Човекот кој остава купчиња книги низ Њујорк

05.04.2016 13:18
Човекот кој остава купчиња книги низ Њујорк

Јавна библиотека...Книгите на Шахријар Малик на Бруклинскиот мост

Откако ја испразнил својата библиотека, Шахријар Малик одлучил да остава огромни купчиња книги на јавни места низ Менхетен. Зошто овој човек го прави тоа - и што се случува потоа како реакција на неговиот чин?

Замислете како се ослободувате од целата домашна библиотека и почнувате од почеток. Токму тоа го прави Шахријар Малик, на најдраматичен можен начин.

Пред околу една година, тој одлучил дека ќе остава купчиња од околу четириесет книги на повеќе јавни места во Њујорк сè додека сосема не ја испразни својата библиотека. Неколкупати ги носел купчињата книги на места како што е Бруклинскиот мост, или ги оставал на високата платформа на метрото, и си заминувал.
Тој не знае што се случува потоа, ниту пак сака да знае, бидејќи поентата на овој експеримент била да се избегне дигиталната трага (зад фотографијата на секое купче книги).

Малик сакал искуството да биде резервирано за оние кои биле присутни таму во тој конкретен момент. Книгите кои ги оставал биле од секаков жанр, од книги водичи за градинарство, фотографија, од „Подемот и падот на Третиот рајх“ до фикција. Томовите со невообичаени наслови најчесто ги сместувал на врвот од купчето, како што е примерот со насловот „Книга за донесување одлуки: педесет модели за стратешко размислување“, или „Физика за Вас“, која има „преубава илустрација на корицата“ – вели тој.

Оваа акција почнала пред една година кога Малик, уметнички директор по потекло од Лондон, бил на прошетка по Бруклинскиот мост и посакал да си направи селфи. „Во тој момент застанав и си помислив:„Наместо да правам фотографија која е направена милиони пати, ќе споделам нешто поразлично со светот.“


Метро станицата „Тајмс Сквер“, Њујорк

„Книгата ве допира, ве иритира, ги поместува границите на вашиот свет. Во моментот се наоѓате на Бруклинскиот мост, а што ако се трансформирате себеси со тоа што ќе отпатувате во некој друг свет?“

Дали луѓето ќе ги игнорираат купчињата книги, ќе се сопнуваат од нив, дали ќе ги гледаат како купче ѓубре? Тој не знае какви ќе бидат непосредните реакции, бидејќи не останува на местото на кое ги остава книгите. „Би бил навистина вознемирен доколку останам.“Како и да е, Малик остава обележувач за страници со својата е-маил адреса во внатрешноста на книгите, и досега добил повеќе од шеесет пораки од луѓе од триесет различни земји.

Сега, со празни полици, тој вели дека чувствува „олеснување“. „Јас сум ги дал тие книги, но никогаш навистина не сум ги оставил. Вие станувате она што ќе го прочитате, и тоа останува во вас, па така сега тие книги продолжуваат со својата мисија и добиваат нови животи. Една жена од Холандија ми рече дека откако ќе ги прочита, книгите ги остава во возот за некој друг да ги земе.“

Централ Парк, Њујорк

Фотографии: Daniel Yim

Извор: www.theguardian.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото