Ивица Осим: Доста беше со кавги и војни, да се вратиме на играта

22.12.2016 00:22
Ивица Осим: Доста беше со кавги и војни, да се вратиме на играта

Од земјата на изгрејсонцето, Ивица Осим, некогашниот успешен селектор на фудбалската репрезентација на Југославија и Јапонија, играч и тренер на Железничар и шеф на стручниот штаб на Партизан, атински Панатинаикос и Штурм од Грац, неодамна го доби Орденот на изгрејсонцето – значка со златни зраци. Наградата му ја додели владата на Јапонија, а доделена му е како признание за придонес за развојот на фудбалот во оваа земја, но и промоција на меѓусебното разбирање на Јапонија и БиХ.

-Гледате, се случи и јас да го добијам тој навистина значаен орден, но мислам дека е малку претерано. Не се натпреварував... А мислам дека орден заслужија и Венгер и Пикси и Зико - на свој препознатлив начин, од својот дом во Сараево, Ивица Осим (75), познат и како Штраус од Грбавица го започнува својот разговор.

Не е претерано, па вие оставивте печат во Јапонија?

-Не направив ништо специјално. Тренинг-дома, сè вообичаено.

Дали орденот е само спортска или и политичка награда?

-Мислам дека е и едното и другото, но дека таа награда пред сè има социјален карактер. Преведно на наш јазик, би можело да се каже: Орден за заслуга на народот на Републиката. Отприлика.

Го добивте орденот во јапонската амбасада во Сараево, дали некои наши функционери, мислиме на поранешна Југославија или републиката, дојдоа со вас?

-Сето тоа е поинаку, Јапонците се неверојатно добро организирани и сè се знае однапред. Владата на Јапонија ја извести амбасадата во Сараево, јас добив порака од нив... Јапонците многу ни помогнаа во БиХ, тешко дека можеме да им се реваншираме.

Да се вратиме на овој наш насушен фудбал: регионалната лига на млади и жени, дали е тоа добра „предигра“ за нешто што допрва треба да дојде?

-Не би зборувал за тоа што се враќа и како се враќа... Пред пет години бевме блиску до некои договори, но не гледам дека тргнавме напред.

Што треба да правиме?

-Многу се потрошивме, што во спортот, што во политиката. Не е добро што возовите си минуваат, а ти мораш да се вртиш во круг. Секако, проблем се и финансиите, и тоа што оние кои имаат пари размислуваат на сосема друг начин.

Значи ли тоа дека би ги кренале двете раце за таа идеја?

-Да, идејата е добра, да се смират тензиите. Не гледам дека на Балканот сме толку лоши како што зборуваат за нас од сите страни. Не сме ни заборавени. Балканот е убав крај на Европа и ѝ треба.

А политиката, може ли таа да биде плус или минус во оваа приказна?

-Политичарите се вмешуваат кога ќе видат дека речиси сè е готово. Во секоја приказна, па и во најновава. А луѓето се добри и се прашувам што е чудно во тоа да се „истепаат“ и да се помират. Па тоа го правеа и Германците и Французите, кога можеа тие, зошто да не можеме ние. Зошто да не се смириме? Не би сакал да ги користам оние флоскули, дали е рано или доцна. Зашто не е ни рано ни доцна. Доста беше со кавги, со војни, време е сите страни да живеат во мир, да спијат мирно, со насмевка да одат на натпревар. И во тоа мора да помогнат и политичарите.

Се чини дека верувате дека ќе помогнат?

-А зошто да не? Ситуацијата не е толку лоша, сведоци сме дека политичарите се сè почесто заедно, знаат и убаво да разговараат. Ако тие можат, зошто не би можеле и луѓето од спортот? Уверен сум дека тоа ќе го сфатат и прифатат и навивачите. Можеби не баш сите, но повеќето сигурно ќе прифатат. И треба да се работи на тоа.

Условите во републиките на Југославија се сè подобри?

-И тоа може да ја покрене иницијативата да се игра на странски простори. Инфраструктурата е навистина сè подобра, има и тревни и вештачки терени, тука се и рефлекторите, па зошто во догледно време да не се игра Европско првенство на Балканот! Сетете се само, организиравме едни Олимписки игри, и тоа зимски, во Сараево, а и ден-денес се зборува и прераскажува за тоа. А знаете ли што и колку би донел фудбалот, зашто е далеку поинтересен а и финансиски многукратно попримамлив. Каков изложбен салон би бил тоа за сите земји! Фудбалот е бренд, а никако нешто негативно. А децата се украс на светот.

Како децата кои пораснале и искусиле некои од стравотиите, ќе можат да се прилагодат на тоа, да го наречеме, ново време?

-Основата е да се поправат условите за да се надомести сето она што децата го изгубиле за време на војната. И тие ќе се вратат на фудбалот. Не повеќе на улиците, како некогаш, зашто на улица повеќе нема играње топка. Кога на улица ќе шутнеш топка, таа удира во пет автомобили. Но ако им се создадат услови, сигурен сум дека тие ќе се вратат на оној изворен фудбал кој го красеше желба и љубов. А конкуренција не ни фали, во сите поранешни републики тлее оној талент кој никој не може да ни го земе, и само треба да се разгори огнот.

Значи ли тоа дека сте уверени дека младите се тие кои можат да го вратат она што се изгуби во последните две децении?

-Тие беа најмногу ускратени со проклетата војна и затоа треба да почнеме од нив. Децата се талентирани, тоа не е спорно, но фудбалот денес е пред сè бизнис. Сепак, некоја порака може да гласи: да се вратиме на играта. Зашто ние најмногу би изгубиле а сите други многу би добиле. Бидејќи, кога ќе ги изгубиш контактите со светот, ја губиш и публиката и играчите.

Ивица Осим на натпреварот Партизан-Железничар (8.10.1969, стадион ЈНА)

Проблемите, сепак, не се мали и прашање е како ќе се надминат. И ете, повторно се враќаме на политиката: како таа да биде со фудбалот, а не против него?

-Назадуваме како општество, како држава, и тоа не е спорно, а со самото тоа назадува и фудбалот, назадуваат и играчите. Низ тие скудни времиња ја изгубивме и културата на однесување, без која не може понатаму. И тука сега во прв план треба да излезат политичарите, тие мораат први да направат пресврт, зашто дојдовме во позиција општеството, такво какво што е, да мора да го придвижи тркалото на историјата. И потоа и младоста ќе профитира. Не знам што повеќе би кажал на темата, освен дека сите мораме да бидеме паметни. А потоа, низ разговор и дружење, да тргнеме напред. Го можеме тоа, или едноставно - мораме.

ФУДБАЛОТ МОЖЕ ДА НÈ ИЗВЛЕЧЕ ОД КАЛТА

Многу верувате во фудбалот?

-Секако, и тврдам: фудбалот може да нè извлече од калта. Фудбалот може да влијае на тоа да се надминат несогласувањата. Фудбалот може да им ја затне устата на оние кои сè гледаат во негативен контекст. Па погледнете го Белград денес, тоа е нов град кој стана мегалополис и треба да се живее само за тоа некои да дојдат и да го видат тоа. А кога ќе го видат, тврдам дека ќе испратат многу поубава слика за градот и за луѓето, тоа е така, и затоа идејата да се почне, макар со жени и деца, е многу добра.

 

Ивица Осим водеше две национални селекции. Репрезентацијата на Југославија во периодот 1986-1992 ја доведе до петтото место на Светското превенство во Италија и избори пласман на Европското првенство во 1992 во Шведска, од кое Југославија беше исфрлена поради санкции. Од 2006 до 2007 година ја предводеше А-селекцијата на Јапонија. За жал, на 16 ноември 2007 доживеа мозочен удар и мораше да се повлече од клупата, но остана советник во Фудбалскиот сојуз на Јапонија.

Во земјата на изгрејсонцето Осим стигна во 2003 година, кога го презеде Џеф јунајтед, на чија клупа седеше три сезони. А колкава популарност уживаше таму потврдува и тиражот на книгата објвена во 2005 под името „Зборовите на Осим“ во која се наоѓаат неговите цитати за фудбалот - продадена е во повеќе од 400.000 примероци и беше бестселер во Јапонија.

Извор: sport.org.rs

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото