Од шампиони по хуманост до бранители на Европа

07.06.2016 08:17
Од шампиони по хуманост до бранители на Европа

Дел од бегалците од Сирија, земја која е во војна, а чиј вкупен број на побегнати се проценува на 9 милиони, деновиве се наоѓаат во ситуацијата во која биле Евреите кои заминале пред германските планови за нивно истребување. Бегалците од Германија со бродот „Сент Луис“ во 1939 година се упатиле кон Куба. Тие тогаш не добиле право на влезни визи во оваа земја, ама и во Северна и во Средна Америка. Биле принудени да се вратат назад. Одлуката да не се примат бегалците од Германија во 1939 година најчесто се базира на „фактот“ дека тие поседувале „нелегални документи добиени по пат на подмитување на германски државни службеници“.

Оваа епизода со документите и нам ни е позната, за неа слушаме и низ контакти со одговорните и со учесниците во згрижувањето на тие што ја минуваа нашата граница барем двапати. Дел од тие сведоштва ги имаше и на неодамна одржаната трибина под наслов „Медиумите и бегалската криза: кој и зошто ги заборава заборавените во Република Македонија?“

ПОВТОРНО РОДЕНИ

Како што му кажа соработничката на Хелсиншки комитет – Елена Брмбеска на потписникот на овие редови во еден сличен повод, грчките документи издадени од страна на тамошните органи се сведоштво за крајниот формализам на надлежните кои посакувале само едно – бегалците да им се тргнат од пред очи. Така, двајца самонаречени татковци со група деца од 2 до 11 години, за кои се покажува потоа дека тоа не се вистински родители, имаат документи во кои сите деца се родени на 1 јануари, само во различна година!

Имаат ли грчките официјални органи, како и нашите, секако, позитивен став кој дијаметрално се разликува од оној кај кубанските власти кон „колнатиот брод“? Треба ли да се пофалат оние кои даваат документи како загрижени и неформални хуманитарци ако нивниот мотив бил тие само за да се „отарасат“ од дојденците што побргу? Гледано од аспект на хуманоста, можеби да, ние едно време ги презедовме тие лица, им издававме документи, ама тешко дека при тоа барем погледнувавме во нивните лица. Многу службеници, како оној кој ги „крстел малолетниците на Идомени“, во тој миг гледал во бегалците само толпа која шири реа и на која не треба да го троши своето време.

„Фашизам е секоја идеологија која не го гледа човекот како единка, туку како група од која сака да се заштити или да ја победи … Неволни да ги гледаме неволјите на другите, ги тргаме главите како што сите светски сили во 1939 година не сакале да знаат за неволите на патниците во бродот ‘Сент Луис’“ – пишуваше лани Катарина Миличевиќ, наша колешка на порталот nenasilje.org, по повод бегалската криза која со слични карактеристики се случи и во Србија. Нејзина е проценката, која е секако многу објективна, дека не сакаме да ги видиме грижите на другите, дека ја вртиме главата од нивната судбина како некогаш целиот свет од Евреите натоварени на бродот „Сент Луис“.

Факт е дека земјава, како рефлекс на една гарнитура која и онака многу полага на пропагандата, сакаше да се види во сликата во која земјава наводно многу сторила за бегалците.

ПОВТОРНО ВИНОВНИ СОРОСОИДИТЕ

„… Доаѓаме до најновата криза со бегалците и мигрантите која во моментов се случува во Европа. Македонија и нејзините институции повторно ја покажуваат својата хуманост и помагаат колку што можат. Македонија на жител има најголем прилив бегалци и мигранти кои транзитираат низ земјава. Досега, тоа се некаде околу 10 отсто од вкупната популација на Македонија… Во овие околности, Македонија го направи максимумот, иако поддршката и помошта беа многу, многу ограничени од страна на побогатите и поразвиените. И, дежурните катастрофичари блиски до СДСМ и Сорос повторно направија хајка против Македонија. Повторно ја оцрнуваа и кодошеа Македонија, го кажуваа најлошото и најнегативното. Ги немаше да кажат ништо кога многу поголеми и побогати држави завршија во многу поголеми проблеми од Македонија. Но, видовме и знаеме дека нивната улога е вечно да ја напаѓаат токму Македонија“, пишуваше есеноска Влатко Ѓорчев во „Дневник“.

Заслуживме ли да се удираме во гради до помодрување дека толку многу сме сториле за оние за кои немавме никаква државна стратегија до јуни 2015 година?! На споменатата трибина се говореше, пред сè, за лошо прикриен отпор кон овие бегалци, особено врз основа на расна и верска нетрпеливост!

Сепак, генерално ние имаме една комплетна опортунистичка политика во овој случај. Само да потсетиме дека во една анализа презентирана неодамна во МАНУ, проф. Јове Кекеновски констатираше дека постои „неадекватна и лоша проценка и погрешна политика на државното раководство во периодот од ноември 2014 до јули 2015 година“. „Ова ненавремено и неконзистентно однесување доведоа до 30-тина несреќни случаи со бегалците, вклучително бебиња, жени и деца, кои беа усмртени по удар од воз покрај пругите на Коридорот 10. Во истиот период стотици бегалци беа незаконски притворени во прифатниот центар за странци во општина Гази Баба – Скопје, каде неколку месеци поминуваа во крајно нехумани услови. Поради пренатрупаност на центарот, повеќе невладини организации ја обвинија Македонија за тортура над овие лица. Неколку месеци подоцна центарот во Гази Баба стана принудно сместување за бегалци што треба да служат како сведоци во кривични постапки против криумчари и сторители на дела од омраза. Со тоа, Македонија стана единствена земја во светот која притвора сведоци и жртви на кривични дела“, констатираше Кекеновски на споменатиот форум.

НЕСПОСОБНОСТ ЗА МЕНАЏИРАЊЕ ВО КРИЗНИ ВРЕМИЊА

Не можеме да говориме за негативни емоции кон дојденците, на што алудираа присутните на трибината во „Менада“, колку за едно комплетно потфрлување во една организациона смисла и неспособност за менаџирање на истата, која целосно легнува на душа на оваа Влада! Кога се воспостави каков-таков ред на двете гранички точки (Гевгелија, Табановце), повеќе благодарејќи на Црвениот крст и на НВО-секторот, ние наеднаш станавме „шампиони на хуманоста“, иако главно се работеше за регистрација, потоа и за трансфер со воз на бегалците до Србија.

При таа стратегија за односи со јавноста на власта, ние за сето тоа завршно не добивме добар третман во меѓународните медиуми, вклучително и на нашите безбедносни сили. А, нашето врвно раководство, својата активност на себевеличење како да ја имаше завртено кон внатрешни импресионирања?! Затоа и не добивме макар и мининимално добра позиција кај меѓународните финансисери. „Политиката на напад кон ЕУ, за жал, ни се врати како бумеранг. Одговорот на ЕУ беше брз, жесток и аргуметиран, а капак на сè беше навредата, односно пораката дека тие не даваат пари на банкарски сметки на владата!“, ќе заклучи Кекеновски во споменатиот извештај.

ШЕФОТ НА ДРЖАВАТА НА ЧЕЛО НА КОЛОНАТА

Треба ли да се потсетиме дека предводник на таа реторика беше токму претседателот на државата?! Тој, исто така, стана ороводец на коперниканскиот пресврт на пропагандната војна кон западните земји, потсетувајќи ги, по затворањето на границата, дека ние сме „чувари на Европа, иако не сме во Европа“, што од аспект на формалната логика е во контраст со претходната „хуманистичка слика“ што ја ширевме, сликајќи се крај бегалците?!

Впрочем, ние во меѓувреме, при поделба на мислењата околу кризата во ЕУ, се определувавме во свртување од германскиот концепт кон тој што го нудеше Орбан и членките на Вишеградската група. Но, за нас е поважно, секако, тоа дека сите тие кризни инциденти кои логично се јавуваа во такви ситуации, ја исфрлија на површина и неподготвеноста на Македонија, како од аспект на ресурси, така и од аспект на немање стратегија, за справување со вакви предизвици. Тоа беше само една опортунистичка колона на државни службеници која ја предводеше шефот на државата.

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Александар Ковачевски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото