1026 hPa
87 %
5 °C
Скопје - Пон, 11.11.2024 22:59
Оданде, прекурека,
една жена го спашка синето, вражуле мало,
за некаква пакост направена дома.
Дур да се свртиш, тоа си спрашти ко стршлен.
Тогаш ја чув клетвата стара:
„Да би не се родило да би“, му свика.
Овие зборови од уста на создател
што ти ја будат грозната помисла на небиднината
во ушите на некој ненашинец
сигурно би одекнале
со сета жестина на она значење
со кое и биле некогаш првпат изречени
во час на длабока срдба од тешко прегрешување
што навела да се проколне дарбината за поколение.
Жегнат од таков слепечки одрек на породот
со право тој намерник
би ја ставил
оваа жена
пред прекиот суд на совеста.
Но, можете да ми верувате:
во изрекот на тие зборови
веќе нема ништо лошо останато,
ништо лошо освен бегол укор
поради оптоварување на живеачката со непотребности.
Затоа мене, овдешен,
ми минаа тие низ жилите небаре галежен развигор
од кој ко пупки по долга и студена зима
меко ми се отвораат сеќавањата
за најголемото доба од мојот живот
кога и по мене така се викало
како по пакосно ѕвере кое ништо не го фрка.
Така понекогаш однавала
се фрла камче во вир чиста вода
за да се види божемната пропаст на небото
којашто само ќе ја потврди
нашата верба во неговата неповредливост.