“ значи: нема избори сè додека не се создадат услови за градење нормално општество во кое ќе може да се спроведат тие избори. Бидејќи, нашата битка сега не е за „предвремени избори“, какви што ги имавме на секои две години изминатиот период, туку за суштински промени. Вистината за демократските стандарди, права и слободи, (треба да) е иста за сите држави, инаку, се згазува здравиот разум. Тие кои се сомневаат во Вистината, ако се заморени нека здивнат, нека се одморат, бидејќи во следната фаза строго ќе треба да се држиме само до фактите на здравиот разум, и непрекидно да средуваме огромни количини хаос кои ги произведува оваа власт.

Без разлика дали големите сили-држави се во хаос или во збунетост - секако, бидејќи тие си имаат многу поголеми проблеми од нашите - ние треба да ги разбереме исто како што и тие треба да нè разберат нас, но, ние мораме да се држиме до својата вистина, а која е една и единствена за сите. Затоа што кога кај нас или каде било на друго место победува Вистината, победува и кај нив!

 

Слики: Татјана Миљовска, Ткиво, масло на платно, 2015/16

ОкоБоли главаВицФото