Свечена покана

25.08.2016 08:42
Свечена покана

Добив покана за вечера кај Маргарет Фарниш Бариџ и нејзиниот маж Нелм Освалд Ланселот Бариџ. Никогаш не сум сретнал ниту еден од двајцата и немав поим зошто сум повикан. Кога ме најави батлерот, ми пријде госпоѓа Бариџ и многу милно ме поздрави: „Толку ми е драго што успеавте да ни се придружите“, рече. „Знам дека Нелм вистински се радува што ќе може да разговара со вас.“ „Едвај го чекам моментот“, реков. „Мислам, јас сум почестениот.“ Ништо не звучеше како што треба. Сакав да избегам во истиот миг, но госпоѓа Бариџ ме одвлечка и ме претстави на некои свои пријатели. „Ова се Николас и Сондра Пеперден. Николас е шпион“, рече таа. „Јас не сум“, одговорив. „Сте, сте, мил мој. Сите го знаат тоа“, одговори таа. „А Сондра работи нешто со лебеди, не сум сигурна што. Познавајќи ја Сондра, веројатно ги расплодува.“ „Ма, ти се молам! Ги спасувам од истребување“, рече госпоѓа Пепердон. „А ова е Мордекаи Ринландер и, како што можете да претпоставите од неговото име, тој е нацист. И неговата сопруга Дагмар е подеднаков нацист. Сепак, тие се прекрасни луѓе“, рече таа. „Маргарет, ќе создадеш многу лош впечаток кај нашиот нов пријател“, рече господинот Ринландер. „О, па ова е моја забава и можам да кажам што сакам“, рече госпоѓа Бариџ. Поминуваше слугата со котлети, а таа дофати две чаши од послужавникот и едната ми ја додаде. „Се надевам дека сакате мартини“, рече и ме остави онде. „Јас сум Теодор Фулертон“, реков, „изопачен џез-музичар. Демнам млади жени, се дрогирам кога можам, а поголемиот дел од времето по цел божји ден само спијам и безделничам.“ Се погледнаа меѓусебно, а потоа прснаа во смеа. Јас се смеев како идиот и си го потпивнував пијалакот. Помислив дека тоа ќе биде ужасно здодевна вечер и просто ја зборував вистината секојпат кога некој ќе ми се обратеше; луѓето мислеа дека сум урнебесно духовит. За вечерата ме седнаа помеѓу Кармен Миланс и Година Барнафи. Предјадењето беше составено од месо од краби послужено врз кришки киви. Моето успеа да ми се лизне од чинијата и да се приземи во скутот на Кармен Миланс. Таа носеше многу тесен и кус црн фустан. Ми се насмевна и чекаше да види што ќе направам. Се наведнав и го собрав парчето храна од неговото гнездо. „Добар погодок“, рече таа. „Може да се каже - во центар, нели?“, одговорив. Година Барнафи ме праша дали сметам дека богатите жени се секси. „О, да, се разбира“, одговорив. „Но главно им давам предност на сиромашните, раскуќени сопруги, знаете, кои побегнале, ментално збркани, неизмиени, болешливи, изгладнети жени.“ „Восхитувачки“, рече таа. Беше послужен јагнешки бут. Нелм Бариџ им наздрави на сите. „За моите добри пријатели собрани овде вечерва, и за вашите сјајни успеси во унапредувањето на мирот на Земјата.“ Јас и понатаму немав поим што правам тука. Ѝ го спомнав тоа на Кармен, бидејќи бевме речеси во интимни односи. „Вие сте веројатно жртвено јагне“, рече таа. „Жртвено што?“, запрашав. „Човечка жртва, знаете, жртва на боговите, за мир“, одговори таа. „Претпоставувам дека вие сте тоа, бидеќи сите други ги познавам, сè се тоа пријатели.“ „Сигурно се шегувате со мене“, реков. „Не, сите ние работиме во полза на мирот на различни начини, а потоа еднаш годишно се собираме и вака вечераме.“ „Но зошто јас?“, запрашав. „Тоа е работа на Маргарет. Таа цела година истражува, настојувајќи да одбере некого кој нема никому да недостасува, некој кој не придонесува на позитивен начин во општеството, некој суштински себичен. Нејзините избори се мошне внимателно промислени и чесни, би рекла, иако ми е жал што овојпат станува збор за вас. Мислам дека со текот на времето би можеле да ми се допаднете“, рече таа. Пробав малку од храната. „Па, претпоставувам дека јас сум прилично добар избор, освен што некои луѓе навистина ја сакаат мојата музика. Дури велат дека таа ги лекува“, реков. „Сигурна сум дека е така“, одговори Кармен. „Но Маргарет зема предвид сè. Таа е многу темелна.“

Превод: Лавинија Шувака
Слика:
 
Dan Cretu

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото