Збогување со Џими Барка

12.03.2016 16:18
Збогување со Џими Барка

Од Џими Барка и Видак, Стеван, Прле, Прокопиј, па до Флојд. Од пејачот, Столе Харинга, Гаре, Марко, па до Попај и Влав-Али, Карузо, Урка и Павел Исаковиќ. Од Павловиќ, таткото на Гане, Алдо, Игле и Дуле, па сè до Светан, Јанош и Хоџа Вехбија, Хаџи Замфир, Главоње или грофот Милан Јагодица и Жил Риме ... Сите тие беа различните лица на еден ист човек. Легендарниот актер Драгослав Драган Николиќ. Убавиот Гага. Шмекер со карактер на господин.

Гаго Николиќ вчера не се збогува со нас. Не се збогувавме ни ние со него, бидејќи е тешко да се прифати заминувањето на некој сакан, некој кој во секој дом беше добредојден гостин, како најблизок роднина, сакан и почитуван, некој на кого се гледало со восхит и со голема почит. Без разлика дали не гледал од даските што живот значат, преку малите или големи екрани, Драган Николиќ ги освојуваше нашите срца со една фина леснотија. Затоа што не ни се наметнуваше на агресивен начин, затоа што не ни „скокаше и од фрижидерот“ изигрувајќи паметник или жалејќи се на различни теми (избегнуваше какво било медиумско експонирање), така што својот приватен живот го држеше подалеку од јавноста, што нам ни дозволуваше да препознаеме колку дух, шеги и самоиронија носи во себе, не откривајќи ги своите тешкотии. Тој и со тешката болест, која ни го одзема на 72-годишна возраст, се носеше со достоинство и господски. Драган Николиќ во секој поглед беше, е, и ќе остане голема актерска ѕвезда.


Драган Николиќ во улога на Прле во филмот „Отпишани“ (1974)

„Можеби станува збор за тоа што за мене не бил познат дел од некаква моја стратегија. Ако, просто кажано, сум ја продал душата на ѓаволот и се занимавам со јавен бизнис од кој зависи интегритетот и начинот на живот, важно е да се сочува дел од себе кој може да се подари на само мал број луѓе. Актерството е покажување, желба да се биде допадлив, лажење, лажно претставување. Важен е оној интимен дел од човековата личност. Она што е добро за актерската работа, би можело да биде погубно за приватниот дел на личноста. Јас успеав тоа да го разделам“ – зборуваше своевремено Николиќ.

Тој Белграѓанин, некогашен мангуп со митскиот Црвен крст (роден на 21 август 1943 година), кој најважната школа на животот прво ја научил на улица, на кошаркарските терени и полјаните во неговиот крај, претрчал преку гимназијата и средното економско училиште, за како најмладиот студент (17 години) да се запише на Академијата за театар, филм и телевизија. Во светот на филмот влезе со малата улога во „Вистинската состојба на нештата“ (1964), а потоа во телевизиската серија „Доволно е да се молчи“ (1965), кога наместо Драгослав, бил погрешно запишан како Драган Николиќ.


Во улога на Џими Барка во филмот „Кога ќе бидам мртов и бел“(1967) 

Така стана Драган. И како Драган ја оствари својата прва голема филмска улога, онаа антологиската. Улогата на Џими Барка, тој млад сезонски работник со лабав морал, измамник и заводник на сиромашни жени и девојки од провинција, во филмот од 1967 година, „Кога ќе бидам мртов и бел“ на Живоин Жика Павловиќ. Тој свој трагичар Џими Барка, Николиќ го обои и со спонтан хумор и самоиронија, навестувајќи уште тогаш какви ликови го интересираат. Од вечни губитници, момчињата од маргините, паланечки сонувачи, ликови со сомнително достигнати врвови и оние од општественото дно, шармери на прв поглед, романтичари со (квази) граѓанско педигре...

Актерскиот регистар на Драган Николиќ е огромен, зацврстен уште во текот на седумдесеттите години на минатиот век, за време на судирот со златната ера на југословенскиот „црн бран“, со неговите улоги во „Хороскоп“ на Бора Драшковиќ, „Бубачки во глава“ на Миша Радивојевиќ, „Улогата на моето семејство во светската револуција“ на Бахрудин Бате Ченгиќ, „Млад и здрав како роза“ на Јован Јовановиќ, „Кичма“ на Влатко Гилиќ...


Флојд во филмот „Национална класа“(1979)

Кон крајот на седумдесеттите години до публиката пристигнува филмот „Национална класа“ на Горан Марковиќ, и незаборавната улога на Николиќ, Бране Флојд, поради која го зазема неспорното прво место во сите споменари на девојките во тоа време. Потоа следуваат и осумдесетите, и улогата на Пејачот во култниот филм „Кој тоа таму пее“ на Слободан Шијан, а потоа и улогите во „Бановиќ Страхиња“ на Ватрослав Мимица, „Сезона на мирот во Париз“ на Голубовиќ, во „Нешто помеѓу“ на Срѓан Карановиќ, „Балкан Експрес“ на Бранко Балетиќ ", „Последниот круг во Монца“ на Аце Бошковиќ, „Центар за собири“ на Марковиќ, „Селидби“ на Александар Саша Петровиќ...


Во улога на пејач (без слух) во филмот „Кој тоа таму пее“(1980)

Во турбулентните деведесети години на минатиот век, освен во филмовите „Оригинален фалсификат“ на Д. Кресоје, „Три билети за Холивуд“ на Николиќ, „Ни на небо ни на земја“ на Радивојевиќ, Драган Николиќ го гледаме и памтиме од „Андерграунд“ на Костурица, во улога на режисер, во „Буре барут“ на Горан Паскаљевиќ, во ликот на пријател, кум и боксерски спаринг-партнер на Свете, преку чиј лик се открива цел дијапазон на познати кумовски измами и предавства. Да не го заборавиме и францускиот филм „Трговскиот Вандом“ на Никол Гарсија, каде во улогата на Јанош беше партнер на Катрин Денев ... Од двеилјадитата па до овие денови, во поголеми или помали споредни улоги Николиќ се појавува во повеќе од десет филмови. Последен пат во улога на Жил Риме, претседател на ФИФА во филмот „Монтевидео“ на Драган Бјелогрлиќ...

Во филмот „Здрав и млад како ружа“ (1971), во улога на мпадиот престапник Стив

Осврнувајќи се во една прилика на почетокот на својата филмска кариера, Драган вели: „Несомнено е дека уште на почетокот ја добив вистинската шанса со улогата во филмот „Кога ќе бидам мртов и бел“. Немам причина да бидам незадоволен и со другите мои улоги. Благодарение на филмовите, станав еден вид на прототип на т.н. бунтовнички херој, еден млад човек од улица кој е постојано во борба со некои конвенции и вежбањето цинизам, водејќи своја лична војна против светот каков што го знаеме. Сето тоа водеше кон актерско клише, почнав да ги добивам само оние улоги кои, наводно, се слични на човекот Драган Николиќ, иако човекот со тоа име нему воопшто не му беше сличен. Младите, бунтовни херои лесно ми влегуваа под кожа, но јас не успевав да влезам во нивната. Или можеби е обратно...“


Влав Али во големата епска љубовна приказна „Бановиќ Страхиња“(1981)

Од тие почетоци, па сè до последните улоги, Николиќ остана во оној ранг на актери кои како Марчело Мастројани или Клинт Иствуд, никогаш не го менуваат својот впечатлив актерски регистар. Драган Николиќ опстојуваше на нашето филмско небо многу долго, или поточно е да се каже - во тоа време стана еден од најголемите актери на југословенскиот и српскиот филм. Но, и незаборавен телевизиски лик, бидејќи како може да се заборави Прле од „Отпишани“, и човекот на театарот, кој само во „Ателје 212„, (чиј постојан член на ансамблот беше многу долго време) оствари десетина вредни улоги. Сетете се само на неговиот Гаврил во „Свети Ѓорѓи ја убива аждајата“ или неговиот Ченка во „Маратонците го трчаат почесниот круг“. Со радост го прими и запамти и француската публика гледајќи го во две сезони во парискиот театар Theatre de la Ville...

Во улога на Марко во „Нешто помеѓу“ (1983)

Каде и да чекореше Гага, околу себе ширеше некоја посебна светлина. Без разлика дали се шегува на сметка на „капачките“, или зачудено се загледува во сендвичот во авионот за Париз кој изгледа како шпер-плоча, дали на снимање гледа во Сава додека ги подредуваме масите во импровизираната кафеана кај Чеде Деде. Кон таа светлина, тој така спонтано ги повлекуваше луѓето околу себе, правејќи ги подобри, и на некој чуден начин облагородени.
Тој господин шмеќер со крст, ја сакаше својата Милена со сето срце, уште од моментот кога во 1972 година, за прв пат тие се допреа „Образ до образ“ во најпопуларното југословенско телевизиско шоу на Здравко Шотра, а само таа знае колку „ѝ ја вадел маста“ со неговите шеги и закачки на нејзина сметка.

Нашата дива Милена Дравиќ и Драган Николиќ беа и останаа неразделен брачен пар, делејќи и добро и зло, со големо меѓусебно разбирање и почитување. Делеа љубов, но и горчливиот актерски леб.

Нашата Милена покрај нашиот Гага остана сè до последниот миг, простувајќи се со него во име на сите нас. Од вчера на небото вечно ќе блеска ѕвездата на Драган, а ние на некој чуден начин знаеме дека тој од небото сега нè набљудува со шмекерски поглед и насмевка. Гледа и не трепка. Сигурно ни подготвува некоја нова шега.

Извор: www.politika.rs