1022 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 16:59
Си зборувам самиот на себе како чекам некакво просветлување, но всушност никогаш ништо не се случува. Го изнесувам кучето на прошетка. Тоа брка верверици. Се чини дека ќе започне борба со друго куче, но на крајот само се превртуваат по тревата и сјајно се забавуваат. Мислам дека во тоа навистина има некоја поука. На враќање кон дома откривам дека ме избрале за пратеничка должност. Мислам: но јас сум луд, јас сум глув, јас сум слеп. Јас сум последната личност во светот што им треба. Приготвувам кафе и седнувам во дневната соба со списание в раце. Во него има приказна за некоја постара вдовица која живее со својата свиња тешка двестe и седумдесет килограми. Вели дека свињата ќе ја заштити од секој непоканет гостин. Вели дека веќе избркала тројца, а притоа еден од нив толку осакатила што веќе речиси не можел да се препознае. Притоа вели дека тоа е многу уредна и чувствителна свиња. Морам за тоа долго да размислувам. Точам кафе во шолјата. Мислам дека жената лаже за нешто, иако сум се уверил дека и во најбизарните приказни има некоја вистина. Ѕвони телефонот. Тоа е Морис. Вели: „Руди, морам да разговарам со тебе. Станува збор за исклучително важна работа. Кога ќе биде згодно да поминам?“ Велам: „Морис, не ме ни праша како сум. Па каде ти е убавото однесување?“ „Руди, прости, но станува збор за неодложна работа, а мислам дека не е во ред за тоа да зборуваме преку телефон“, одговори тој. „Сè уште не ме праша како сум. Ма, добро, заборави. И онака никогаш не си бил баш воспитан“, додавам. „Можам ли веднаш да дојдам?“ прашува тој. „А да дојдеш за една недела од денес, да речеме напладне?“ „Но, Руди, ова е итно“, возврати. „Добро, дојди, но се надевам дека е вредно, бидејќи ги прекинуваш моите експерименти“, одговарам. Петнаесет минути подоцна Морис беше на вратата. „И, што е?“ прашувам. „Ланс е во затвор, а ги уапсија и Алфред и Феликс“, рече тој. „За што ги обвинуваат?“, прашувам. „Сомнежот е за терористички активности“, одговори. „Значи, тоа е лудо“, реков. „Знам, но се плашам дека ние сме следните“, рече тој. „Јас никогаш ништо не сум згрешил. Па, освен онаа ракета направена од пластично шише, но не ми е јасно како би можело тоа да се смета“, реков. „Тоа не е важно. Тие имаат своја квота што треба да ја исполнат и очајни се“, рече тој. „Што ќе направиш?“ прашувам. „Па, размислувам да заминам од земјава. Имам вујко во Хонг Конг кој ми вети работа во банка. Тој управува со таа банка. Веројатно би можел и тебе да ти најде работа“, рече. „Не, благодарам. Читав статија за Хонг Конг во Нешнл Џеографик. Мислам дека тоа не е за мене, а и не можам да се замислам како банкар“, реков. „Подобро тоа отколку долга затворска казна“, одговори тој. „Сигурен сум дека на крајот сè ќе испадне добро“, реков. „Па, добро Руди, само мислев дека би требало да знаеш. Ми се чини дека си сосема задоволен овде, во својот свет, па веќе нема да ти додевам“, рече. Се ракувавме и тој замина. Во статијата пишуваше и тоа дека свињата знае да брои до десет. Размислував за сè што Морис ми кажа. Вистина, живееме во немирни, непредвидливи времиња, но мора и понатаму да останеме човечки суштества со сите свои надежи и сништа, инаку чуму сè? Јас тежнеам кон просветлување, но што е тоа всушност? Ѕиркање низ пукнатините во ѕидините на дворецот? Морковот е само морков, а човекот е само човек кој чека да се случи наредната работа. Но свиња што знае да брои до десет е навистина нешто величествено.
Превод: Лавинија Шувака
Слика: Ditz