Долгиот прст

05.11.2016 12:24
Долгиот прст

1.

Министерството за култура е просто неуморно. Растрчани се на сите страни, како да идат избори. И решиле да завршат сè што им било планирано. Во плановите, надградени и проширени и во коишто е вклучено сè освен тоа што навистина треба да го работат. Во Старата чаршија Елизабет гордо застанала да се слика пред една куќарка, ќе си речеш ремек-дело на архитектурата на овие простори од крајот на деветнаесеттиот век. А тоа баш куќарка, на која што, најверојатно, само ја офарбале фасадата и сега тоа им било спроведување на „акцискиот план за реконструкција на повеќе фасади што го спроведува Националниот конзерваторски центар со поддршка од Министерството за култура“. Не знаеш дал’ да плачеш, дал’ да се смееш. Од толкава чаршија, од толку запустени објекти, од целиот хаос што владее наоколу, овие нашле две педи фасада и – ја обновиле! И се сликаат пред неа. А над нивните глави и понатаму насекаде висат неидентификувани кабли, од бандерата до ќошето на куќата, па преку фасадата, до кутијата на приземниот дел… Ама тие важно се сликале! За историјата, пред избори. Можеби и ова фасадирање ќе стане дел од оние „силни аргументи и адути“ на Елизабет со коишто се фалела во Дојран, како дел од „програмата, проектите кои се реализирани во изминатиот период и спроведените мерки и придобивките од нив кои што се во интерес на сите граѓани од Р. Македонија“?

А истиот оној Конзерваторски центар го чекаме толку години да излезе со конечен извештај за „чудото“ со фреските во црквата Св. Димитрија во Скопје, каде што во 2012 година, преку ноќ „светнаа“ фреските, ко измиени со она средство од рекламата на ОПА („Solution: Ги чисти и најнедостапните површини“). Ама, некако остана тврдењето односно вербата на некој си отец Жикица од црквата, „дека господовиот прст ги исчисти“. И веројатно овие од Конзерваторскиот центар не сакаат да му се замерат на тој прст, како што и при „обновата“ на онаа куќарка во Чаршијата не сакале да ѝ се замерат на Елизабет па морале да кажат дека завршиле голема работа!

2.

Но, се чини дека и Елизабет, па и тие околу неа во Министерството за (не)култура некако се поистоветуваат со таквите чуда, или со семоќните прсти на Севишниот – или на некој друг, којзнае? – зашто токму така реагираат и во завршувањето на смешно-трагичната драмолетка со македонската музика и нејзиното радиодифузно емитување. После толку време и перипетии, решија во стилот на „господовиот прст“ на отец Жикица да го „решат“ проблемот: со Решение ја запираат Одлуката на Собранието и на Управниот одбор на ЗАМП за Забрана за радиодифузно емитување на авторски музички дела. Ни мање ни више! И ајде после некој нека каже дека овие не се господ во македонската (не)култура?

Иако, лично мислам, а тоа и неколку пати тоа сум го напишал, дека таа македонска музика за која што толку се фатило ова Министерство како слеп за стап, и за која што со години одделува грдни пари од културниот буџет, воопшто и не може да се подведе под поимот култура. Тое е естрада и така и треба да се третира, но тоа е друга тема. Овде е битен (само)убиствениот потег на Елизабет и „стручњаците“ околу неа, кои реално мислат дека нивните произволни решенија во стилот на „господовиот прст“ можат туку-така да збришат сè што одлучиле релевантните и валидните управни тела на ЗАМП и, особено, самите автори? А ако така можело, зошто тогаш Елизабет и нејзините „стручњаци“ на истиот начин, со фамозно решение, не ги суспендираат и истите одлуки на сродните здруженија во Србија, па во Хрватска, Словенија, Црна Гора, па сега и во БиХ? Ако тоа можело баш така едноставно да се реши, со самоволна одлука односно решение на некоја будала во Министерството за (не)култура да се дерогираат (валидни) одлуки на авторски здруженија, ајде нека го направат и тоа? Или прстот на Елизабет не е толку долг? Или – ѝ фуфка резилот да не биде преголем, па да не мора повторно да проговори српски, па хрватски, па словенечки…? Кај ќе ѝ биде крајот?!

3.

И без оглед дали, и колку, одлуката на македонскиот ЗАМП е по волја некому или не, тоа де факто е валидна одлука на авторите односно на носителите на авторските права во македонската музика, кои заеднички решиле тоа што решиле. И каква арбитрарна улога, дури решавачка, може да има едно Министерство за (не)култура помеѓу нив и неколкуте македонски телевизии кои едноставно се заинатиле и не сакаат да си ги подмируваат финансиските обврски кон македонските автори? Истите оние автори на кои токму Министерството за (не)култура им дава толкави финансиски субвенции и бенефиции, им финансира едно чудо фестивали со награди недофатливи за остатокот од вистинската македонска култура? Ама сега тоа Министерство решило да ги брани неколкуте македонски телевизии, оние истите кои Владата ги удави со буџетски пари, но и со нарачки, па и готови материјали од партискиот штаб за нивната програма!? Да, ама тие не сакаат парите да ги трошат и за плаќањето на тантиеми, туку би сакале сето тоа да биде без пари, или симболично, онака како што тие ќе решат.

Дури и да напишале таква глупост во Законот за авторски права и сродни права, а познавајќи ги „стручњаците“ одговорни за тоа веројатно напишале, наместо веднаш да се корегираат или да бараат соломонско компромисно решение, овие тераат со глава во ѕид. Ама главите им се тврди, сè уште, тоа е позната работа. Но, до кога?

И сето ова, за жал, е уште една епизода во маратонската серија што нè очекува – нешто како она „Преспав“ – каде десет години некои затвораа очи и ги преспиваа сите манипулации и малверзации, сиот клиентелизам и бесправното задоволување на сечии (не)културни желби и страсти … Времето на наплата секогаш доаѓа, порано или подоцна. Клиентите веќе се будат, и се бунат, насетувајќи го бргудоаѓачкиот крај. Без оглед што целиот овој период сите беа добри клиенти, сега полека се раслојуваат. И си бараат чаре. Некои стануваат и заштитени сведоци. И тука не помагаат никакви „решенија“, уште помалку долги прсти!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Декстер Маурер

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото