Црн ветер

13.02.2016 17:57

Небаре се истури гром
ненајавен од молскавица.
Тоа е лудачкиот препад
на црниот ветер
што ни ја отцепува ноќта
од убавото време.

Пред себе тера гламна
што фрла искри
и пишти како заробена жена.

Направен е катран
од пакостите
што веќе ги сторил.

Пијан од бес
што не нè затекнал надвор,
врти, се сучи околу куќата,
грмоти, рика и треска
како пролакомена војска за грабеж
што бара влез во тврдина.

Тој прво сака
да ни ја уништи душата
втерувајќи ни страв в коски,
а потем лесно
да нè претвори во јаглен.

Но ние не се издаваме
ни со светло ни со глас
чекајќи го мигот
кога поради нашиот трпеж
ќе пукне од мака
и ќе се истиши
како најголема гнаса.

Утре ќе чистиме саѓи.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото