Предавничко срце

23.08.2017 01:42
Предавничко срце

НАВИСТИНА! - вознемирен - бев и сѐ уште сум многу, многу, ужасно вознемирен; но зошто да велите дека сум луд? Болеста ми ги изостри сетилата - не ги уништи - не ги отапе. А над сѐ ми се изостри слухот. Ги слушнав сите нешта на небото и земјата. Многу слушнав и од пеколот. Тогаш, како тоа сум луд? Слушнете! И обрнете внимание како здраворазумски - како смирено можам да ви ја раскажам целата приказна.

Невозможно е да се каже како таа мисла првпат ми падна на ум; но кога еднаш се роди, ме прогонуваше дење-ноќе. Не постоеше никаков мотив. Не постоеше никаква страст. Го сакав старецот. Никогаш ништо не ми згрешил. Никогаш не ме повредил. Никогаш не го посакав неговото злато. Мислам дека целата работа беше заради тоа негово око! - да, токму тоа! Тој имаше око како на мршојадец, бледо сино око прекриено со перде. Кога и да се спуштеше на мене, ми се смрзнуваше крвта; и така, малку по малку - многу постепено - одлучив да му го одземам животот на старецот и со тоа засекогаш да се ослободам од тоа око.

А сега она важното. Вие ме гледате како да сум луд. Лудите не знаат ништо. Но, требаше да ме видите. Требаше да видите колку мудро постапував - со какво внимание - со колкава интуитивност - со какво прикривање се зафатив за таа работа! Никогаш не бев толку љубезен со старецот како во неделата пред да го убијам. И секоја ноќ, околу полноќ, го подигав резето од неговата врата и ја отворав - ах, толку пополека! И така, кога отворот ќе беше доволен за мојата глава, внесував замрачена светилка, сета затворена, затворена за ни најмал зрак да не може да светне од неа, а потоа ја втурнував главата внатре. Ох, би се смееле доколку можевте да видите колку лукаво ја втурнував внатре! Ја движев полека - многу, многу полека за да не му го нарушам сонот на стариот. Ми требаше по цел час да ја внесам целата глава внатре, а толку доволно колку да можам да го видам како си лежи во својот кревет. Ха! - дали лудак би можел да биде така промислен? А потоа, кога целата глава ќе ми беше во собата, ќе ја отворев светилката внимателно - ох, толку внимателно, внимателно (зашто шарките чкрипеа) - ја отворав само толку колку еден единствен тенок зрак да падне врз мршојадното око. И тоа го правев седум долги ноќи - секоја ноќ на полноќ - но секогаш окото го наоѓав затворено; и така, беше невозможно да се заврши работата; зашто не беше старецот она што ме иритираше, туку неговото Злобно Око. И секое утро, кога ќе осамнеше денот, храбро влегував во одајата и смело разговарав со него, срдечно обраќајќи му се по име, распрашувајќи се како ја минал ноќта. Значи сфаќате, тој би требало да биде навистина прониклив старец па да се посомнева дека секоја ноќ, точно во дванаесет, го гледам внатре додека спие.

Осмата ноќ, кога ја отворав вратата, бев повеќе претпазлив од вообичаеното. Стрелката за минути на часовникот се движи побргу отколку што се движеше мојата рака. Никогаш порано пред таа ноќ го немав почувствувано опсегот на моите сопствени моќи - на мојата промисленост. Едвај можев да го прикријам восхитот. Кога само ќе помислам дека сум таму, и ја отворам вратата, малку по малку, а тој не ни сонува за моите тајни дела и мисли. Всушност, прилично си се кикотев при таа помисла; можеби ме слушнал бидејќи ненадејно се помрднуваше во постелата, како преплашен. Вие сега ќе помислите дека се повлеков - но не. Собата му беше зифт црна со густа темнина (бидејќи капаците беа добро прицврстени, поради стравот од разбојници), и така знаев дека тој не може да го види отворањето на вратата, па продолжував да ја отворам упорно, упорно.

Главата веќе ми беше внатре и токму кога сакав да ја отворам светилката, палецот ми се лизна по лимениот затворач и старецот наеднаш се исправи во креветот и викна: - Кој е таму?

Останав целосно мирен и ништо не реков. Цел час не помрднав ниту мускул, а во меѓувреме не го слушнав дека легнал. Сѐ уште седеше во постелата, наслушувајќи - исто како што правев и јас, ноќ за ноќ, слушајќи ги црвчињата во ѕидот.

Набргу слушнав тивко лелекање, знаев дека тоа стенкање е предизвикано од смртен страв. Тоа не беше стенкање од болка или тага - о, не! - тоа беше она тивко придушено цвилење што навира длабоко од душата кога е преполна со страв. Многу добро го знаев тој звук. Многу ноќи, токму на полноќ, кога сите спијат, тој звук навираше од моите гради, застрашувачки одекнувајќи, продлабочувајќи ги стравовите што ме измачуваа. Ви велам, многу добро го знаев. Знаев што чувствуваше старецот, го жалев, иако си се кикотев во душата. Знаев дека лежи буден уште од оној прв тивок шум кога се сврте во постелата. Од тој миг неговите стравови стануваа сѐ поголеми. Тој се обидуваше да ги отфрли како неоправдани, но не успеваше. Си велеше: - Ништо не е, само ветер во оџакот - само глушец што претрчува по подот. Или: - Тоа е само обичен штурец што само еднаш писна. Да, се обидуваше да се смири со вакви претпоставки: но сфати дека сѐ е залудно. Сѐ залудно; бидејќи Смртта, приближувајќи му се, му се прикрадуваше со својата црна сенка пред себе и ја опколуваш жртвата. И тоа тегобно присуство на таа незабележлива сенка го натера да почувствува - иако ниту гледаше ниту слушаше - да го почувствува присуството на мојата глава во собата.

Откога се изначекав, прилично трпеливо, без да го слушнам дека легнал, решив да отворам еден мал - многу, многу мал процеп на светилката. И го отворив - не можете ни да замислите како крадешкум, крадешкум - сѐ додека, конечно, еден слаб матен зрак како мрежа од пајак не изби од процепот и падна директно на тоа мршојадно око.

Беше отворено - широко, широко отворено - и додека зјапав во него ме обзеде силен бес. Го гледав совршено јасно - сето матно модро, со одвратна прекривка озгора - од тоа ми се смрзнуваше сета срж во коските; но не бев во состојба да забележам ништо од неговото лице или неговата личност: бидејќи, како по инстинкт, го вперив зракот токму кон тоа проклето место.

И нели ви реков дека она што вие погрешно го толкувате како лудило, впрочем претставува преголема изостреност на сетилата? - еве и сега, ви велам, до ушите ми допре тивок, придушен, брз звук, како чукање на часовник обвиткан во памук. И тој звук ми беше многу добро познат. Беше тоа срцето на старецот како чука. Тоа го зголеми мојот бес, како што ударот на тапанот ја зголемува храброста на војникот.

Но и во тој миг се воздржав и останав мирен. Едвај дишев. Ја држев светилката без да ја помрднам. Проверував колку стабилно можам да го задржувам зракот врз окото. Во меѓувреме, тоа пеколно тропање на срцето се зголемуваше. Секој миг стануваше сѐ побрзо и побрзо, сѐ погласно и погласно. Стравот на старецот мора да бил бескрајно голем! Стануваше сѐ погласно, ви велам, секој миг сѐ погласно! - ме следите ли внимателно, ви кажав дека сум вознемирен: И сум. И сега во ова глуво ноќно доба, среде грозната тишина на таа стара куќа, необична врева како оваа во мене разгоре нескротлив страв. Сепак, се воздржав уште неколку минути и останав мирен. Но тропањето стануваш е сѐ погласно и погласно! Помислив дека тоа срце мора да препукне. И тогаш ме обзеде некој нов немир - тропањето ќе го чуе некој од соседите! Му истече времето на старецот! Низ гласен крик, нагло ја отворив светилката и влетав во собата. Вресна еднаш - само еднаш. За миг го соборив на подот и му ја навлеков тешката постела озгора. Тогаш весело си се кикотев бидејќи сум завршил толкав дел од работата. Но, уште многу минути, тоа срце продолжи придушено да чука. Тоа, меѓутоа, не ме нервирае бидејќи не можеше да се слушне низ ѕидот. И конечно престана. Старецот беше мртов. Ја тргнав постелата и го прегледав трупот. Да, беше сосема, сосема мртов. Ја ставив раката на неговото срце и таму ја држев неколку минути. Немае пулс. Беше сосема мртов. Неговото око повеќе нема да ме мачи.

Ако сѐ уште мислите дека сум луд, нема да мислите повеќе ако ви ги опишам мудрите мерки на претпазливост за сокривање на трупот. Ноќта се бледеше и јас забрзано работев, но во тишина. Најпрво го распарчив трупот. Ги исеков главата, рацете и нозете.

Потоа подигнав три штици од подот на одајата и сето тоа го сместив помеѓу гредите. Потоа ги наредив штиците толку паметно, толку лукаво што ниедно човечко око - дури ни неговото - не би можело да открие дека што не е во ред. Немаше што да се пере - никакви дамки - никаква трага од крв. Навистина бев претпазлив за такво нешто. Едно корито собра сѐ - ха! ха!

Кога завршив со сите тие работи, беше четири часот - сѐ уште мрачно како на полноќ. Додека ѕвоното ги броеше часовите, се слушна тропање на уличната врата. Со леснотија во срцето отидов да отворам - бидејќи од што имав да се плашам? Влегоа тројца мажи кои се претставија, со исклучителна љубезност, како полицајци. Некој сосед слушнал врисок во текот на ноќта; се појавил сомнеж дека се работи за некое злосторство; информацијата била пријавена во полиција; и тие (полицајците) биле пратени за да ги пребараат просториите.

Се насмеав - па од што можев да се плашам? Љубезно ги пречекав господата. Врисокот, реков, го испуштив во сон. Старецот, спомнав, е на село. Ги прошетав посетителите низ целата куќа. Им понудив да пребараат - добро да пребараат. Конечно, ги одведов до неговата соба. Им ги покажав неговите скапоцености, сигурни, недопрени. Занесен во мојата самодоверба, донесов столови во собата и тука ги поканив да се одморат од напорот, додека јас самиот, во нескротливата дрскост на мојата совршена победа, го ставив мојот стол токму на местото каде почиваше трупот на мојата жртва.

Полицајците беа задоволни, немаа никакви сомневања. Моето однесување за нив беше целосно уверливо. Бев исклучително сталожен. Тие седеа и додека јас весело им одговарав, си зборуваа за вообичаени нешта. Но, наскоро, почувствував дека пребледев и посакав да си одат. Ме болеше главата и ми се чинеше дека ми ѕвони во ушите: но тие и понатаму седеа и си муабетеа. Ѕвонењето стануваш е сѐ појасно: продолжуваше и стануваше сѐ појасно: зборував послободно за да се ослободам од тоа чувство: но тоа продолжуваш е и стануваш е сѐ поодредено - сѐ додека, конечно, не сфатив дека таа врева не ми е во ушите.

Без сомневање, во тој миг уште повеќе пребледев; но зборував сѐ потечно, со повишен глас. Па сепак, оној звук се засилуваше - и што можев да сторам? Беше тоа тивок, придушен, брз звук - многу сличен на тропањето на часовник обвиткан во памук. Се борев за здив - а сепак инспекторите ништо не слушнаа. Зборував побрзо - пожестоко, но вревата упорно се засилуваше.

Станав и се расправав за ситници, имав повишен тон и насилни гестикулации; но вревата упорно се засилуваше. Што не си одат веќе? Со тешки чекори го премерив подот долж и попреку, како забелешките на тие луѓе да ме збеснуваа уште повеќе - но вревата упорно се засилуваше. О, Господе! Што да правам? Се пенавев, беснеев, пцуев! Го занишав столот на кој седев и зачкрипев со него по штиците, но вревата се креваше над сѐ и се засилуваше без прекин. Стануваше погласна - погласна - погласна! А луѓето сѐ уште љубезно си муабетеа и се смешкаа. Можно ли е ништо да не слушнаа? Господи боже! - не, не! Слушнаа! - се сомневаа! - знаеја! - си играа мајтап со мојот ужас! - тоа го мислев и сега го мислам истото. Но сѐ друго беш е подобро од таа агонија! Сѐ беше поподносливо од тоа потсмевање! Не можев веќе да го издржам тоа лицемерно смешкање! Почувствував дека морам да вреснам или ќе умрев! - а сега повторно! - слушнете! погласно! погласно! погласно! погласно!

- Никаквеци! - вреснав - доста се преправате! - Го признавам делото! - искорнете ги штиците! - тука, тука! - чука тоа негово одвратно срце!

1843.

 

Извор: Маската на црвената смрт, Темплум, Скопје, 2005.
Превод: Анета Ивановска
Слики: Ашкан Хонарвар

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото