Двоминутен тест на личност

26.06.2016 16:33
Двоминутен тест на личност

Кое е најљубезното дело кое замалку сте го направиле? Дали вашиот страв од несоница е посилен од стравот предизвикан од она што ве разбудило? Дали одгледувањето бонсаи е окрутно? Дали го сакате тоа што го сакате или само го сакате тоа чувство? Помислете на најраното сеќавање: дали гледате со тогашните очи или се гледате себеси тогаш? Што ви е пострашно: што знаете дека има луѓе кои прават повеќе со помалку талент, или што знаете дека има луѓе со повеќе талент? Дали чекорите по подвижните патеки? Дали воопшто би требало да биде важно што сте биле свесни дека тоа што го правите е погрешно? Дали би ја менувале стварната интелигенција за претставата дека сте попаметен од она што сте? Зошто ви пречи кога некој на соседната маса зборува на мобилен телефон? Колку години од животот би дале за најубавиот месец во својот живот? Да е можно, што би му рекле на својот татко? Што побрзо ви се менува, телото или умот? Дали е сурово на постара особа да ѝ се соопшти прогнозата на лекарот? Дали од која било причина сте лути на својот телефон? Кога поминувате крај излог, дали погледнувате што е изложено во него, погледнувате во својот одраз, или воопшто не ни гледате? Постои ли нешто за што би го дале животот ако никој никогаш не би дознал за тоа? Кога некој би успеал да ве убеди дека парите нема да ве направат ни ронка посреќен, дали и понатаму би сакале уште пари? Што е за вас засекогаш упропастено? Кога би се обелоденила вашата најголема тајна, дали би ви било простено? Дали вашиот најдобар пријател е и најдобрата личност меѓу вашите пријатели? Дали е барем малку окрутно на куче да му се даде име? Постои ли нешто што би сакале да признаете? Знаете кога се вели дека „ свраки ви го испиле мозокот“ и дека некој ве „демне како кобец“, но како беше изразот за кукавици? Поради што ве плаши смртта? Како се чувствувате сега кога знаете за изразот дека некој ви „подметнува како кукавичјо јајце“?

Превод: П. В.
Слики: The Royal Art Lodge

Џонатан Сафран Фор (Jonathan Safran Foer, 1977) е веќе етаблиран американски писател. Ги објавил романите Everything Is Illuminated (2002), Extremely Loud and Incredibly Close (2005), според кои се снимени и филмови. Ја напишал и документарната проза Eating Animals (2009). Предава креативно пишување на New York University.
Расказот Two‒Minute Personality Test е преземен од списанието Vanity Fair.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото