Анализа на шокантната победа на Доналд Трамп

09.11.2016 13:57
Анализа на шокантната победа на Доналд Трамп

 Доналд Трамп е новиот најмоќен политичар на светот. Ги собра пресудните гласови на американските гласачи јавајќи на огорченоста (спрема естаблишментот, „мочуриштето“, поради губењето работни места, слабата куповна моќ итн.) и стравот (од терористите, од имиграцијата). Клинтон не успеа (не знаеше?, не можеше?) да понуди надеж и со неа да го надвладее стравот.

Незадоволството (најпрво на осиромашената средна класа, најголемиот дел од работниците и селаните) е толку силно вкоренето, што гласачкото тело гласаше против естаблишментот.

Трамп, на таа линија, ја победи прво Републиканската партија освојувајќи номинација против нејзиниот естаблишмент, а потоа и Демократската партија. Обама пред осум години беше новост, па, меѓу демократите, ја победи Хилари Клинтон како експонент на естаблишментот; сега демократите ја истакнаа неа и така се обложија на естаблишментот.

Сите етаблирани гласила беа против Трамп (од водечките 300 весници само три го поддржаа). Овие избори покажаа колку институционалните медиуми го изгубија влијанието во профилирањето на јавното мислење. Влијанието во значителна мера се пресели на интернет (на пример, на блоговите и социјалните мрежи) каде не е вграден механизмот за проверување и пондерирање на податоците (задолжителен во институционализираното новинарство), каде е можно да се расфрлате со слогани, и, по желба, да користите говор на омраза. Трамп обилно се послужи со тие можности.

На Трамп не му наштети неверојатната количина невистини со кои се послужи, зашто неговите гласачи очигледно не се определуваа според фактите, туку според сентиментите, изразени низ пароли. Тоа е знак за промена на парадигмата: повеќе не победува најуверливиот, туку најефектниот дискурс. Триумфот на „misinformation“: комбинација од поимите „misunderstanding“ (недоразбирање) и „disinformation“ (дезинформација).

Што од она со кое се закануваше ќе спроведе во дело, откако на 20 јануари ќе го преземе ковчежето со кодови за лансирање нуклеарни ракети, допрва ќе видиме.

За неговото претседавање ќе се суди по она што ќе го направи, а не по она што го вети.

Уште сега треба да очекуваме дека триумфот на Трамп ќе ги засили европските политичари кои исто така јаваат на огорченоста и стравот. Италија, САД, Велика Британија, Холандија, Шведска и Франција се земји во кои, токму по тој редослед, најмногу претрпеа и изгубија припадниците на средната класа и каде зајакнуваат политичарите кои, по малку лесно, ги сместуваме во фолдерот на популизмот. Брегзит, победата на Трамп, Бепе Грило, Марин Ле Пен, холандското барање референдум за излез од Унијата - тоа се, заедно земени, симптоми на политичките промени, наметнати резултати од кризата, која го истроши оптимизмот детониран со рушењето на Берлинскиот ѕид.

Извор: Jutarnji list
Слики: Butcher Billy