Светозар Ристовски: „Лазар“ е слика на она што се случува во Македонија

26.04.2016 03:21
Светозар Ристовски: „Лазар“ е слика на она што се случува во Македонија

На вчерашната прес конференција посветена на скопската премиера на „Лазар“ на Светозар Ристовски, покрај режисерот гстуваа и директорот на фотографија Дејан Димевски и Атанас Георгиев, која ја работеше монтажата, а од Хрватска, за премиерата на Скопје филм фестивал пристигна и Ведран Живолиќ, кој ја толкува насловната улога.

Режисерот Ристовски, рече дека презел ризик ангажирајќи го Ведран за насловната улога и е задоволен од резултатот

- Кога го подготвував сценариото имав замисла за главниот лик и не секогаш е тоа профилиран актер. Ликовите и на Марко и на Ведран идеално одговараа за улогите, беше ризичен, но благороден потег, затоа што овие актери идеално се вклопија во ликовите, рече Ристовски.

Актерот Ведран Живолиќ вели дека овој филм за него е животно искуство што никогаш нема да го заборави:

- Свето презеде голем ризик со тоа што ме ангажираше, особено заради јазикот, мораше да ја играм улогата на македонски јазик. Ќе му бидам благодарен до крајот на животот, ова за мене беше едно големо искуство, голема школа и не го кажувам ова куртоазно, туку навистина така мислам, имаме одличен филм, одлично сценарио и екипа, вели Живолиќ.

За тоа како се одлучил токму за вакво сценарио, Ристовски рече дека приказната со шверц на луѓе кај нас не е непозната и трае веќе десетина години.

- Роден сум во Велес и бев сведок на последиците на општествениот колапс што се случи со транзицијата. Цела моја генерација остана без перспектива и многумина влегоа во криминални структури, се знаслушав многу такви приказни. „Лазар“ е слика на она што се случува во Македонија, тоа е една емотивна слика на будењето на емпатијата, на создавањето на совеста, на будењето на хуманизмот. Филмот го поставува прашањето за тоа каде е границата меѓу емпатијата и себичноста, себичноста која е тренд на денешното време на глобализација, вели Ристовски.

Директорот на фотографија Дејан Димевски рече дека ова е прва соработка на игран филм со Светозар Ристовски, иако работат на пректи уште од студентски денови.

- Уште од почетокот, кога се договаравме за структурата, бојата, валерите на тонови, за атмсферата на филмот, се согласивме дека камерата треба да ја поддржува нарацијата на филмот. Филмот е многу храбро направен, има масовна сцена со 3000 учесници, која е снимана за 8 часа, потоа има малку светло заради автентичноста на просторот и времето на дејствието, објаснува Димевски.

Режисерот Ристовски кој живее во Канада, истакна дека секаде каде што ппобарале поддршка во Македонија, од сите институции им била дадена.

Фотографија: Снежана Алексовска