1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
Во 1965 година раководството на Shell сакало да знае како ќе изгледа светот во 2000 година. Консултирале разни експерти кои шпекулирале за летечки возила на фузиски погон и „сите други можни видови фантастични технолошки изуми“. Кога му го поставиле истото прашање на научникот Џејмс Лавлок, тој предвидел дека главен проблем во 2000 година ќе биде животната средина. „Ситуацијата ќе се влоши во толкава мера што сериозно ќе влијае на вашето работење“, им рекол. „И, се разбира“, вели Лавлок 43 години подоцна, „токму тоа и се случи“.
Своите црни предвидувања Лавлок ги испраќа од својата приватна лабораторија сместена во стариот млин во Корнвол, со доследна точност која му донесе репутација на еден од најугледните, независни научници, наспроти неговата ексцентричност. Од својата 40 година работи независно, го измисли уредот за детекција CFC (хлор-флуор-јаглерод), со кој го помогна откривањето на растечките дупки во озонската обвивка, и ја воведе хипотезата Геја, револуционерна теорија според која Земјата е саморегулирачки супер организам. Во почетокот исмејувана од многу научници како new age глупост, денес таа теорија го сочинува темелот на речиси целокупната наука за климатските промени.
Неговото залагње за нуклеарната енергија веќе со децении предизвикува отпор кај неговите колеги еколози – но, во последно време сè поголем број од нив се сложуваат со него. Неговата најнова книга „Осветата на Геја“ предвидува дека до 2020 година екстремните временски услови на Земјата ќе станат норма, предизвикувајќи глобални уништувања; дека до 2040 година поголемиот дел од Европа ќе има клима слична на сахарската; и дека делови од Лондон ќе бидат под вода. Најновиот извештај на „Меѓувладиниот панел за климатски промени“ (IPCC) е напишан со помалку драматичен јазик – но пресметките во него се слични на оние на Лавлок.
Како и кај повеќето луѓе, мојата паника заради климатските промени е адекватна на мојата збунетост што треба да се направи во врска со тоа. Средбата со Лавлок заради тоа, помалку наликува на средба со пророк. Сокриен на крајот од кривулеста шумска патека, во соба полна со книги, хартии и некои направи со бројчаници и жици, овој 88 годишник ги презентира своите мисли мирно, со цврста увереност која обесхрабрува. Уште поалармантна од неговите апокалиптични климатски предвидувања е неговата бескрајна убеденост дека речиси се што сè обидуваме да направиме е погрешно.
На денот на нашата средба, списанието Дејли мејл започна кампања Велика Британија еднаш засекогаш да се ослободи од пластичните кеси. Оваа иницијатива удобно е сместена меѓу канонадата други еколошки идеи, веднаш до етичката потрошувачка, јаглеродното неутрализирање, рециклирањето и така натаму – а сите тие се засновани на претпоставката дека индивидуалното прилагодување на животниот стил сè уште може да ја спаси планетата. Тоа се, вели Лавлок, залудни фантазии. Поголемиот дел од она што ни е кажано дека треба да го правиме можеби ќе ни помогне да се чувствуваме подобро, но нема да направи никаква разлика. Глобалното затоплување го надмина својот врв, катастрофата е незапирлива.
„Едноставно е предоцна“, вели тој. „Ако случајно тргневме по тој пат во 1967 година, можеби и ќе ни помогнеше. Но, сега веќе нема време. Сите стандардни „зелени“ нешта како што е одржливиот развој, се само зборови кои не значат ништо. Ме посетуваат многу луѓе кои ми зборуваат: не можете да зборувате така, не ни оставате простор да направиме нешто. Јас им велам, напротив, пред нас е огромна работа. Само тоа не е оној вид работа што вие би сакале да ја работите“.
Жестоко ги отфрла еко идеите, една по една. „Јаглеродно неутрализирање? Ни во сон не би помислил на тоа. Мора да се шегуваат. Да се исплатуваат пари за да се засади дрво кое ќе го неутрализира ослободениот јаглерод? Така нештата веројатно стануваат само полоши. Многу е подобро да ѝ се плати на добротворната организација „Cool Earth“ која тие пари им ги дава на домородците за да не ги сечат своите шуми“.
Дали тој и неговата сопруга се обидуваат да ги ограничат своите патувања со авион? „Не, тоа нема смисла. И рециклирањето е речиси сигурно губење време и енергија“, додека наклонетоста кон „зелениот животен стил“ е само нешто повеќе од „расфрлање со големи гестови“. Тој не верува во етичката потрошувачка „затоа што тоа секогаш на крајот се покажува како некаква измама... или ако не било така на почетокот, со текот на времето ќе се претвори во тоа“.
Лавлок признава дека кампањата на Дејли мејл против пластичните кеси „на прв поглед е нешто добро“, но, впрочем, јасно е дека смета оти тоа е само уште едно преместување на лежалките на палубата на Титаник. „Научив дека нема смисла да се предизвикува расправија за сè “. Се чува за да отвори оган по она што го смета за најлажно ветување од сите – обновливите извори на енергија.
„Од ветерот никогаш нема да добиете доволно енергија со која ќе го придвижите општеството какво што е нашето“, вели тој. „Ветерници! Нема шанса тоа да функционира. Можете да ја покриете целата земја со проклетите уреди, милиони од нив. Сето тоа е губење време“. Сето ова го изнесува со добродушно чудење за неискажливата човечка глупост. „Луѓето само сакаат и понатаму да го прават она што го правеа досега. Признаваат дека има проблеми, но не сакаат да променат ништо“.
Лавлок смета дека глобалното затоплување сега е неповратен процес и дека ништо нема да спречи големи делови од планетата да не станат претопли за населување или да исчезнат под вода, што ќе резултира со масовни миграции, глад и епидемии. Британија ќе стане чамец за спасување за бегалците од континентална Европа, па наместо да го губиме времето на турбините на ветер, мора да почнеме да планираме како да преживееме. За Лавлок, логиката е јасна. Луди се оние што мислат дека можеме да се спасиме со враќање кон природата; нашата единствена шанса за преживување нема да дојде со намалување на технологијата, туку со нејзино зголемување.
Нуклеарната енергија, тврди тој, може да ги реши нашите енергетски проблеми – поголем предизвик ќе биде храната. „Можеби ќе ја синтетизираат храната, не знам. Синтетичката храна не е некаква налудничава визионерска идеја. Можете да ја купите во Tesco. Не е толку добра, но луѓето ја купуваат. Може да се живее од неа“. Меѓутоа, тој се плаши дека нема да ги пронајдеме неопходните технологии навреме, и очекува дека „околу 80 проценти од светската популација ќе бидат збришани до 2100 година. Пророците предвидуваа армагедони откако постои светот, но тоа сега е реалност“.
Новинарите често забележуваат спротивност помеѓу предвидувањата на Лавлок за пропаст и неговата смисла за хумор. „Јас сум весел човек! Оптимист сум кога верувам дека навистина ќе дојде до пропаст“. Човештвото е во време слично на она од 1938-39, објаснува тој, кога „сите знаевме дека ќе се случи нешто страшно, но не знаевме што да направиме во врска со тоа“. Но, кога почна Втората светска војна, „таа донесе возбудување, на луѓето им се допаѓаше што можеше да се стори нешто во врска со тоа, па кога ќе помислам на оваа претстојната криза, размислувам на тој начин. Да ѝ се служи на целта – тоа е она што го сакаат луѓето“.
Какви се квалификациите на Лавлок за пророк? Социјалист во младоста, тој сега ги фаворизира пазарните сили, и не е најјасно дали неговите политички ставови се условени од неговата наука и обратно. Неговиот непријателски став кон обновливите извори на енергија, на пример, се рефлектира во изразениот евроскептицизам, во смисла на неговата иритантност од субвенциите и бирократијата. Но, се смирува кога зборува за Земјата или за Геја: „Откако луѓето се на земјата имаше седум катастрофи, многу слични на онаа која штотуку треба да се случи. Мислам дека овие настани го продолжуваат одвојувањето на житото од плевелот. Нaјпосле, ќе имаме човек на планетата кој разбира вистински и е во состојба со неа да живее онака како што треба. Тоа е изворот на мојот оптимизам“.
Го прашав што би направил кога би бил на моето место. Тој се насмевна и рече: „Уживајте во животот додека можете, бидејќи ако имате среќа, имате 20 години пред сè да отиде по ѓаволите“.
Извор: http://www.theguardian.com