Да се биде здрав и да се биде вработен, и да се биде вработен а да се биде здрав

13.05.2016 11:18
Да се биде здрав и да се биде вработен, и да се биде вработен а да се биде здрав

Глобалната криза од 2007-8 година го означи рушењето на идејата дека целта на економијата е да се создаде избалансиран систем на рационални очекувања и инвестирање во нивното остварување. Но, во рамки на системот базиран на перпетуирањето на принудниот копнеж на работничката класа за материјално, во смисла исклучиво стопанисување за да можат да се задоволат потребите на секојдневниот живот и на паралелната системска алчност на капиталистичката класа која структурно е во позиција истото да го оствари на туѓ грб, тешко дека можеме да зборуваме за избалансиран систем на рационални очекувања. Акумулацијата на капиталот воедно значеше акумулација на мизеријата и продлабочување на агонијата на напорната и недоволно платената работа. Во психосоцијален контекст, поместувањето во структурата на работните односи доведе до ментална деградација на човекот, што воедно значи и промена на перцепцијата на работата, која сè почесто се доживува како робување за да се задоволат основните егзистенцијални потреби. Животниот век на човекот е претворен во работен век, а слободното време сосема му е подредено на остварувањето на примарните потреби.

Дејвид Смејл во својата книга The Origins of Unhappiness истакнува дека респонсибилизацијата стана една од најуспешните тактики на владејачката класа со која се подобрува перпетуирањето на постоечките работно-социјални односи. Секој член на потчинетата класа е охрабрен да се чувствува одговорен за својот „неуспех“ – поединецот со поголемо задоволство ќе прибегне кон критика на самиот себеси, односно на сиромаштијата, недостатокот можности и/или за невработеноста ќе ги обвини постоечките социјални структури. Магичниот волунтаризам, поимот кој го воведува Дејвид Смејл, ги обележува тенденциите на економскиот систем кој е на сила во последните петстотини години, а ја означува верата во моќта на секој поединец да стане она што сака, како и убедувањето дека судбината се наоѓа исклучиво во неговите раце. Се работи за опасно тврдење кое, најпосле, го лишува од секаква можност за критичко расудување за политичкиот, економскиот и општествениот систем во кој живее. Човекот станува единствен виновник за своето неуспешно прилагодување во рамки на системот во кој не се чувствува способен да функционира.

 

Под притисокот на мерките за штедење, односно намалувањето на давачките за јавниот сектор, како и напредните процеси за приватизација на ресурсите, прекаризацијата на трудот и растечката невработеност, а под товарот на неисплатените долгови, ваквото наметнување вина дополнително ги засилува патофизиолошките промени во сферата на менталното здравје. Континуираната нестабилност и неможноста за снаоѓање во какофонијата информации создава чувство на анксиозност и депресија. Прекаризацијата и драматичниот пораст на невработеноста ги поттикнаа на истражување корелациите меѓу порастот на бројот депресивни личности во различните популации и нивните економски показатели, со посебен нагласок на поврзаноста на невработеноста и депресијата.

Мари Јахода ги поставила темелите на теоријата за депривација, гледајќи ги луѓето како пасивни битија, чувствителни на екстремни дразби. Јахода смета дека вработувањето инхерентно содржи пет прикриени последици. Нивното отсуство, за кое причина е токму губењето на работата, има негативни последици по менталното здравје на поединецот. Според нејзината теорија, вработените поединци имаат структурен ден, негуваат социјални контакти надвор од семејството, се поврзуваат со колегите за да остварат заеднички цели, активни членови се на општеството, што придонесува за изградба на сопствениот идентитет и позиционирање во рамки на социјалните структури. Тврди дека наведените последици од вработувањето се токму трајни човечки потреби кои невработените не успеваат да ги остварат. Џон Хеливел и Роберт Путнам во својата студија од 2004 година посочија дека губењето на работата значи и губење на социјалните контакти, што предизвикува исклученост од променливите процеси за циркулација на општествениот капитал и доведува до опаѓање на субјективната перцепција на благосостојбата.

Дејвид Фраер во својот труд ја критикувал теоријата за депривацијата на Јахода. Утврдил дека нејзиното, а подоцна и истражувањето на Вар, се длабоко прашални од аспект на практиката и дека страдаат од методолошки недостатоци и емпирицизам. Основната критика е насочена кон моделот на Јахода кој луѓето ги гледа како пасивни, реактивни, зависни и генерално интринзично мотивирани. Фраер дава малку поинаква перспектива, сметајќи дека луѓето тежнеат кон самоактуелизација и самоопределување и настојуваат да се соочат со секојдневието во согласност со сопствената скала на вредностите, целите и очекувањата. Желбата за самоостварување длабоко е осуетена од невработеноста и сиромаштијата, што резултира со ниско ниво на самодоверба. Како последица, се јавуваат низа симптоми, како депресија, чувство на безнадежност, апатија и анксиозност, психосоматски нарушувања, алкохолизам и самоубиство.

 

Михаел Фресе и Џорџ Мор во студијата од 1987 година заклучиле дека депресијата е најизразена последица од невработеноста – болеста на невработените. Разорните нуспојави од невработеноста се зголемуваат пропорционално со должината на периодот на невработеноста – долготрајната невработеност го зголемува ризикот од појава на униполарна депресија, анксиозно и панично нарушување. Фрустрирачките обиди за да се најде работа, во комбинација со немањето општествена и економска моќ, се доживуваат како губење контрола на невработената личност над сопствениот живот, но истовремено се создаваат услови за живот преку наученото чувство на беспомошност.

Маргинализираните општествени групи се во уште потешка состојба. На пример, Керлин К, Роберт Петручи и Дена Б. Тарг (1997) во нивната студија нагласиле дека жените се почеста мета на дискриминација на пазарот на трудот, што во голем дел ги намалува нивните шанси за повторно вработување и така ја продолжуваат агонијата на состојбата на невработеноста. Исто така, жените почесто се вработени на работни места кои се помалку „атрактивни“, отколку што тоа е случај со мажите.

Не се „поздрави“ ни оние вработените. Во постојаното компетитивно окружување, работниците се принудени да работат во лоши услови за работа додека приходите континуирано им се намалуваат. Неадекватните работи и ниските плати, како и прекарната работа, се во директна врска со продлабочувањето на кризата во сферата на менталното здравје. Исто така, високите стапки на невработеност негативно влијаат на психичкото здравје на вработените затоа што се зголемува стравот од губење на работата кој континуирано создава состојба на анксиозност. Важно е да се напомене дека стравот од губењето на работата е потенциран со неповолните преговарачки позиции на работниците на пазарот и слабеењето на синдикалното организирање.

Од наведеното може да се заклучи дека социјалната кохезија е важен фактор за одржување на менталното здравје затоа што блиските врски во нуклеусното семејство ги амортизираат негативните последици од долготрајната невработеност. На глобално ниво можеме да забележиме дека во егалитарните општества стапката на социјалната кохезија е повисока отколку во општествата кои го негуваат индивидуалистичкиот етос и во кои отстапувањата кај еднаквоста меѓу луѓето се поголеми.

Нарушеното ментално здравје претставува здравствен, општествен, но и економски проблем. Студиите кои ја проучувале врската помеѓу невработеноста и појавата на менталните заболувања, со акцент на зачестеноста на депресијата како моментално доминантен облик на менталните болести, биле темел на пресвртот на неокласичната економска мисла кон економијата на среќата. Акцентот на промислувањето на економските појавности кои влијаат на чувството на субјективна благосостојба, на владејачките класи во стремежот кон максимизација на продуктивноста, а со тоа и профитабилноста, им овозможил пристап до нови аналитички алати за мерење на општествениот и економскиот раст и придружно дисциплинирање на ментално ослабената работна сила.

Илустрации: Mario Sánchez Nevado

Извор: http://slobodnifilozofski.com