Која класа ја претставувал Наполеон III?

22.03.2016 15:32
Која класа ја претставувал Наполеон III?

Во Осумнаесеттиот бримиер Карл Маркс во описот на „Општеството на 10 декември“ ја слика приватната војска на насилникот Наполеон III:

„Покрај пропаднатите развратници (roués) со сомнително потекло и со сомнителни начини на преживување, покрај упропастените и авантуристички изданоци на буржоазијата, тука уште беа и вагабундите, отпуштените војници, отпуштените затвореници, галиотите во бегство, измамниците, шарлатаните, лазароните*, џепарошите, бандитите, коцкарите, макроата, сопствениците на бордели, носачите, учените луѓе, верглашите, собирачите на отпад, брусачите на ножови, талкачите, питачите - накусо, целата таа бесконечна, распадната маса која се ака од немила до недрага, а која Французите ја нарекуваат la bohème. Од тој слој Бонапарта го формираше јадрото на Општеството на 10 декември (...) Тој Бонапарта, кој самиот е предводник на лумпенпролетеријатот, кој овде сам во масовна форма ги открива интересите по кои и самиот се води, кој во тој шљам, ѓубре, отпад од сите класи ја препознава само класата која може да ја искористи како безусловна основа, е вистинскиот Бонапарта, Бонапарта sans phrase**.“

Логиката на Партијата на редот овде доаѓа до радикилен заклучок: единствениот заеднички именител за сите класи е вишокот на измет, отпад / остатокот од сите класи. Со други зборови, во мера во која Наполеон III сметал дека е над сите класни интереси, за помирување на сите класи, неговата непосредна класна база може да биде само изметниот остаток од сите класи, отфрлената некласа од секоја класа. И така, во склопот на еден вистински хегеловски дијалектички пресврт, токму тој општествен вишок кој не може да се претстави, тој олош, плебс, по дефиниција станува изоставен од сите органски системи на општествената репрезентација, која станува медиум на универзалната репрезентација. И токму поддршката на „општествено презрените“ му овозможува на Наполен да трча на сите страни, непрекинато да ја менува позицијата, редум да ги претставува сите класи против сите други класи, како што пишува Маркс:

„На луѓето треба да им се даде работа: да се придвижат јавните работи. Но јавните работи ги зголемуваат даночните обврски: затоа даноците се намалуваат со напад врз рентиерите, со конверзија на 5-процентните обврзници во 4,5-процентни. Но средната класа мора повторно да добие и некој поттик: тоа е причина да се удвои данокот на вино за луѓето што го купуваат во малопродажба, како и за преполовување на данокот на вино за средната класа, која го пие и купува на големо; распуштање на вистинските работнички здруженија, но и ветување за чудесните идни здруженија. На селаните треба да им се помогне: хипотекарните банки кои ги забрзуваат нивната задолженост и концентрацијата на имотот. Но тие банки треба и да стекнуваат профит од запленетите имоти на кралската куќа Орлеанс. Никој од капиталтисите не сака да го прифати тој услов, кој не е содржан во указот, а хипотекарната банка останува само во указот итн.итн.
Бонапарта би сакал да остави впечаток дека е патријархален добродетелник на сите класи. Но не може да им даде на едни, а да не земе од други. Баш како што се зборуваше и за војводата Де Гуис во времето на фрондата, дека е највеликодушниот човек во Франција бидејќи целиот имот го поделил на следбениците, кои спрема него немале феудални обврски, така и Бонапарта би сакал да биде највеликодушниот човек во Франција и целиот имот и целото работништво во Франција да ги претвори во своја лична сопственост. Би сакал да ја украде цела Франција за да може да ѝ ја дарува на Франција.

Овде ја наоѓаме пат-позицијата на Сè: ако треба да се претстават сите (класи), тогаш структурата мора да биде налик на структурата на le jeu du furet, игра во која учесниците се распоредуваат во круг околу една личност и брзо зад грбот еден на друг си додаваат некој предмет. Играчот кој е во средина на кругот потоа мора да погоди кај кого е предметот - ако погоди, го заменува местото со личноста кај која предметот бил. (Во англиската варијанта играчите извикуваат: „Копче, копче, кај кого е копчето?“) Но тоа не е сè. За системот да функционира, то ест за Наполеон да се најде над сите класи и за да не изгледа како непосреден претставник на ниедна класа, не е доволно да ја лоцира непосредната база на својот режим во отпадот или меѓу остатоците од сите класи. Тој мора да делува и како претставник на една точно одредена класа, токму онаа која не е создадена да делува како обединет посредник кој изискува активна репезентација. Таа класа луѓе кои не можат да се претстават, па така само можат да имаат претставници, всушност, се разбира, е класата на селани со мали имоти:

„Селаните со мали имоти ја сочинуваат џиновската маса чии припадници живеат во слични услови, но не стапуваат во разновидни меѓусебни односи. Начинот на производство нив меѓусебно ги изолира наместо да доведува до воспоставување меѓусебни односи (...) Затоа тие не се способни во сопствено име да ги наметнат класнит интереси, било преку парламентот, било низ здружување. Не можат да се претстават, мора да ги застапува некој друг. Нивниот претставник истовремено мора да изгледа како нивен господар, како некој којшто над нив има авторитет, некоја неограничена владина сила која ги штити од другите класи и од висина им упатува дожд и сонце. Политичкото влијание на малите селани затоа пронаоѓа израз во извршната власт која го потчинува општеството.“

Само што тие карактеристики заедно ја сочинуваат парадоксалната структура на популистичко-бонапартистичката репрезентација: положбата над сите класи, менувањето на положбата помеѓу нив, директното потпирање врз упропастениот остаток од сите класи, покрај крајното реферирање на класата на оние кои не се во состојба да делуваат како колективен агент кој изискува политичка репрезентација.*** Сите тие парадокси упатуваат кон неможноста од чиста репрезентација (сетете се само на глупоста на Рик Санторум, кој во почетокот на 2012 рече дека, за разлика од движењето Occupy Wall Street, кое тврди дека застапува 99 насто, тој ги претставува сите 100 насто). Како што би рекол Лакан, поради класниот антагонизам таквата потполна репрезентација материјално е невозможна: класниот антагонизам значи дека не постои неутралното Сè на одредено општество - секое „Сè“ потајум одредена класа ја доведува во повластена положба.

* Итал. lazzaroni, перверзници, настрани. (прев.)
** Франц. без дискусија, несомнено. (прев.)
*** Во тоа тројство не е тешко да се препознае лакановската тријада ИСР: малите селани како Имагинарната основа на режимот на Наполеон III; Симболичната игра ferret, односно прескокнувањето од една кон друга (суб)класа, и Реалноста (англ. Reality), шљамот од сите класи.

(Фрагмент од есејот „Работата на сонот“ на политичката репрезентативност)
Избор и превод: П. В.
Слики: Свирачиња
Извор: Slavoj Žižek, The Year of Dreaming Dangerously (2012)