Груевски како Чаушеску, Хусеин и Гадафи!?

18.05.2016 15:18
Груевски како Чаушеску, Хусеин и Гадафи!?

 Се редат емисари кај Груевски како кај Садам пред Заливската војна. Се разбира, ние не сме Ирак, а и нашето чудовиште не е Хусеин, но тоа не значи дека нема да има бесење. Можеби на нашиот карактер и на поднебјето повеќе ќе ѝ одговара некоја николаевска тараба, но, во крајна линија, јас не ги исклучувам сосема и шансите човеколикиот да сконча и во некаков гадафиевски формат.
Не затоа што луѓето што маршираат во Шарената револуција се вооружени со таков бес!

Не!
Тој се движи кон таквите солуции.

Тој ја движи ситуацијата кон такви опции.
Тој го силува општеството и секој миг му ликвидира по некоја од цивилизациските опции во однос на себе.
Тој ги урива зад себе и последните понтончиња што се обидуваат да ги одржуваат во политичкиот промет Бејли, Хајндл и другите.
Тој се движи како ѕвездест бубрежен камен низ мочните канали на општеството и предизвикува несносни болки. На луѓето им иде да си ја искорнат утробата.
Тој ги повлекува со себе, во својата тотална осаменост, на крајната периферија на македонската вселена, последните кулиси од уреденоста. Правна, плурална, демократска, културна.
Ја влече со себе главата на државата и ѝ го стиска јастукот врз лицето.
Ѝ ги корне цревата за кислород и инфузија.
Со својата отсутна присутност не дави сите.
Нема никаква свест за ништо, мислам и за себе.
Нема ниту моќ.
Перцепцијата на неговата моќ е многу над нејзините реални капацитети. Мислам дека не е повеќе во состојба да го покрене и контролира и репресивниот апарат. Ако се тргне позата, ќе се види дека и во злосторничкото здружување му се паднати акциите на најдолно ниво.
Осамен е скроз на скроз.
Има контрола врз спонтаните чистачки на исшараните споменици.
Хемијата на општеството е сменета. Тоа не е обична смена. Тоа е смена што се храни од самата себе и несопирливо се шири.

Определбата да оди на избори, сам, не е политички чин, тоа е медицински феномен и така треба да се третира.
А повикувањето на народната волја (од разговорите со Хајндл) за решавање на кризата предизвикана од најтешките форми на криминал, вклучувајќи го и злосторничкото здружување и чинот на велепрадавството, ја потврдуваат горната констатација, тие се многу прецизна дијагноза, а не политика за излез од кризата.
Можеби тој и сака да заврши како што завршија диктаторите што ги споменавме на почетокот. Можеби некаде во потсвеста ја има формирано таа слика за себе како маченик кој во некое идно време во такво маченичко издание ќе ги генерира политичките процеси на овие простори.

А општеството што го одбило ќе го дисквалификува како нецивилизирано!
Меѓународниот фактор значајно ја смени реториката и пристапот, но јас мислам дека треба ѕверката да ја нагазат уште пожестоко: да престанат да ги повикуваат четирите партии и четворицата лидери да ги продолжат реформите затоа што во Македонија е урушен комплетниот партиски систем.

Овие што деновиве парадираат во името на таа урушеност се карикатури, Павле, Лиле, Јове, а на еден сериозен начин на тоа друштво му се приклучува и СДСМ, кој со секоја секунда ја зголемува дистанцата меѓу себе и пулсирањето на општеството.


Потребна е експертска влада, независен суд и значајна интервенција во медиумите.
Во октомври/ноември 2007 година неделникот „Глобус“ пишуваше за потенцијалите на тукушто устоличеното злосторничко здружување и навестуваше што ја чека Македонија. Да се потсетиме на тие укажувања низ два цитата: „Новата власт ја претпочита новата политичка конституција на државата како своја политичка и идејна легитимација пред европските перспективи на старата конституција што несреќно ја идентификуваше со старата власт и, трето, најдлабоката идеолошка основа на власта во Македонија е тоталитарна (контрареволуционерна) затоа што мисли дека ќе го исполни својот долг ако ја доведе до крај програмата не за реформа на комунистичката држава, туку за реформа на државноста како комунистичко остварување. Се разбира, опозицијата не е без одговорност и во најновите случувања и во случувањата што ги одредуваше во долгиот период во кој беше власт, но општо земено, нашата несреќа е подлабока зашто ние сме жртва на лажната претстава за себе си и за светот во кој живееме, особено на делот во кој таа претстава служи како основа на политичките артикулации на нацијата“.

Еве го и вториот цитат: „Не знам како да го крстиме овој феномен на системската и систематската дисолуција на идејата за Македонија, но сакам да кажам дека во европската историја и литература тој е познат под името кое на предавството ‘му дава извесна доза на методичност’ (Јулиуш Словацки). Така се дефинира поимот ‘валенродизам’ или ‘валенродство’. Конрад бил средновековен јунак од преодот меѓу 14 и 15 век. Мицкјевич го има овековечено тој витез на крстоносниот ред како архетип на свесната работа во корист на сопствената(односно на националната) штета. Валенрод ги водел Полјаците во порази во битките со Литванија со стил и метод од кои подоцна се родил сомнежот дека човекот воопшто не бил Полјак, туку дека бил Литванец. Не сум сигурен дека ние имаме таква фигура по решението на бившиот премиер да го збогати националниот корпус на источните соседи, но дека имаме таков феномен - тоа е повеќе од очигледно. Заговорот не е теорија, туку трансценденција на духот што дејствува и тогаш кога организираните форми и поединците имаат или можат да имаат сосема спротивни цели. Брисел и Вашингтон треба да престанат да кажуваат што сè треба да направиме за прогрес во евроатлантските интеграциите зашто македонските валенродисти тоа го разбираат како шифра која им кажува што не треба да прават. И, навистина, не прават или прават наопаку“.

А, еве и нешто поново, можеби како потсетник за господинот Хајндл. Се рабити за Вук Перишиќ и за мисијата на Германецот и за нашата ориентација, доволно е само зборот Хрватска да се замени со зборчето Македонија: „Поделбите во хрватското општество не се идеолошки туку цивилизациски. Тоа не се политички судири, туку непомирлива, непремостива спротивност меѓу непознавањето на елементарната демократска и морална абецеда, од една страна, и недоволно артикулираните и недоволно решителните остатоци на разумот што не ги голтнала страховладата на националното ‘заедништво’ од деведесеттите години, од друга страна. Опозицијата сеуште не сфаќа дека демократијата не е прашање на нијанси во тесните рамки на таканаречените национални интереси. Демократијата станува демократија дури кога без задршка ја доведува во прашање самата нација. Толку колку што демократскиот отпор на актуелната власт, по потреба и решителната граѓанска непослушност ќе биде дрска, бескомпромисно посветена на одбраната на индивидуалните слободи, толку иднина ќе има демократска и европска Хрватска“.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат