Илузијата за себе

13.04.2016 11:16
Илузијата за себе

Луѓето од сите возрасти наивно веруваат дека во понатамошниот живот нема да го менуваат својот светоглед. То ест, дека нивните актуелни животни синтези, воедно се и дефинитивни. Јасно согледуваат до која мера досега се менувале, но отсега божем веќе нема да се менуваат. Се менувале во минатото, го научиле знаењето, па во иднина веќе нема да го прават тоа. Во психологијата феноменот е познат под името „илузија за крајот на историјата“ (end of history illusion). А појаснува зошто денес своите одлуки ги донесуваме онака „од срце“, а утре одново страдаме поради таквите одлуки. Па иако не сме шапшалчиња, токму такви животно испаѓаме. Само зашто денешните избори невтемелено ги сметаме за доживотни. Со назнака дека тие потези воопшто нужно не биле погрешни. Но не требало да ги инаугурираме како вечно важечки. Бидејќи тие тогаш се кршат под товарот за кој не биле создадени.

Посебно е наивно да се смета дека нашите емотивни избори ќе останат исти низ годините пред нас. Со оглед на тоа дека емоциите се кревки плетки, кои денес се, а веќе утре не се. Е па во таа смисла утре не се, но последиците на емотивните избори и тоа како се.

Секогаш ни се чини дека нештата што ги сакаме ќе ги сакаме секогаш. И без оглед на возраста, овде повеќекратноста на искуствата не ни дава памет. А грешката се повторува. Овој оптимизам на осознавањето, за жал, е само психолошки, а не и објективен. Оти малку од она до што што до вчера самоуверено сме се држеле вреди и денес. На истиот начин малку од денешново ќе ни значи и утре. И нашите „вечни животни вистини“ просто со времето застаруваат, во корист на нови и нови. Така, очигледно, ни иднината нема да биде ко што била.

Сосема јасно согледуваме во која мера досега сме се менувале. Но дека и понатаму на истиот начин ќе се менуваме до непрепознавање, на тоа нашата непосредна интуција му се спротиставува. Луѓето го согледуваат обемот на промените помеѓу сегашното и минатото себе. И тоа во смисла на промените поврзани со внатрешниот раст. Но тие не успеваат да антиципираат дека процесот на личното созревање исто така ќе продолжи и во годините пред нив. Луѓето значајно го потценуваат степенот на промени што ќе ги искусат во иднина. Ова сепак во одредена мера им е појасно на постарите луѓе, повеќе отколку на помладите.

Просто е трајно чувството дека конечно сме го сфатиле она што треба да се сфати и сме станале онакви какви што ќе бидеме во остатокот од животот. Дека сме ја достигнале точката на промена после која веќе нема промени. Точката со помош на која нашата лична историја ја приведуваме кон крајот. Оттаму е и името на феноменов: „илузија за крајот на (личната) историја“. Точката во која престојува таа илузија е сегашноста. Во нејзе секогаш ни се чини дека токму сега дефинитивно себе сме си транспарентни. И тоа важи за сите „сега“ од нашето минато, но и за сите „сега“ од нашата иднина. А тоа ни е уште потешко за разбирање.

Јасно е дека оние што сме биле веќе не сме. Но никако не ни е исто така јасно дека утре нема да бидеме она што сме сега. Туку постојано ни се причинува дека токму сега сме во власта на разбирањето на себе и светот, кое ќе важи сè додека нè има. Некако секогаш ни се чини дека баш сега сме ја достигнале повисоката синтеза. И конечното ниво на освестено бивствување. Кое не може ниту да се надмине, ниту да се напушти. А потоа веќе утре испаѓа дека пак сме згрешиле. И дека истото за нас го мисли нашето идно јас. Илузијата наликува на лошо дежа ви кое секогаш се повторува.

На тоа нè наведува погрешното внатрешно самодоживување дека доживотно светогледот ќе ни остане ист. Илузијата произлегува од природата на нашата свест за себе. Имено, што и да ни се случило, прво нејзе ѝ се случило. Свеста така ни е дадена непосредно во искуството на прво лице, како самосвеста да ни се причинува транспарентна. Себе сме си непосредно присутни, но тоа не значи дека истовремено и се разбираме. Но затоа илузијата на саморазбирањето е силна. Дотолку, нашата свест се конфабулира самата себе. А сè со цел да произведе „факти“ во корист на однапред предрасудно донесени заклучоци. Не сме свесни за начинот како се конструира синтезата на доживувањето, на која сме ѝ испорачани. Единствено ни е грижа како да го конструираме наративот кој ѝ оди низ влакно на нашата актуелна фантазија за себеси.

Просто, така сме направени. Тоа ни е слабото место, грешката што не можеме да ја совладаме. Но можеме да го освестиме нејзиното постоење и да го антиципираме нејзиниот учинок. За тој да не стане погубен по нас. За да не ни ги стесни просторите на животната слобода и беспотребно нè затвори во позиција на робување на сопствените преценети одлуки; на сопствените избори од минатото кои никако да поминат и да станат наше минато.

Заправо, иако невтемелено, чувството дека сме ја достигнале дефинитивната синтеза на себеси и светот, ја смирува тескобноста и донесува задоволство од себеси. Само што во иднината баш и нема толку да ѝ се восхитуваме на нашата сегашна памет. Нè достасуваат некои последици од некогашните одлуки, кои нашата накнадна памет ќе ги разобличи само како уште едно во низата преценети фантазирања за себеси. Иднината не е платно на кое ја проектирираме патологијата на сонувањата и надежите. Животот пред нас е многу покомпликуван од нашите наивни концептуализации за него. Иднината не смееме да ја сонуваме, туку да ја мислиме.

Цртежи: Marcel van Eeden

Извор: Globus

Слични содржини

Психологија / Живот
Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Психологија / Наука / Живот
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Книжевност / Психологија / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото