Барокни разгледници (4)

08.02.2016 15:08
Барокни разгледници (4)

ФЛЕРТ МЕЃУ ВMРОВСКИ КАНДИДАТ  И СКОП-ЈАНГСКА ШМИЗЛА


По неколку „испратени“ барокни разгледници, од „Слободна Македонија“ добив музичка честитка. Во оваа „честитка“ пишуваше дека Кара д-р Мишева ми е с-карана... ме ис-кара така Мишева, ме ис-кара Мишева, сè кара-ње до кара-ње ... Ме кара таму Мишева, ме кара, кара... и на крај, меѓу другото, ме обвини дека моите разгледници биле основна причина зошто младите поданици на нашата царштина и нашиот Пресветол Цар Николај ја напуштаат оваа возљубена земјичка... На крај од кара-дописот, д-р Мишева, ми се закани, ако не се корегирам во своите „допишувања“, следен пат кога ќе пливам во Вардар таа ќе биде таму и ќе ме изгризе како ајкула. А за да сфатам дека е кара-сериозна во својата кара-закана, таа со депешата ми испрати и гдомски кара-батак. Ова со кара-батакот е јасна порака позната уште од времето на оние најстари, нај-кара бранители на оваа од сите омразена земјичка, и ваквата гдомска порака може да се протолкува и да значи само две работи: „Кога ќе пливаш по Вардар река – Моето ајкулско забало е таму и те чека“ и „Те очекува жесток атак – Тоа ти го ветува најубавиот гдомски кара-батак!“

И ете, од тој ден, драги мои соробови и соробинки, драги мои „денсери“ во ритамот на николаевите лајачи и мартиновите добошари, од тогаш, ме стегна ете така голем кара севдах, што многу, ама баш многу, се само-исКАРАв, и решив од сега да карам само љубов, да примам и возвраќам... па во правец на тоа мое покајание и само-карање, решив во оваа „разгледница“ да пишувам за љубовта, и тоа онаа вистинската кара-љубов...

Еден „млад лав“, еден проверен „патриот“ и проверен лижач на скапи сладоледи, ками и пиштоли, лижач на подвижни и неподвижни крстови, а особено студиозен и посветен лижач на г‘зовите на царот и неговата груевистичка свита, тој од комесарот Мартин Мистерија добил ветување дека на следните избори ќе биде кандидиран за пратеник, но како услов за кандидатурата му било предочено дека мора во рок од 24 часа да си најде женска... и не само тоа, за да се запазат семејните и демон-христијанските вредности, тој морал за истите тие 24 часа, да се ожени со пронајдената љубов, да ја префарба руса, и како таква, да ја зачлени во Унија на груевистичките кокубини, да ѝ направи три деца, да аплицира во проектот „ќе ти купиме куќа - а ти укради си и стан“. Потоа ќе мора да ја мами и да ја тепа, и се разбира, да ја тегне за уши на секои избори и да ја проверува дали со триаголник гласала за царот и неговата царска свита. Освен неа, на ист начин, мора да гласа и целата нејзина потесна и поширока фамилија, до седмо колено, да се редат двајца по двајца и да гласат како попчиња, како човечиња, а бе како да се добро забревтан „бугарски воз“... Е, а за ова со гласање на нејзиното семејство да биде ефикасно, точно и под контрола, задолжително е на свадбата, наместо со рузмарин, сватовите да се китат со членски книшки од ВМРО (овој изум, со китење со книшки наместо со рузмарин, е измислен во лабораторијата на Мартин Мистерија и Талас гроф од Ваљево, и се покажал со ефикасност до 99, 4 %).

-Што да правам, ако на пример одбие да биде мое адамово ребро? Што ако водата во која нозете ќе ми ги мие, таа нема да сака да ја испие? - запрашал идниот партиски пулен... едноставно ова му беше задача на непознат и непроучен терен, оти Љубовниот Кандидат беше прекален партиски војник, но затоа во љубовта беше –вечнен позадинец и набљудувач...

На ова, комесарот Мартин, само се насмеал, и му рекол – Ако не биде покорна, ако не ти е по ќеиф, и ако притоа бара феминистички удобности, како што се – машина за задови, нежност, разговор, рамноправност, ако те тера да усисуваш, или скраја да е - ако посака да студира, тогаш ќе постапиш по урнекот на нашите најистакнати „патриоти“, оти тие најдобро знаат како треба!
-А тоа е?
-Ќе ја фрлиш од тараса, и тоа онака „гордо“, „патриотски“... онака „случајно“ ама „патриотски“! Ете, што треба да направиш во таков случај! Оти жена мора да ти служи и да ти роди три деца, но пред и над сè, мора да гласа за ВМРО-ДПМНЕ! Е тоа е нашето „оче наш“ ... И ајде оди, ти изминува времето! Ако не сакаш да ја изгубиш шансата за кандидатура за пратеник, тогаш ајде полетај и лови шмизли, летај како вмровски двоглав орел и пленот ќе биде твој!

Наредено, спроведено...

Во тој свој прв лов, по краткото талкање низ „чудесната шума“ на плоштадот, низ тој лавиринт од лажен мермер и тенекија која само мириса на бронза, ја пронашол Шмизлата на својот живот (барем тој мислел така ), и си рекол еве ја, таа е... моја ќе биде! Таа моја жена, јас пратеник во Собрание, а бате Саше ќе ми стане кум!!!

-Јас сум иден пратеник –извикал на цел глас, кон Шмизлата - а ти, ти си моја идна жена, госпожа пратеничка! Бидејќи сум сигурен дека ќе прифатиш! Ајде да правиме свадба!!!!

- Пратеник!? А јас... жена? Ти никогаш нема да станеш пратеник... всушност, попрво пратеник ќе станеш отколку да ќариш ваква женска како мене... А за пратеник, има секакви будали, може и да те изгласаат... Ама јас, најјаката скоп-јанга, најјаката Шмизла, да прифатам брак со тебе??? Тоа, тоа, ни во виц (!)... ма каков брак, дури ни флерт, ни бакнеж, ма јас и ти ни за рачиња не би можеле да се држиме... Денес изгледа ептен сум добро расположена, со тоа што уопште ти правам муабет!
- Е заради вакви шмизли како ти, вакви арслани, со скршени срца, ја напуштаат мајка Македонија и заминуваат во „туѓина-јабана“... А да ми дадеше шанса, на следните избори ќе ме избереа за пратеник!
-Пак ти – пратеник, па пратеник!? Што знаеш ти за да бидеш пратеник?! Си се погледнал у огледало?
-Да... И?
- Што и... А бе си се гледам и сам си се чудам – Ова лав е или не е? Ако не е лав, тогаш е вмровски пратеник 100 %!
- Што си запнал со тоа пратеник, пратеник... Знаеш ли ти што сè треба да знаеш и да имаш да бидеш пратеник!? Ете, на пример... на пример... треба да имаш... да имаш смислено своја партиска програма...
-Имам! Смислено е! – ја прекина, горд на себе, веќе вљубениот Кандидат.
-Е ајде да те чујам... Кажи ми што е главно во таа твоја политичка понуда... На што народот може да се надева од тебе. Која ти е пратеничката програмата? Живо ме интересира?

Кандидатот не се збуни ни за миг, застана пред неа во поза на лавот насаден пред белиот дворец на ВМРО, и почна да глаголи - Македонија како библиска земја заслужува да стане земски рај. И тоа планирам да направам од неа! А за да биде рај мора да има палми, море и сонце! Со садење палми веќе се започна, но тоа е малку, јас имам конечно решение како да се спроведе оваа идеја. Сè што има останато друг вид дрво во Македонија има да се исече, ма да се искорне, и на нивни места ќе се стават палми. Ќе засадиме и нови шуми од палми. Ма ќе ја прекриеме Македонија со палмини дрвја.
-А што ќе правиш со толку многу исечени дрвја?
-Па не се толку многу, не останаа уште многу шуми у земјава, ама има, има за сечење... Е откако сè ќе исечам, од сето тоа дрво, планирам да направам галии. Многу сакам галии, како мал сум обожавал да си играм со дрвени бротчиња... Е сега, замисли си безброј галии како пловат, пловат по море. Убавини! Рај!
-Само ти фали море...
-Не ми фали море, имаме ние море, односно ќе имаме, тоа е следно у мојата програма...
-Аааа... Демек, Солун е наш! Прво планиравте да држите конгрес во Солун, а сега планирате да пловите дрвени бродчиња...


-Не бе Солун... Не дека нема да биде Солун наш, ама тоа после, тогаш... Исто така мора да се мисли за сега, за веднаш, што да се направи во овој транзициски период, дур се случи тоа со спојување на Македонија во едно. А и тоа со Солун е старо, треба нови, свежи идеи... И затоа јас планирам од Охрид да направам море. Охридско Море! И таму по Охридското Море ќе пловат галии, безброј галии...

При ова Шмизлата за малку ќе се подмочаше од смеа, но се сопре миг пред да протече, и цинично му дофрли: Ќе ставиш сол ... генијален план... Како го смисли?
-Е, не е само сол - продолжи Кандидатот - тоа секому може да му текне... Нормално дека ќе ставиме сол, многу сол, нема да штедиме на сол, да не проба после некој комуњар и да каже, еее... недосолено е, блуткаво е! Ќе биде водата солена – ѕивт. Кога ќе ти влезе водата во уста да си кажеш – Аууу колку е солено! Е го засолија, свака им част!
-Е браво!
-Чекај! Не е доволно само сол, тоа може секоја будала да го смисли... Ќе ја извадиме сета трска од езерото, да нема повеќе трска, непречено да можат луѓето да пливаат во водата.
-Види, не може да ја извадиш трската од езерото, зашто ќе го нарушиш целиот еко-систем. Токму во трската се мрести крапот.
- А бе, сега ние крап ќе мрестиме или море ќе правиме во Охрид!? ( пауза) Потоа ќе ги извадиме сите камења од брегот и ќе ги замениме со песок! И така низ целото охридско крајбрежје, ќе има сè плажи. Пошто немаме квалитетен песок, песок ќе мора да донесеме од Грција, зашто во Македонија нема таков песок. Посебна калибража на песокот треба, треба она, треба ова... сè треба (!), ако сакаме да имаме вистинско море у Македонија.
-Тоа со песокот нема да ти успее...
-Зошто?
-Па, поради тоа што водата е немирна, има големи бранови и целиот песок ќе го повлече езерото.
-И за тоа имам решение! Ќе направиме едно парапетче околу цело езеро, едно така 20 см високо, и пред влегување во вода, го рипнуваш парапетчето, и песокот си останува на плажите и сѐ е ок“? А? Што викаш?! Мозок! – Запре за миг, за да може сам од себе да си се воодушеви на идејата - Па така, со плажите, песокта, солта, галиите и се разбира - парапетчето, наместо езеро ќе добиеме море... Охридско Море! А, пиле, што мислиш? Воодушевена ли си од мојот план од Македонија да направам земски рај?!
- На почетокот, пред да ми образложиш, мислев да ти кажам дека сè е на место само дека едно нешто недостасува... ама сега гледам дека, ама баш ништо не фали, сè си има во твојот план.
- Е кажи де... На Македонија ѝ треба твојата идеја!
-Пред да ми го кажеш ова мислев дека покрај, море, плажи и палми, ти недостасуваат уште мајмуни... ама откако те слушнав, не се секирам. Откако ќе го слушнат ова, ако пак гласаат за тебе - тогаш у Македонија и те како има мајмуни!
-Еееее... сега па и ти, немој така... Не недостасуваат мајмуни, туку сонце! Сонце недостасува... Сети се: Палми, море и сонце! Е за сонцето не знаев што ќе правам... не знаев, ама сега знам... Те најдов тебе, ти си сонцето. Сонце кое ѝ недостасува на Македонија! Сонце кое ми недостасува мене... Јас пратеник, а ти моја жена – госпожа пратеничка, тоа ѝ треба на Македонија! Тоа е добитна комбинација! Што викаш? Верувај во својата идеја! Заедно пишуваме иднина!
- Батали такви муабети... Инаку веднаш ќе ти поднесам апелација и ќе мораш по итна постапка да го напуштиш столчето на кое седиш...

Вљубениот Кандидат, кој по оваа излагање очекувше таа да му падне во прегратка и веднаш да одат пред олтар, или барем да му даде малце, ете тука, среде улица... Ама ете, Шмизлата изгледа имала бронзено срце... Кандидатот подголтна тешко, ќе се загушеше од тага, голтна со толкав напор - како да голта некоја од оние „сечени, лепени, креирани и монтирани“ опозициски бомби... И можеби во истиот миг на разочарување, со бугарскиот пасош во џеб, со бугарскиот пасош кој го носи секаде со себе како да е „буквица“, експресно ќе фатеше некаде у свет... Но во тој клучен миг, миг клучен во спречувањето на „гастарбајтерството“, како добра вила, од сегде-никаде, над најблискиот облак, се појави Црн Глушец со руса кадрава коса, и му рече на Кандидатот: „Биди храбар, бори се за љубов, за љубов во вечната ни Македонија!“ Па Кандидатот, попрскан со розов прав од локните на Црниот Глушец, одлучи да продолжи да се бори, а секако, сè уште му беше во опција и онаа варијанта – „Ма што ти имаш да сакаш или не сакаш!?“, па потоа, за уши и правец... гласачко мест... не бе, не гласачко место... туку онаму, у матично! За уши и веднаш у кревет или у матично.

Но пак, спротивно од него, Шмизлата, сè повеќе ја опседнуваа „мрачните сили“, и поради таа опседнатост, продолжи по свое, и редум, му додаде уште неколку.

-По ова што го слушнав, очигледно е дека немаш ниту грам школо. Како планираш така неписмен и глуп да ја водиш државата? Како мислиш да станеш пратеник?! Мислиш дека некој воопшто ќе те кандидира!?
- Да! Ќе ме кандидира ВМРО-ДПМНЕ!
-Тебе да те кандидираат? Ваков забеган и неписмен?
- Е, мило мое Македонче, за да станеш кандидат во ВМРО не треба школо, туку треба да имаш специјални вештини! А јас ги имам сите! Имам сè што ми е потебно?!
- Какви бе специјални вештини?
- Слушај внимателно, што сè треба да знаеш да правиш – Треба да знаеш да расипуваш лифтови. Да знаеш како се полнат гласачки кутии, потоа треба да знаеш – како се кршат гласачките кутии! Дрвјата! Мора да те бива околу дрвјата, оти многу работи се вртат околу дрвјата... сите вработувања одат преку дрвја, преку „Македонски шуми“! А обавезно, мора да бидеш одличен дрвосечач! Битна квалификација! Но уште побитно е да знаеш да крадеш гласачки ливчиња и гласачки списоци, тоа е сложена проблематика, оти треба да знаеш да ракуваш со онаквите пластични... како ортома се ама не се ортома, полицијата што ги користи за врзување, знаеш бе оние пластичните за стегање... е тие... Од математика треба да знаеш – колку е 4%, 20 % и дали е многу 20%, ако е многу, тогаш треба да знаеш колку е 15%... Ова треба да го знаеш, за околу провизии. Исто така треба да си добар пиротехничар! Да знаеш да запалиш комуњарска кафана, да запалиш комуњарски џип, да палиш докази за криминали... едноставно, треба да си вешт со огин и да се снаоѓаш на терен. Од уметнички вештини, главно е да ја знаеш разликата помеѓу барок и романтизам. Тоа е од уметност... Е како главно, како една од вештините што многу се цени у партијата е – Да знаеш да влечеш цигани за уши! Тоа е многу битно... Е сега, ако освен ова, знаеш, да не го тупиш и да уриваш со динамит! Пууу! Тогаш не пратеник, туку можеш да станеш и министер!
- Ако на сето тоа знаеш да направиш на луѓето кои зборуваат со тебе да им тече низ ногавици, е тогаш – не пратеник, туку премиер можеш да станеш!
- А не... не збори така. За премиер ти треба уште многу да учиш. Треба да знаеш бокс, треба да знаеш брзо да возиш точак, треба да имаш карактеристичен премиерски чекор, тоа мудата треба да ти се биволски, да не можеш да чекориш од нив... А бе не, уште многу има... Премиер не се станува, премиер се раѓа! Нашиот премиер, господинот Никола Груевски, е уствари роден за водач! Тој е незаменлив! Мислам дека во Македонија не треба ни да се бира премиер... Треба господинот Никола Груевски да го прогласиме за доживотен премиер! Го заслужува тој тоа!!!
- Да? А што ќе правиме со тие парцели на Водно? Со Мерцедесот од пола милион евра? Со фирмите у Белизе?

Кандидатот можеше да поднесе навреда за што било и за кого било, но навреда за царот Николај, е тоа за него беше како „солна киселина“ во ококорено око... Затоа, тука реши да запре, да изброи до сто чекори и да размисли малку... Да пресмета што би требало да стори, која е партиската директива во вакви случаи и што би требало да преземе... Затоа веднаш му напиша порака на џелатот Змијалков, тој лично да одлучи како и што понатаму со Шмизлата... Дали ќе се примени пиротехника, џелатска секира, динамит.... нешто од тоа, или тој си зминува, со „врзулчето“ на рамо, па по странски друм одам мамо - по странски друм спијам...

(Како ќе се заврши оваа „љубовна сага“ меѓу Вмровскиот Кандидат и Скоп-јангската Шмизла - читајте во следното продолжение)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Книжевност / Став

ОкоБоли главаВицФото