Пролет

12.06.2015 01:31
Пролет

Оваа власт го усоврши системот на невредности. Прво: алчноста. Просто е неверојатно колку алчноста е нормална појава во нашето општество. Рака под рака со клептоманијата. Обожавање на парите како божество, незаконски стекнат имот, култ кон фетишот е нашата реалност. Алчноста е базичен нагон преку кој се доаѓа до „моќ“, бидејќи да се поседува (имот, пари, луксузен автомобил, преку уцена и експлоатација човечки суштества, ресурси итн.) според нив значи да се има моќ. Така тие повеќе не се обични смртници, туку небаре богови симнати од Олимп. Поседуваат грандиозно его и никогаш згасната жед за престиж. За нив не постојат пречки во реализирање на идеите кои им го хранат егото. Мегаломански идеи.

Потоа лагата. Денес се кажува едно, утре друго, задутре трето и секогаш зависно од ситуацијата и од потребите на моментот се менува „вистината“, приказната, односно, една лага се заменува со друга. Лагата успешно се шири преку пропагандата. Па така, ние, жителите во оваа држава, сме заложници на едно перманентно лудило.

Себичност, бесчувственост, нехуманост, омраза кон неистомисленици, некомпетентност, непрофесионалност, нетемелност и површност се провлекуваат како нормала во ова држава. Недоволно образовани и стручни луѓе треба да извршуваат важни функции за кои немаат знаење и искуство, одговараат само на наредбите од врвот - големиот шеф, експертот во сите области. Слично како Сталин кој како експерт во сите области одлучувал за сè.

Тој систем на невредности сега се струполува, со операција се отстранува ткивото во кое метастазирале и во таа отворена рана влегуваат луѓе кои ќе го амортизираат падот, најдобро што можат. Вистински вредности се откриваат на местото на лажните. Тоа веќе го прават личности со интегритет и кредибилитет, луѓе широкогради и со отворен ум, со морал и висока етичност, несебични, некариеристи, неопортунисти, луѓе кои општото добро го претпочитаат пред личниот интерес, секако и стручњаци во својата област, совесни и свесни за тежината на задачите кои им претстојат. И, пред сè, луѓе свесни за комплексноста на проблемите, значи со капацитет да ја издржат кризата и од неа да излезат како победници. Тоа, претпоставувам, би била таа преодна влада, јадрото околу неа и воопшто пошироката јавност која со такви позитивни особини би зрачела амбиент за нормализација. Луѓе со елан и визија.

Во овој момент сите незадоволни страни здружени во отпорот се сложија дека приоритет е да се сруши ова авторитарно владеење и да се разобличи некултурата. Обединување со таков мотив е силата која треба да изврши притисок во исполнување на барања во преговорите со цел етапно да се започне со нормализација на институциите, за на крај да следат фер избори и спроведување реформи.

Реформите да овозможат да се расчисти патот на кој прогресивните нови млади сили непречено ќе се развиваат, да им се олесни пробивот, да не се кочат во инспирацијата и креацијата, значи да не се оптоваруваат и задушуваат со бирократски банални и апсурдни процедури, небитни нешта кои нè парализираат, со други зборови, да им се обезбедат сите поволни услови кои ќе ги стимулираат во студиите и во работата понатаму.

Како што во Втората светска војна се склучи сојуз против фашизмот, така сега треба да се склучи партнерство за мир и просперитет во Македонија.

На пиедестал да се стават идеали, натпартиски, надетнички, надидеолошки: МИР, СЛОБОДА, ПРАВДА, ПРОСПЕРИТЕТ и да се раководиме според овие високи идеали на патот кон нормализација и кон креирање амбиент поволен за спроведување реформи.

„Пролет“, масло на платно, 120х380 см, Музеј на град Скопје, април 2011

ОкоБоли главаВицФото