Почина кралицата на ромската песна Есма Реџепова

11.12.2016 12:09
Почина Есма Реџепова

Утрово, по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст почина кралицата на ромската музика, Есма Реџепова Теодосиевска, јавуваат македонските медиуми.

Реџепова е родена како петто од шесте деца на Чанија и Ибраим Реџепови, во мала куќичка во центарот на Скопје. Таткото Ибраим во бомбардирањето на Скопје во април 1941 година ја изгубил едната нога. Се обидел да ги прехрани четирите ќерки и двата сина како чистач на чевли, но бидејќи останал инвалид, некој постојано морал да му ја носи кутијата со бои и четки. Покрај другите браќа и сестри, и малечката Есма станала помошник на татка си. Нејзината мајка никогаш не запеала, а татко ѝ Ибраим пеел, но само за своја душа, зашто пеењето по кафеани го сметал за недостоинствена работа. Неговата 13-годишна ќерка Есма била вљубена во песната, но тој всушност и не знаел дека таа веќе ја пленила публиката со својот глас, пеејќи песна во една театарска претстава и дека добила покана да учествува на меѓучилиштен натпревар во пеење во Сарај.

Таткото тоа го дознал еден ден, кога на вратата на Реџепови чукнал познатиот естраден уметник Стево Теодосиевски. Тој дошол да го убеди да ѝ дозволи на Есма да настапува со неговиот ансамбл. Таа есен 1957 година, Есма победила на натпреварот и добила покани за соработка од Радио Скопје. Во 13-годишната црномуреста девојка, облечена во скромно фустанче, музичките критичари откриле вонсериски талент. Тој момент животот на Есма добил поинаков тек. Таа се вклучила во ансамблот на Теодосиевски, а татко ѝ добил ветување од Стево дека тој ќе се грижи за неа, за нејзиниот настап, за кариерата и оти нема да дозволи таа да стане кафеанска пејачка. Дом ѝ станал стариот автомобил на Стево Теодосиевски, патиштата, новите градови и хотелите. Есма денес речиси и не може да се сети на првите официјални настапи. Прво почнале со скромни турнеи во Македонија, потоа во републиките на поранешна Југославија. Првиот настап на Есма надвор од СФРЈ бил во 1961 година во Бугарија. На двомесечната турнеја таа била вистинска атракција, затоа што во тоа време не било „природно“ Ромите да се вклучат во естрадниот живот. Заради контактите и поразвиениот музички пазар, скопјанката Есма од 1960 година станува жител на Белград.

Нејзин дом биле две соби на Дедиње, во кои живеел целиот ансамбл „Теодосиевски”. Музиката и заедничкото живеење со Стево Теодосиевски ги крунисала во брак во 1968 година.

Есма станала популарна и поради тоа влегла во протоколот на претседателот на Југославија. Првпат пеела пред Тито во 1961 година, кога гостин на маршалот му бил индонезискиот претседател Сукарно. Со нејзините песни се расположил и либискиот лидер Муамер Гадафи, кога летувал во резиденцијата на Бриони.

Есма е носител на титулата Национален уметник на РМ од 2013, а на 30 октомври годинава во Торонто беше промовирана монографија за нејзината 55-годишна кариера. Монографијата е посветена на Есма, на нејзиниот покоен сопруг СтевоТеодосиевски и ансамблот „Теодосиевски“ и на сите генерации музичари што тие ги одгледале.

Есма настапуваше насекаде низ светот и има одржано стотици хуманитарни настани. Таа никогаш не роди свои, но посвои и одгледа 47 деца.

Извор: Фокус, Википедија

ОкоБоли главаВицФото