1026 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Пон, 20.01.2025 16:59
Триесетина сексуални работници, стриптизети и стриптизери, хот-лајн операторки, ескорт девојки и момци, корисници на нивните услуги, активисти за човекови права и нивни поддржувачи денеска маршираа низ Скопје со црвен чадор – глобален симбол против насилството врз оваа маргинализирана група.
Маршот, организиран од Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР од Скопје, по деветти пат со слоганот „Слободниот избор е право, а не привилегија” беше дел од Глобалното одбележување на Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.
Сексуалните работници остануваат меѓу најмаргинализираните членови на општеството, велат од иницијативата. Креаторите на политики и властите повеќе ги сметаат за непријатна појава што треба да се искорени или за неморални прекршители на законот, отколку за индивидуи кои треба да бидат заштитени од насилство и кои треба да добиваат социјална и економска помош и поддршка.
Велат и дека маршот е начин да се истакне потребата од итна и поголема инволвираност на сите засегнати страни во застапувањето за поставување на прашањето за сексуалната работа на политичката и јавна агенда, не само како здравствен туку и како проблем поврзан со трудот и човековите права, велат од организацијата.
Фотографии: Ванчо Џамбаски