Амбисот раѓа титани

07.11.2016 01:43
Амбисот раѓа титани

На длабочина и до 1000 метри живее т.н. „крал на харингите“, кој всушност не е харинга, туку коскена риба. И тоа најголемата позната коскена риба, просечно долга околу три до четири метри. Најголемата која досега била уловена имаше дури единаесет метри од главата до опашката. Тие димензии зборуваат за навистина огромна змија. Замислете се себе си во рибарски брод, вооружени само со рибарска мрежа и ограничено познавање на живиот свет кој ве гледа од морската магла.

Не е митска само големината на морските суштества. Подлабоко од кралот на харингите живее џиновскиот изопод. Ползејќи по морското дно на длабочина од 2.000, со должина и до половина метар, џиновскиот изопод можеби не е џин во споредба со нас, но е огромен во споредба со своите роднини. Изоподите претежно се ситни морски „бубачки“. Имаат кафеава или виолетова боја, тврди кожи и застрашувачки очи. Џиновскиот изопод кај повеќето луѓе предизвикува страв и одвратност. Бидејќи е релативно неодамна откриен (дури во дваесеттиот век), ги добива своите митолошки пандани: од монструозните божества на Лавкрафт, до „Осмиот патник“ на Ханс Гигер Рудолф.

Неколку километри подлабоко од изоподите плива мистериозниот џин, колосалната лигња. Откриена е во 1925 година, со помош на само две пипала во стомакот на китот уљешура. Уљешурите се опасни ловци кои се нурнуваат во големи длабочини во потрага по плен. Долго се чекаше на жив примерок. Во 2007 година, во близина на бреговите на Нов Зеланд, група рибари случајно фатиле колосална лигњи долга пет метри. Сè уште не се знае колку големи можат да бидат.

Голем број примероци доаѓаат токму преку китовите уљешари: од нивните стомаци, но и од лузните од пипалата по неговото тело. Во морските длабочини се случуваат првите судири на титаните. Не е ни чудно што овие титани се нашле токму во човечкиот мит и светите книги – само тие се доволно монументални да ги вдомат.

Се појавува во Библијата како Левијатан. Кај Хомер е Сцила, а во Енума Елиш, Вавилонскиот мит за настанувањето на светот, се споменува Тијамат, примордијалната божица на океанот. Нордиските бајки го нарекуваат Кракен. Бестрашно чудовиште-божество од длабочините на морето. Налик на октопод или кит, или змија, од светите глинени плочи, преку старите поморски мапи, до Жил Верн, Херман Мелвил, и Лавкрафт. Илјадници години инспирира и заплашува.

Во одреден дел влече корени од првите средби со лешевите на морските „чудовишта“. Понекогаш, кога ќе умре кит, наместо да потоне на морското дно, тој ќе заринка на брегот. Ако веќе е во понапредна состојба на распаѓање, трупот е она што популарно се нарекува „глобстер“: огромно парче органската материја која е тешко да се препознае. Таквите епистемолошки дупки ги пополнува, како и секогаш, имагинацијата. Поради тоа светот, дури и модерниот свет, е полн со заринкани чудовиштa, криптиди и богови.

Но, имало средби и со живи ѕверови. За подводниот амбис знаеме многу малку. На неколку метри длабоко во океанот исчезнува сончевата светлина и владее апсолутен мрак. Температурата паѓа на само неколку степени под нулата. Сè помалиот плен и сè пониските температури доведуваат до појави кои истражувачите ги нарекуваат „гигантизам на длабокото море“. Најголемите полипи, ракови, коскени риби живеат во океански мрак. Амбисот навистина раѓа титани.

Ајде да нурнеме во длабочините...

На морското дно, на длабочина од 300 до 600 метри под површината, се шета јапонскиот рак-пајак, најголемиот членконог на светот. Должината на една нога на ова суштество може да достигне до два метри. Иако е релативно питом и безопасен за луѓето, пајакот-рак јаде сè што ќе го пронајде: тревки, алги, мекотели, и други животинки. Сепак, за да ги пронајдеме чудовиштата од приказните, мора да нурнеме уште подлабоко.

Слика: Abrar Khan

Извор: Elementarium