Живот во Скопје

28.11.2016 16:00
Живот во Скопје

За жал, се доведовме во ситуација во која државата и градот мора да донесат итни мерки за намалување на загадувањето на воздухот. Ама не го прават тоа. Коце Трајановски само објави препораки за граѓаните. Тој не може и ништо повеќе да направи, зашто и покрај сите наши укажувања, во буџетот не предвиде пари за тоа. Таква е и состојбата и со предлог-буџетот на Скопје за 2017 година. Државата не направи ништо. Состојбата е катастрофална, а институциите се однесуваат неодговорно и апсолутно не се на ниво на задачата.

Кога ме прашуваат што ние ќе направиме за да го решиме проблемот со загадувањето, им одговарам дека прва, најитна, најважна, приоритетна мерка е дека ќе ја смениме власта. Скопје, Битола и Тетово во историјата немале вака високи и долготрајни загадувања на воздухот. Македонија во историјата немала ваква неодговорна власт. Власт која ништо не презема да го реши проблемот, кој тивко ги убива нашите граѓани.

СДСМ и коалицијата имаат сериозен план за намалување на загадувањето на воздухот. Чуда преку ноќ не можат да се случат. Но, има итни мерки, кои градот Скопје може веднаш да ги донесе за да се санира состојбата, а има и долгорочни политики што треба да спречат повторно рекордно високо загадување. Итните мерки што веднаш треба да се преземат во денови на вакво загадување се:

Бесплатен јавен превоз за сите граѓани во деновите на екстремно загадување. Средства за оваа мерка не се мали. Тие би се обезбедиле од парите за барокни фасади и Панорамско тркало.

Итен прекин на СИТЕ градежни активности на територијата на Скопје, сè додека нивото на загаденост не се намали во законски дозволените рамки. Договорните органи ќе треба да имаат разбирање и да ги продолжат роковите за изведба на градежните компании. Со оваа мерка се штитат и градежните работници, кои се изложени на тешка физичка работа, додека вдишуваат отрови.

Воведување на правило за заедничко користење на возилата. Во деновите на екстремно загадување да се забрани употреба на автомобили доколку во автомобилот се возат помалку од три лица. Сообраќајната полиција би ја имала задачата да се грижи за спроведување на оваа мерка.

Прскање на улиците со калциум магнезиум ацетат. Градот одамна најави ваква мерка, но никогаш не ја спроведе во доволно голем обем за да може да помогне за намалување на загадувањето. Засилена инспекциска контрола на загадувачите со Б-лиценца.

Што се однесува до долгорочните политики што трајно треба да ни обезбедат чист воздух, во нашиот „План за живот во Македонија“ предлагаме:

Гасификација на цела Македонија, со приоритет на најзагадените градови. Една од главните причини за загадувањето е користењето на дрво, но и други хемиски средства за греење на граѓаните. Гасот ќе им овозможи на семејствата енергенс што многу помалку загадува, а воедно ќе им донесе и заштеди во семејниот буџет.

Иако сме свесни за принципот дека загадувачот плаќа, тоа може да нè доведе во ситуација проблемот со загадувањето да продолжи на сметка на животот на граѓаните. Затоа ќе субвенционираме филтри за големите загадувачи. Тие ќе имаат обврска да ги зголемат платите на работниците.

Во првите две години од мандатот ќе обезбедиме поволни кредити за замена на еколошки застарените технолошки линии и за инсталација на ефикасни системи за намалување на загадувачките емисии.

Ќе ја комплетираме мрежата на станици за следење на квалитетот на воздухот. Ќе воспоставиме систем за следење на загадувањето на водите и почвата, чиишто податоци ќе се објавуваат јавно и ќе бидат достапни за граѓаните.

Двојно ќе ги зголемиме зелените површини во градот. Ќе правиме нови паркови, а не нови споменици. Инспекцискиот надзор. Очигледна е намерата погончињата и фабриките да се пуштат да нè трујат после 4 часот. Има едно копче што се притиска во Аеродром и во Ново Лисиче во точно во 4.30 часот. И тогаш почнува цела населба да смрди. Затоа инспекцискиот надзор треба да работи во три смени. Меѓутоа некој ќе каже, ете има инспектори, и пак ништо... Оттука се поставува прашањето има ли контролен механизам кој ги мониторира и оценува нивните постигнувања? Впрочем сите ние сме оценети за нашата работа. Мораме да одиме секој пат чекор понатаму, да утврдиме кои се причините поради кои нешто не функционира.

Бездомниците и сиромашните граѓани за затоплување користат најразличен отпад, кој е опасен по нивното здравје. Оваа категорија на граѓани е најранлива. Така што, драги сограѓани, обезбедување услови за презимување на овие луѓе мора да е приоритет од секој аспект. Па и од аспект на заштита на животната средина. Тука покрај државата можеме да се вклучиме и сите да помогнеме.

И има уште многу повеќе. Има многу повеќе за сите области во Планот за живот во Македонија. Чистиот воздух е основен услов за живот. Оваа власт ни го ускратува. Со години не водејќи грижа за заштитата за животната средина, Никола Груевски и Коце Трајановски нè доведоа во ситуација да немаме основни услови за живот во Скопје. Затоа драги сограѓани ајде да си го вратиме животот во Скопје. Ајде да го вратиме зимското сонце на скопското небо. Единствен начин за тоа е да ги смениме. Нема друго. Пенкалото во раце и на 11 декември да го поддржиме „Планот за живот во Македонија“ за да имаме шанса за живот во Скопје.

Слики: Свирачиња

Извор: Плусинфо

ОкоБоли главаВицФото