Сништата на разиграната пчела-робот

08.07.2016 12:52
Сништата на разиграната пчела-робот

Во последно време се чини дека моето семејство е опседнато со храна, опседнато со тоа дека нема доволно храна. Со години лагодно живеевме во предградието со другите припадници на средната класа, а сега мислите ни бегаат кон изгладнетост и смрт, свенатост и исчезнување, додека сè околу нас цвета и се размножува.

Минатата недела мојата жена Џени освои мисирка на томбола и со тоа, се чини, привремено го прекина егзекутирањето на нашето семејство. И децата се однесуваа како да добиле најубав Божји подарок, нешто надвор од сè на што се надевале во животот. Јас морав да глумам среќа, бидејќи знаев што значи тоа: Сега Џени е ловец.

За еден месец ќе цицаме срцевина од коските на мисирката. А потоа сомнително ќе се погледнуваме. Ноќе, во постелите, ќе наслушнуваме кој прв ќе направи предавство.

Ноќеска повторно сонував елен како си ги кине глуждовите газејќи нив тврдата кора на снегот. Чувствував како му слабее духот, како му потфрла волјата за живот а бруењето на постојаната болка му баботи низ телото сè до мозокот. Зимава на неговите коски нема многу месо, но јас станувам од постелата и натаму сонувајќи – не можам во моментов да дозволам сонот да се разлее – ги пронаоѓам чизмите и јакната и навлегувам во густата темнина и пустиот мраз, и понатаму не давајќи му на сонот да замине; и како да ги следам малечките, продорни вресоци, како да имам некаков радар што неумоливо ме носи кон местото каде еленот сам ми го предава своето слабичко, изнурено тело, како да правам некакво милосрдно дело за кое тој ми е благодарен. Но тоа е долго патување, и болно студено, и искрснува прашањето дали сум или не сум, бидејќи радарот веќе не работи и не е во состојба да го најде патот до дома. Син ми исчезнува пред мои очи. Тој играше во училишниот фудбалски клуб и беше прилично добар некое време, но сега Џени го натера да престане бидејќи коските му се премногу кревки. Немирен е и раздразлив и веќе не ме вика „тато“. Всушност, мислам дека веќе воопшто и не ми се обраќа директно. На сестра му ѝ вели нека ме замоли да му додадам сол. Секогаш бил толку вреден, во лето ја косеше тревата, доставуваше весници, чуваше деца. Се чини дека соседите веќе не му веруваат; не сакаат да гледа што сè имаат тие. Впечатокот е дека на сите нив им оди толку добро, а Џон е лут – не му се допаѓа она што го гледа. Некогаш бевме многу блиски, Џон и јас. Го научив на сè што знам, а сега се чини дека не знам ништо.

Џени е огорчена што мора да работи. Порано беше среќна што е домаќинка. Сакаше да ги гледа децата како растат. Сега е моја работа да останам дома и да гледам како се истенчуваат. Миси – мојата ќерка – нејзе ја сакам со целата душа, за неа би го дал и животот, само кога со тоа би можел да ѝ купам иднина во која ќе има љубов и да ѝ овозможам да се развие во прекрасна личност каква би требала да биде. Но со мојот живот деновиве не може да се купи ништо и гледам како во нејзиното младо тело фаќаат корен зачетоците на некоја гнасна дрскост и како ми се обраќа со презир во својот некогаш меден глас. О, моја Миси, моја Миси, и ти се слизнуваш, се слизнуваш од мене, од иднината што за тебе ја посакував.

Јас сум дух, пушам во подрум, ја пушам последната цигара. Веќе не сум дел од овој дом. Јас сум малечок предмет создаден од рамнодушни научници. Јас сум експеримент, механичка пчела сместена во близина на кошница. Вистинските пчели беа среќни што се пчели сè додека не дојдов и не им ги пренесов многуте лажни информации што ги уништија нивните малечки животи.

Превод: Лавинија Шувака

Слики: Anne Buckwalter

Пчели во мозокот на Џемс Тејт

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото