1025 hPa
63 %
17 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 10:14
Изгледа дека републиканците ќе номинираат кандидат кој зборува потполни бесмислици за внатрешната политика, кој верува дека надворешната политика се сведува на сила и војна, кој цинично ги користи расната и етничката омраза во политички цели. Тоа беше неизбежно, без оглед на исходот од прелиминарните избори. Единствената новост е што тој кандидат веројатно ќе биде Доналд Трамп. Републиканскиот естаблишмент се оградува од него нарекувајќи го измамник, што и е. Но, дали тој е најголемиот измамник од оние кои се одрекуваат? Па, и не е.
Ако ги погледнете луѓето кои го напаѓаат, мора да се запрашате: зошто прво не се погледнат себеси? Доналд Трамп е измамник, вели Марко Рубио кој вети големо намалување на даноците, зголемување на воениот буџет и урамнотежување на буџетот без намалување на социјалните давачки за граѓаните постари од 55 години.
„Нема избегнување на даноците и останати игри“, грми лидерот на републиканците во Конгресот, Пол Рајан, со своите мистериозни буџетски предлози, каде трилиони долари даночни приходи се остваруваат со затворање на мистериозните дупки во даночните закони, а трилиони долари заштеда се постигнуваат со мистериозни буџетски намалувања. Рајан тврди дека „секоја идеја заснована на дискриминација на другите е под нивото на партијата на Линколн“. Дали го заборави смислениот расизам на „јужњачката предизборна стратегија“ на Никсон, или потсмевањето на „кралиците на социјалната помош“ на Реган, или застрашувањето на гласачите со злосторствата на Вили Хортон во кампањата на Буш постариот?
Накратко, постои само една причина зошто 90 проценти од белците од американскиот југ гласаат за Републиканската партија, а тоа не е нејзината посветеност на либералните принципи.
Што се однесува до надворешната политика, Трамп секако е поразумен од своите ривали. Тој ја поддржува тортурата како и останатите републикански кандидати. Тој се залага за војна, но не толку како Рубио, кој е вистински фаворит на неоконзервативците, односно луѓето одговорни за нашата пропаст во Ирак. Притоа, Трамп е единствениот човек од десницата кој отворено признава дека администрацијата на Буш свесно ја измамила Америка туркајќи ја во таа катастрофална војна. И, Трамп не е оној што постојано повторува дека „со бомби ќе ја посипе“ ИСИС, туку и Тед Круз, кој притоа нема поим за што зборува.
Всушност, прашањето е зошто републиканскиот естаблишмент толку се плаши од Доналд Трамп. Тој е измамник, но измамници се и останатите нивни кандидати. Според што се разликува од нив? Изгледа дека проблемот не е во тоа што Трамп смислил некои нови измами, туку во тоа што го демаскира постоечкото. На пример, измамата која на републиканците редовно им поминува на избори, а тоа е дека тие се сериозна и зрела партија која може да ги реши проблемите со кои се соочува Америка. Всушност, таа партија одамна е мртва, а нејзините остатоци се опседнати со вуду економија и неоконзервативни фантазии. И таа вистина се соголува кога имате кандидат кој одбива да ја игра улогата која му е наменета.
Ако Трамп ја освои републиканската претседателска номинација, предвидувам дека сите загрижени конзервативци по длабоко размислување сепак ќе заклучат дека тој е подобар кандидат од Хилари Клинтон, додека самопрогласените центристи и понатаму ќе тврдат дека двајцата кандидати се подеднакво лоши. И двата ставови ќе делуваат подеднакво напнато.
Феноменот Трамп загрозува уште една измама со која републиканскиот естаблишмент ги измамува своите гласачи. Мислам на тактиката за охрабрување на белите гласачи на отпор кон силната држава, додека зад идејата за слабата држава всушност се крие политика скроена така што богатите секогаш поминуваат подобро од останатите. Доналд Трамп вели дека нема да се согласи со тоа. Тој ветува дека Америка повторно ќе ја направи бела – веројатно на сите им е јасно дека тоа е вистинското значење на големата Америка од неговиот слоган – и ќе ги сочува социјалната помош и Медикерот, при што најавува (но и не предложува) воведување поголеми даноци за богатите. Вознемирениот републикански естаблишмент едноставно чувствува дека тој не е вистински конзервативец, а се покажува дека ни големото мнозинство од нивните гласачи не се тоа.
Да се разбереме, победата на Трамп би била ужасна и се надевам дека повеќето од моите читатели се сложуваат со тоа. Но, би требало да нè плаши и можноста претседател да ни стане и Рубио, човек опкружен со воени агитатори, или Круз кој веројатно би ја вратил шпанската инквизиција. Во таа смисла, подемот на Трамп е добредојден. Тој е измамник, но измамник кој ги открива измамите на другите. А, тоа, верувале или не, сепак е некаков напредок во овие чудни и тешки времиња.
04.03.2016
Извор: http://www.nytimes.com/