Сите наши еврообврзници

09.07.2016 11:35
Сите наши еврообврзници

Деновиве, среде лето, среде политичка криза, среде секојдневни протести, во пресрет на избори, Владата објавува дека повторно ќе издава еврообврзница, со рочност од 10 години, во максимален можен износ од 650 милиони евра. Иако каматата сè уште не е позната, може да се претпостави дека таа ќе биде значајно повисока од каматата на претходната еврообврзница. Така, доколку износот на евообврзницата е 650 милиони евра, а каматата 7%, на неа ќе платиме камата од 455 милиони евра. Што е тоа за најбрзорастечката економија во светот...

На крајот на 2015 година повторно беше издадена еврообврзница, овојпат на износ од 270 милиони евра (иако првичниот план беше тоа да биде на 500 милиони). Со рочност од 5 години и камата од 4.875%, на неа ќе платиме 66 милиони евра камати.

Најголемата еврообврзница ја издадовме во 2014 година, на номинален износ од 500 милиони евра, на 7 години, по камата од 3.975%. Владата тогаш се фалеше дека сме добиле рекордно ниска камата. Сепак, ќе платиме камати во вкупен износ од 139 милиони евра.

Втората еврообврзница дојде во 2009, среде глобалната економската криза. Тогаш се задолживме за скоро 175 милиони евра, на 5 години, по камата од 9.875%. Плативме вкупно камата од 86 милиони евра.

Првата наша евброобврзница беше издадена во 2005 година, на номинален износ од 150 милиони евра, со камата од 4.625%, на период од 10 години. На неа вкупно плативме 69 милиони евра камата.

 

Извор: Јавен долг