Така оди таа работа

15.07.2016 14:32

Стоев покрај дворот на жупанијата Св. Сесилија и пушев цигара кога покрај мене се најде некое јаре. Беше тоа претежно црно-бело јаре, со малку црвеникаво-кафеава боја овде-онде. Кога тргнав оттаму, појде по мене. Тоа ме развесели и разнежи, но се прашував што за вакво нешто велат законите. Постои закон за поводници за кучиња, но како стојат работите со јарињата? Луѓето ми се насмевнуваа и се восхитуваа на јарето. „Тоа не е мое јаре“, објаснував. „Градско е. Мој е само редот да го чувам.“ „Не знаев дека имаме јаре“, рече некој. „Се прашувам кога ќе дојде мојот ред.“ „Наскоро“, одговорив. „Трпение. Вашето време доаѓа.“ Јарето остана до мене. Застана кога јас застанав. Ме погледна оздола, а јас му се загледав во очите. Чувствував дека знае сè што е најважно за мене. Продолживме да одиме. Некој полицаец во обиколка нè одмери со поглед. „Имате ѓаволски згодно јаре“, рече, застанувајќи за да му се восхити. „Тоа е градско јаре“, реков. „Неговата фамилија е со нас цели тристотини години“, реков, „од самиот почеток“. Полицаецот се наведна да го допре, но потоа застана и ме погледна. „Смеам ли да го потупкам?“ запраша. „Го допрете ли ова јаре животот ќе ви се смени“, реков. „Одлуката е на вас.“ Темелно размислуваше една минута, а потоа рече: „Како му е името?“ „Се вика Принц Мир“, реков. „Господи! Овој град е како бајка. Каде и да се свртите, сè некои тајни и чудесии. А јас сум само дете кое вечно си игра полицаец и крадец. Ве молам, простете ми што плачам.“ „Ви простуваме, полицаецу“, реков. „И разбираме зошто вие, повеќе од кој било друг, не би смееле никогаш да го допрете Принц.“ Јарето и јас тргнавме понатаму. Се стемнуваше и почнавме да се прашуваме каде ќе ја поминеме ноќта.

Превод: Лавинија Шувака

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото