Пет раскази за пишувањето

03.11.2015 14:30
Пет раскази за пишувањето

Реверзибилна приказна

Неопходно вложување

Мешалката за бетон беше во куќата до нас, па замина. Господин и госпоѓа Чари ја реновираат винската визба. Ако ја обноват нивната полиса за осигурување од пожар ќе чини многу помалку. Во моментов таа е мошне скапа. Причината лежи во тоа што поседуваат илјадници шишиња мошне добро вино. Имаат мошне добро вино, како и некои вредни слики, но кога станува збор за вкусот за облека и мебел, тоа е строго пониска средна класа.

Вложување неопходно

Кoга станува збор за облека и мебел, вкусот на Чариеви е обичен и на ниво на пониска средна класа. Сепак, тие поседуваат вредни слики чии автори се современи канадски и американски сликари. Всушност, сопственици се на илјадници шишиња мошне добро вино. Поради сето тоа нивната полиса за осигурување од пожар е многу скапа. Но ако ја прошират и реновираат својата винска визба, полисата ќе чини помалку. Она што го прават е следново: мешалката за бетон беше во куќата, па замина.

Реченицата и младичот

Една реченица лежи изложена на погледите на минувачите, во отворена канта за ѓубре. Станува збор за неграматичка реченица. „Кој пеело!?!“ Ја посматраме од местото на коешто стоиме, затскриени од сенката на лачниот свод. Гледаме еден младич како неколку пати поминува покрај кантата за ѓубре и љубопитно гледа во насока на реченицата. Ќе останеме тука каде што сме, од страв дека секој момент тој би можел да посегне по неа и да ја поправи.

Ревизија 2

Да се продолжи со Бебето но да се избришат Приоритетите. Приоритетите да се претворат во Приоритет. Да се раздвои Движењето напред. Кај Парадоксот да се додаде дека досадата се наоѓа во интересот, и дека интересот содржи досада. Ова да се исфрли. Да се пронајде Времето. Да се продолжи со Времето. Да се продолжи Чекањето. Кај Бебето да се додаде како неговата рака држи нога на необична жаба. Приоритет и Нервоза да се додадат во Ревизија 1. Кај Кингстон да се додадат Семејство и Супермаркет. Да се продолжи со мрзоволен тон. Да се почне Кингстон со Сибирски тигар.

Два лика во пасус

Расказот има само два пасуса. Го средувам крајот на вториот пасус, кој воедно е и крај на приказната. Сосредоточена сум на овој дел и не обрнувам внимание на друго. Но додека се занимавам со крајот, гледајте само што се случува на почетокот! А не се ни толку далеку! Тој се одвоил од местото на коешто го бев ставила и како да лебди околу нејзе, само пасус потаму (во првиот пасус). Вистина, тоа е еден мошне густ пасус, и тие се наоѓаат во средината, и во него е мрачно. Знаев дека обајцата се тука, но кога се оддалечив и свртев кон другиот пасус, ништо не се случуваше меѓу нив... А види сега...

Пишување

Животот е премногу сериозен за да продолжам да пишувам. Животот некогаш беше полесен, често и пријатен па тогаш и пишувањето беше пријатно, иако тогаш се чинеше и сериозно. Сега животот веќе не е лесен, и кога ќе го споредам со пишувањето, тоа делува малку шашаво. Пишувањето најчесто не е за нешто стварно, а кога е за нешто стварно, тоа често во исто време почнува да го зазема местото на тоа стварно. Пишувањето е премногу често за луѓе кои не се снаоѓаат. Сега и јас станав една од нив. Она што треба да го направам, наместо што пишувам за луѓе што не се снаоѓаат, е да престанам да пишувам и да научам да се снаоѓам. И повеќе внимание да му обрнам на сопствениот живот. Единствен начин да станам поумна е да престанам да пишувам. Има други работи со кои би можела да се занимавам наместо со тоа.

Превод: П. В.
Извор: Lydia Davis, Can't and Won't (2014)
Цртежи: Randall Sellers

Лидија Дејвис (Lydia Davis, 1947) е современа американска писателка. На книжевната сцена се појавила кон половината на седумдесеттите години кога, во малата издавачка куќа која ја основала со својот прв сопруг, писателот Пол Остер, ја објавила збирката раскази „Тринаесетата жена и други раскази“. Досега објавила десетина збирки раскази. Нејзината проза ја карактеризираат прецизноста, сведеноста, хуморот, мешавината на филозофија и поезија. Мошне е ценета и како преведувачка од француски јазик.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото