1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 01:59
Неодамна, по фудбалскиот натпревар во Скопје помеѓу Вардар и Челик, одушевен од играта и потезите на младиот Дарко Панчев, претседателот на зеничкиот прволигаш им се обрати на луѓето од Вардар со зборовите:
„Другари, чувајте го ова момче! Тој е вистинско фудбалско злато! Вакви таленти многу ретко се раѓаат во нашиот фудбал!“
И не само тој, денес за 18-годишниот Дарко Панчев сите зборуваат во суперлатив (Вишњевац, Топлак, Веселиновиќ...)
Стана страв и трепет за сите противнички голмани.
Без него речиси и да не може да се замисли нападот на Вардар, како и младата и олимписка репрезентација, а со своите игри се наметна и кај селекторот на нашата најдобра селекција.
Тоа е всушност и поводот за овој разговор со младиот голгетер Панчев кој го водиме во неговиот стан во населбата Кисела Вода во Скопје.
Првите фудбалски чекори?
Почнав во пионерската школа на Вардар на неполни 13 години, а по две години бев префрлен во првиот тим со кој дебитирав на натпреварот со Партизан во Белград. Потоа уследи и скопскиот турнир, добри игри, голови...
Како реагираа родителите на твојот фудбалски почеток?
Во почетокот ми забрануваа за да не го запоставам училиштето, меѓутоа, набрзо сфатија дека нема корист од нивните забрани па ме пуштија.
А училиштето не го запостави?
Секако, не го запоставив. Впрочем, свесен сум дека нема да играм фудбал цел живот. Не можам да кажам дека бев некој супер ученик, но не бев ни слаб. Тука некаде во средина. И сега не е лошо.
Оваа година, се надевам, ќе го завршам средното трговско училиште, а потоа - ќе видиме. Можеби на факултет.
Добро, кога сме веќе кај училиштето, имаше и такви написи во весниците дека неколку пати си повторувал.
Е тоа не е точно. Еве, можам да ти го покажам и свидетелството ако треба. Новинарите навистина пишуваат сешто. Неодамна гледам во ИТД дека разговарале со мене. Поточно, дека ме интервјуирал некој З.Ѓ. Па тоа е измислено интервју.
Ниту сум разговарал, ниту воопшто го познавам тој новинар.
Да се вратиме на фудбалот. Наскоро ќе се одржи и Европското првенство, еден си од кандидатите за заминување во Франција. Какви ни се шансите? (Во моментот на разговорот списокот на кандидати сè уште не беше познат).
Ако продолжам со ваквите добри игри (во што не се сомневам) верувам дека ќе одам во Франција. Неодамна селекторот Веселиновиќ отворено ми рече дека најсериозно смета на мене, должен сум да ја оправдам неговата доверба.
Што се однесува до пласманот - ќе се пласираме високо. Ние отсекогаш важиме за една од најталентираните фудбалски нации во Европа, па и во светот, време е да го докажеме тоа и со добри игри и пласман.
Претчувствувам дека овој шампионат ќе помине во знакот на југословенската репрезентација: оваа година ќе нè запамти цела Европа.
На големо се пишуваше и зборуваше дека те врбуваат тимови од таканаречената голема четворка?
Имаше понуди од страна, нема што да се крие тука. Ме бараа Партизан, Хајдук, Звезда... меѓутоа, треба да знаете и дека сум дете на Вардар, дека тука почнав и на некој начин се афирмирав како играч и голема желба ми е да го потпишам првиот професионален договор со матичниот клуб.
Разговарав со управата и сосема е извесно дека во Вардар ќе останам наредните четири години.
Во случај сепак да не останеш во Вардар, во кој клуб би отишол?
Тука нема никакви дилеми. Само Звезда доаѓа предвид.
Имаш ли слободно време?
Сосема малку. Тренинзи, натпревари, патувања, спремање испити... Само понекогаш излегувам со друштвото и девојката, најчесто одиме во некое кафуле (Париз, Панорама, Турист), потоа во диско, кино.
Сакам да излегувам, меѓутоа, нема време. Сепак, не се каам - избрав фудбалски живот, и вака не ми е лошо.
Разговарал: Лазо Ристовски
Извор: Halo u poverenju, јуни 1984