Жена зад превез

26.08.2016 12:14
Жена зад превез

Деновиве е мошне актуелна дебатата за женските велови...

Повеќето европски земји спроведуваат одредени рестриктивни мерки кога се во прашање муслиманските жени и носењето превез – особено додека се сосема млади, под контрола на школскиот систем или на вработувањето, и воопшто „видливи” во општеството. Практично нема податоци за тоа дека кој било во Европа би водел сметка за постарите жени скриени зад превез. Хипокризијата се гледа на дело: од една страна грижата за надворешниот изглед, за фасадата на општеството; од друга страна негрижата за семејната положба на жените, особено на оние и онака најмалку привилегирани, без каков и да е вистински контакт со општеството – стари, неписмени, затворени дома, сиромашни.

Во грабливите осумдесетти години на реганизмот и тачеризмот многу западни жени вработени во компаниите од арапско, иранско или некое друго муслиманско потекло, морале да носат превез на работа, а тоа никого посебно не возбудувало. Денешната мерка на глобална испегланост и на цинизам го ублажила тој екстремен капиталистички фолклор. Гледано од тој агол, гледиштето на Франција, каде што носењето превез во школите е едноставно забрането, има своја цивилна и морална конзистенција, бидејќи во крајна линија ги повикува младите жени да се спротивстават на правилата на својата средина, ја привикува нивната лична граѓанска храброст, и ги радикализира патријархалните рамки наместо да ги прикрива пред погледот на „нормалните” граѓани. Дебатата помеѓу различните државни пристапи за тоа колку мултикултурализмот е, всушност, слеп за репресијата над жените (да речеме, за гениталното осакатување) и колку државата треба да се меша во внатрешната репресија на одредена култура, никогаш не била пожестока. Проблемот не е толку во државните мерки и закони, колку во толкувањето на групите, кои имаат интерес странците да ги изедначат во однесувањето и во изгледот, значи да ги „адаптираат”, да ги истераат, или да ја поттикнат нивната внатрешна изолација. Кога Европа ќе биде способна да го реши проблемот на сопственото колонијално минато и на својата досегашна исклучивост и непробојност, и овој проблем ќе може да се разгледува во неспоредливо попривилегирани и интелектуално интересни рамки.

Носењето превез, како што е познато, ги следело и европските жени сè до половината на 20 век: колку и да биле проѕирни превезите, и колку и да се сметале само за додаден украсен дел на шапките, најголемиот дел од европските невести и денес се венчаваат под превез – половина Европејки влегуваат во црква со покриена глава, а помалку или повеќе сите сметаат дека на погреб и во жалост не е пристојно да се појават со гола глава. Станува збор, значи, за антрополошка константа, никако за нешто што би било неразбирлив и егзотичен симбол на еден комплекс култури обележан со заедничка религија. Всушност, најголемиот број забелешки во однос на превезот можат да се преведат како некој облик на расизам и нетолеранција, додека истовремено не се земаат предвид интересите на полот што мора да го носи превезот.

Треба да посегнеме по уште постари историски примери, за да го разбереме значењето на превезот. Во античката атинска демократија, па и подоцна, жената не излегувала на улица, надвор од доменот на својот дом, без превез и без придружба. Историјата на европскиот и на северноатлантскиот женски костим покажува вчудовидувачки разлики во споредба со неевропските и неисламските култури во поглед на откривањето на женската фигура. Превезот е оној симболен дел од облеката што го прецизира статусот на жената во општеството. Иницијациски, класен, сексуален – сите тие елементи што ја одредуваат положбата на жената се впишани во превезот. Во таа смисла, денешниот авганистански чадор за жените, кој покрива апсолутно сè, и невестинскиот превез означуваат исто: заштита на општеството од скандал и последица од дејствувањето на жената во половата репродуктивна моќ, и едновремено машка моќ над жената. Колку и да е покриено, женското тело е скандал, и затоа е најдобро воопшто да го нема. Во краен случај, наместо женските можат да се употребат и животински тела, за изразување на ставот за неприсутноста/невидливоста на жената. Во развиените европски култури, заради пример, едно животно секогаш се поврзувало со жената, и трпело брутални симболизациски ритуали – мачката.

Ако мислите дека тенденциите за спроведување на женската невидливост му припаѓаат на минатото, погледнете го половиот состав во парламентот на некоја централноевропска земја, и половиот состав во некој азиски или африкански парламент во земја со претежно муслиманска култура. Резултатите се очајно слични. Невидливоста на жените е една од основните техники на машката власт, како и да се прикажува, костимира или реално спроведува.

Кога ќе се добие прецизна претстава за репресивното значење на превезот и на неговата универзална, а особено европска историска традиција, тогаш може да се говори за оној превез што сè уште предизвикува најмногу полемики, а истовремено и најмногу фантазми – превезот во муслиманските култури. Типичната европска фантазма е полуоблечена харемска убавица со предизвикувачки телесни движења и со превез. Оваа нереална слика јасно ја отсликува европската цензура, бидејќи усните на „другата”, на „источњачката” жена се покриени, таа молчи и заведува. Другиот покриен елемент, дури и таму каде што лицето е отскриено, е косата. Устата и косата – отвор и косматост (анималност) – можеме да ги читаме како скандалозни телесни симболи, и во таа смисла да го разбереме нивното покривање, односно цензурата.

Другиот мит значаен за конструкцијата на европскиот христијански идентитет се однесува на тргањето на превезот, на соблекувањето на Салома. Нелагодата на Европејците пред голо тело, кое всушност носи само еден од историските костими на човештвото – голотијата, се пренесува, повторно во изразито репресивен облик, врз жените како најпривлечен облик на соблекување. Се плашам дека постоењето на машкиот стриптиз нема многу да ја поправи таа културна траума.

Откриените очи спаѓаат во друга област на симболизација, бидејќи се, всушност, женско подрачје за комуникација, па и можна одбрана („урокливо око”). Жената под превез, сама, надвор од контекст, секогаш може да се толкува во разбирливите системи на заведување, на делумното откривање-покривање, на манипулацијата со тело. Изразеното шминкање на очите или на рацете во многу муслимански култури може да се чита како женски напор да се излезе од рамката, и за заведувањето да се најдат нови оригинални патишта. Штом жената под превез ќе ја сместиме во одреден општествен контекст, прашањето на сопственост или барем на авторитет над неа се поставува нужно не исклучувајќи ги останатите аспекти.

Повоена југословенска политика, која ја спроведуваа дури и војската и полицијата, беше забраната за носење фереџе. Со други зборови, жената под превез беше одземена од власта на својот татко, братот, мажот и оџата како симболички претставник на колективот и беше ставена под власта на државата и на нејзината идеологија, заедно со сите други жени. На акцијава не можеме да ѝ ја негираме прогресивноста. Повторното појавување на фереџето како знак на новиот колектив, во осумдесеттите години или за време и по војната во Босна, всушност е впишано во истиот модел за производство на нови идеолошки нарации. Во двата случаи, телото на жената е „екран” на кој се проектираат одредени идеолошки пораки.

Каква би можела да биде женската програма околу овој важен симбол? Една од можностите е, како што тоа е вообичаено во женската политика, да се воведат две фази на читање и на нова политичка симболизација. Значи, да се укине задолжителното носење на превезот, особено онаму каде што тоа означува ограничувања во движењето, намален или укинат пристап во политичките, здравствените и културните достигнувања, и воопшто онаму каде што тоа означува намалени граѓански и човекови права. Потоа, носење превез од кои било лични причини, како што се модата, религијата, заведувањето, маскирањето, играта со идентитетот би било подрачје на женската слобода. Во многубројни минати и сегашни култури ширум светот, машкиот облик на криење на идентитетот, но со сосема други цели, се манифестирал со носење маска, но и со носење на вистински превез, односно ткаенина што покрива сè освен очите. Можеби привлечноста на очите е она што од Рудолф Валентино направило ненадмината женска фантазма, според бројот на обземените жени, силината на емоциите во многу помалку развиената медиумска мрежа. Станува збор за една негова улога, Синот на шеикот, која го предизвикала сето тоа. Во сцените што денес изгледаат комично, грабнатата дама паѓа во несвест од страст додека Валентино го симнува и повторно го става делот од својот арапски турбан преку уста. Техниката е јасна: менување на идентитетот, умножување на љубовникот, ветување за повеќекратни задоволства. Ослободени и независни по Првата светска војна, жените, напросто, со ликот на Валентино ги објавиле својата нова програма и својот нов полов статус, читајќи го неговиот превез онака како што машката култура со векови го читала нивниот.

Фотографии: Catalina Bartolome
Превод: Искра Гешоска
Извор: Светлана Слапшак - Женски икони на ХХ век; Темплум, 2003.

Слични содржини

Култура / Историја
Активизам / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Теорија
Книжевност / Култура
Квир / Живот / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото