Искра Гешоска: Да се разбудиме од коматозната состојба

11.02.2016 03:38
Искра Гешоска: Да се разбудиме од коматозната состојба

Искра Гешоска е едно од заштитните лица и движечка сила на независната сцена во Македонија. Основачка е и претседателка на „Контрапункт“ - асоцијација за развој на критичка теорија, социокултурен активизам и современи уметнички практики.

Таа е и долгогодишен активист во градењето на независниот културен сектор и современите, самоорганизациски формати на дејствување. Нејзиниот фокус е развојот на критичкото мислење и критичките теории, како и односот на културно-уметничките практики, политичкото и политиката.

Беше директорка на независниот културен центар „Точка“ од неговото формирање, сѐ до затворањето (2002-2010 г.), и организаторка на стотина настани од културно-општествено значење. Вклучена е во процесите за општествено ситуирање на независниот културен сектор, како и за поттикнување на регионалната соработка. Претседателка е на „Јадро“ - асоцијација на независната културна сцена, од неговото основање во 2012 г. до денес. Освен теориска и социокултурна практика, учествува речиси во сите активистички процеси што придонесуваат за развој и демократизација на општеството. Се застапува за интерсекторска соработка и инсистира на длабока општествена и политичка вкотвеност на културното и уметничкото дејствување. Досега има објавено над 100 есеи, стручни трудови во сферата на критичката теорија, изведувачките и визуелните уметности и културните политики.

 

Дали на Македонија сѐ уште ѝ недостига вистинска критичка мисла? Следејќи ги медиумите и социјалните мрежи се чини дека ја има, но е поларизирана на два длабоко закрвени табора...

- Сакам да верувам дека сѐ уште постојат поединци што се борат интимно со привидот на нормалноста, со ова пропагандно, унифицирано и лоботомизирачко милје, кое не сака амплитуди на различност, туку аморфна маса. Постојат осамени поединци што некако тешко се здружуваат и се самоорганизираат во органска критична маса. Критичката маса е некаде поттурната, изолирана, обезмоќена. Затворена во кафезот на своите стравови, некаде на рабовите на политичкото.

Јасно е како дојдовме до ова. Во овој урнисан контекст последниве 25 години, во еден период помалку, а последнава декада веќе соголено до вулгарност и насилство, ни се случува само назадување на општествен, економски, идеолошки, образовен и културен план. Критичката рецепција е потврда дека сме живи, дека постоиме и дека учествувавме во своето постоење. Оној што го отфрла критичкото мислење или го заменува со познатиот „ад хоминем“ стил што почива на тесногледи лични дискредитации, на црно-бели гледишта од кои не можат да се изведат пошироки перспективи, тој го девалвира и го блокира, оневозможувајќи го за понатамошен развој, сето она што може да биде некаква вредносна парадигма за заедницата. Тој се девалвира себеси. Отсуството или, уште пострашно, забраната за критичка артикулација е своевиден нихилизам, реакционерност од најстрашен вид. Критичкото мислење отвора нови хоризонти што не дозволуваат нештата да застанат во мртва точка, бидејќи тоа промовира постојано преиспитување, деконструирање на себеси и на светот, во име на негово придвижување. Што ни се случи? Ни се случи цензура на мислењето, на говорот, на јазикот. За тоа се виновни немуштите поданички концепти во образованието, стравовите што ги зајакнуваат клановските начини на функционирање и, се разбира, и конформизмот што не создава платформи на слобода и отпор, туку безрбетни поединци од кафкијански размери.

Не успеавме да ја стекнеме културата на почитување на различните мислења и дебата поради неукост, претерана исполитизираност, лукративност... или нешто трето?

- Нашето општество, нашата современа култура, во овој миг испитува чувство на загуба или, попрецизно, ја живее сликата на своето пропаѓање. Луѓето се дезориентирани во времето и во социокултурниот контекст што го живеат. Сите вертикали на мисловна, креативна, институционална, интимна автономија и стабилност бледнеат. Заталкавме во обезвреднетост. Никој веќе не го препознава сопственото вредносно јадро, а камоли некој покомплексен вредносен формат на заедницата. Симулираме динамичност, општество, јавност, прогрес, слобода, љубов, уметност, урбаност, демократија, заедница, пријателства - симулираме живот. Варваризмот, безочните дискредитации, лажниот морал, штетниот хероизам владеат.

А критичкото мислење што отвора нови хоризонти на отпорот против зомбификацијата е потчинето, стегнато со менгеме, инквизиторски контролирано, ставено во лавиринтите на заборавот, згазено, оти некој нѐ учи дека е подобро да живееме во привидот на нормалноста, изрежирана и испродуцирана од политичкиот екипаж на нашето Труман-шоу. Токму затоа она што го работи „Контрапункт“, заедно со своите регионални и меѓународни партнери, е своевидна битка за ревоспоставување нови критички јадра на креативниот отпор.

Како ја гледате иднината на независната политичка, културна мисла/сцена во Македонија? Имаме ли шанси да излеземе од стегите на менгемето за кое зборувате?

- Не можам докрај да си ја разјаснам сликата за општеството што допрва треба да го воспоставиме, кое можеби ќе треба одново да го градиме, како што велеше Роберто Беличанец. Барајќи излез од „баналноста на злото“ што нѐ сомле, заборавивме дека едновремено треба да го скицираме патот по кој сакаме да се движиме. Мислам дека сме заглавени во маката и тагата, па така, избезумени, немаме капацитет да се бавиме со комплексноста на она што имаме одговорност да го артикулираме како пристојно и достоинствено секојдневие. Оти сега достоинството ни е одземено на многу нивоа, па и на она основното - соголено егзистенцијално. Во оваа „турбофолк“ политичка атмосфера на кражби, не само на финансискиот туку и на идеолошкиот и културниот капитал, ние сме емигранти на кои им е украдено правото на политичкото, правото на создавање заедница. Ние сме во темелно отсуство и сега ни следува многу тешка задача - да се преобмислиме, да се оприсутниме и да станеме одговорни учесници во создавањето на новиот простор исполнет со редефинирана политичка содржина. Мораме да докажеме дека станува збор за огромен празен простор во кој нема содржина, туку само привид на нормалност. Како во концентрационите логори кога има културно-уметнички содржини што симулираат живот, пред да се влезе во коморите на смртта. Општественото тело што нѐ претставува е тело во клиничка смрт - во индуцирана кома. Ќе мораме од таа чудна, речиси комфорна коматозна ситуација, за која мислиме дека е одговорен секогаш некој друг, конечно да се разбудиме. И да сфатиме дека ние сме одговорни за сопственото тело. Какво тело ќе создадеме понатаму е прашање на нашата подготвеност да ја прекинеме индуцираната кома.

Она што ни преостана е да бидеме добри, посветени, динамични и активни сведоци, да следиме, да согледуваме, да не игнорираме залегнати во апатичниот комфор, да паметиме и да донесеме заклучоци за некое идно политичко, стратегиско манифестно дејствување.

Не е лесно да се биде одговорен сведок на понижувањето, на насилството, на голиот живот, а да не се приклони кон злопамтење и реваншизам. Затоа мораме да собереме сила за конструктивна битка со она што Вирџинија Вулф го нарекува „тиранија на заплетот“. Бидејќи ние се наоѓаме токму во таквата тиранија, која има предвидлив заплет, но непредвидлив расплет. Затоа наша задача е да бидеме автори, уметници, создавачи не само на расплети, туку и на заплети. Да не дозволиме некој друг да ни ја создава тиранијата на заплетот. Да бидеме творечки, авторски, концептуален чекор понапред од тиранинот, како и да се вика и кој и да ја претставува таа тираниска формација.

Мораме да создаваме места на отпор базиран врз идејата за која говори Јулија Кристева во своето дело „Револт“, а тоа е идејата за привременоста и за привидот на стабилноста. Уметникот, граѓанинот, политичарот ќе мораат да прифатат - стабилност не постои. „Стабилноста е привремена, конфликтите се вечни, ако ништо друго затоа што постои задоволство во конфликтноста“, вели Кристева. Конфликтноста и нестабилност на состојбите во овој контекст никако не се сфатени како трепетен деструктивен немир, туку како непрекинато создавање критички перспективи, кои се единствениот начин да се артикулира слободата во концентрични кругови на единството на различностите. Оттаму ја гледам врската помеѓу политичкото и уметничкото. Отсекогаш најважната страна на уметноста е да најде „нестабилни ситуации“. Уметноста има задача да создава „конфликтни ситуации“, во една аристотеловска смисла. Конфликтност што води до ослободување, катарза. Уметникот е одговорен да го прави тоа, инаку не е уметник.

 

 

Неодамна во рамките на проектот „Проширено естетско образование“ гостин беше и Борис Буден, провокативен критички мислител. Кои беа придобивките и сознанијата од ова предавање и семинар?

- Во изолирана, ксенофобична и затворена Македонија можноста да се соочиме со гледиштата на другиот се од пресудно значење, но, за жал, реткост. Живееме или во кланови на жртви, или во кланови на херои, или во кланови на лажни елити, или во кланови на патриоти, или во кланови на предавници. Паланечкиот и медиокритетскиот дух, кој ѝ одговара на секоја автократска заедница, го уништи текот на развојните процеси, на интимно, лично рамниште, па следствено и на општествено рамниште. Станавме „култура на тишината“ - од нашата испразна развревеност создадовме нем и оглувен амбиент во кој самодоволно никој веќе никого не слуша или го слуша само она што сака да го слушне. Единственото нешто што го слушаме се препораките за решавање на нашето политичко лудило од комесарите на Европската Унија или евентуално од американските посредници, а најмногу, за жал, се слуша ехото на девастираното политикантство, кое е пример за отсуство на идејата за политичкото. Токму затоа е нужно што почесто да проговорат, да нѐ погледнат и да нѐ замислат луѓе како Борис Буден. Потребни ни се луѓе што со своите знаења, хоризонти и алатки за критичко мислење ќе погледнат од поинаква (не дневнополитичка, туку теориска, филозофско-политичка, културолошка) гледна точка, и своите сознанија ќе ги пласираат со поинаков јазик. Буден е вистински полемички дух - тој нѐ учи дека добриот разговор не се состои во нужното согласување и кимање со глава, туку во полемиката, во отворањето прашања, во конструктивната конфронтација. Тој отвори многу значајни прашања за теми што потврдуваат дека нашите животи се синергија помеѓу социокултурниот ангажман, уметничката продукција, политиката и политичкото. Предавањето и семинарот упатуваа на тоа дека насилството нѐ демне од сите страни, и тоа не како нешто што е вкотвено во историјата, во музеолошките нарации, туку како нешто акутно, кое е резултат на културните идентитети и предрасуди.

Во рамките на проектот „Школа за критичко мислење“ вклучивте и низа други значајни теоретичари, политичари, режисери, мислители од земјава и регионот. Можете ли да издвоите некое од овие предавања?

- Не би можела да издвојам затоа што станува збор за темелно разработен концепт во кој сечие учество е алка во поцврст синџир што ги врзува заложбите за критичко мислење и негово аплицирање во „агората“. Едно без друго предавање не би имало смисла. Оваа приказна, уште од нејзините почетоци во 2005 г. почнавме да ја развивавме со Жарко Трајаноски и Роберт Алаѓозовски. Сите што се вклучени во овој проект ја детектираа потребата од формирање континуиран модул, каде што ќе се истражуваат можностите за проткајување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, помеѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба.

На годинешната школа имавме широк ранг предавачи, меѓу кои: Жарко Трајаноски, Ана Димишковска, Славчо Димитров, Весел Мемеди, Анастас Вангели, Сашо Орданоски, Љубомир Данаилов Фрчкоски, Зоја Бузалковска, Мирјана Најчевска, Иван Додовски, Петар Милат... Сите тие третираа исклучително важни перспективи на критичкото мислење, читање и пишување, поттикнувајќи различие на знаења што не можат да се добијат во официјалните, институционални јадра на образованието. Видлив резултат што ќе има спектакуларни и молскавични ефекти немаме. Но сето ова се долгорочни влогови што се надевам дека ќе остават трага. Отсекогаш нашата цел била таа - да создаваме концепти на отвореност, на развојност и на вклучување. Отворени полиња на образование каде што секој е учител и ученик, едновремено. Дали докрај успеваме - не знам, но сериозно вложуваме во ваквата поставеност кон контекстот, која почива на чувството на одговорност.

И покрај сѐ се чини дека невладиниот сектор, наместо да ги збива редовите и да е солидаризиран, сѐ повеќе се фрагментира... Зошто?

- Тоа е една од моите најголеми загрижености - фрагментираноста во граѓанскиот сектор и во независниот културен сектор, кој и онака е многу кревок, без свој дом и на симболичко и на фактичко, политичко рамниште. Никако не можеме да ги надминеме партикуларните интереси во име на повисока цел што ќе обезбеди силна заедница. Никако да разбереме дека создавањето силна заедница ќе создаде можност за развој на поединецот и неговите поединечни концепти. Во Македонија повеќето организации, особено оние од независниот културен сектор, се составени од еден и пол до двајца луѓе што активно работат. Тој факт е погубен. И упорно здружувањата се инцидентни, само доколку има некој заеднички проект, а не се стратегиски. Не научивме да создаваме органски платформи што нема да се распаднат при првата одбиена апликација. Затоа сме до ова дереџе - на работ на исчезнувањето. Но, се надевам дека полека ќе научиме дека силниот поединец може да оттрае само во силна заедница.

 

Извор: Нова Македонија
Фотографии: Игор Бансколиев

ОкоБоли главаВицФото