Повеќе од порцелан

14.02.2017 12:16
Повеќе од порцелан

Казимир Малевич, уметност на порцелан

 

Кога по Октомвриската револуција во 1917 година петербуршката Царска фабрика за порцелан била национализирана и преименувана во Државна порцеланска фабрика (ГФЗ), Казимир Малевич (1878-1935) и неговите следбеници преку неа го ширеле супрематизмот. Кога ги развивал своите идеи, Малевич, основачот на овој нов правец во ликовната уменост, кој ќе се воздигне до чиста апстракција, само патем бил заинтересиран за применетата уметност, а сепак тие негови идеи продреа и во архитектурата и во дизајнот на садови.

Тоа можеби беше највозбудливиот и најнеобичниот момент во историјата на оваа фабрика. Одеднаш, од префинет производ достапен само за тесен круг богати, порцеланот се претворил во своевидна tabula rasa, која со своите светли и топли бои ќе се преобрази во гласило на револуцијата. Со фабриката управувал Народниот комесаријат за образование, со намера некогашната дворска мануфактура да ја претвори во своевидна лабораторија за истражување на керамиката со „републиканско значење“. Тоа значело дека во иднина оттаму ќе излегува „пропаганден порцелан во високата смисла на тој збор, револуционерен по содржина, совршено обликуван, беспрекорен во техничката изведба“. Се чини дека овие амбициозни намери, барем според нивната возвишеност, одлично се согласувале со сфаќањето на Малевич за улогата и смислата на уметноста во човековиот живот. Него и неговите следбеници ги привлекувала полупроѕирната белина на порцеланот, како идеална површина за отелотворување на супрематистичките замисли. Во оваа сфера најмногу направил најдоследниот ученик на Малевич, Николај Суетин, кој повеќе од триесет години го дизајнирал порцеланот во оваа фабрика.

Дел од порцеланската уметност на Малевич

Продор на уметноста во животот е трајно мото на применетата уметност и токму со ова мото може да се објасни честопати многу плодотворното здружување на уметниците со големите производители на порцелан. Ако за ГЗФ се врзуваат имињата на Малевич и Суетин, со германскиот производител „Розентал“, од педесеттите години на 20-иот век, се поврзува името на славниот фински дизајнер Тапи Виркала (1915-1985).

Покрај стаклото, металот и ламираното дрво, Виркала работел и со порцеланот, експериментирајќи со комбинирање на црниот и белиот порцелан, како и со промени на сјајните и мат површини. Во текот на речиси три децении работа за „Розентал“ и за „Розентал Томас“, тој изработил петнаесет поцелански сервиси и повеќе од двесте порцелански вазни и други предмети. Својот веројатно најпознат сервис „Варијации“, тој го осмислил во 1962 година. Како исклучително остварување, овој сервис, станал дел од колекцијата на Музејот на модерна уметност во Њујорк, а архитектот Валтер Гропијус искористил мотив од овој сервис, кога ја проектирал фасадата на новата зграда на „Розентал“.

Руски порцелан

Соработката меѓу големите производители на порцелан и самостојните уметници продолжува и денес. Една од најпочитуваните уметници керамичари, Арлин Шехет, поминала шест месеци во германската „Мајсен“, запознавајќи се со техниките на изработка и „интерните традиции“ на оваа фабрика за порцелан која постои уште од 1710 година. Резултат на нејзиниот престој е изложбата „Мајсен рекаст“, во Музејот на Школата за дизајн на Родајленд во 2014 година. На изложбата биле претставени нејзините дела заедно со неколку „класични“ фигури и садови на „Мајсен“, оставајќи да се преплетат старото и новото, класичното и експерименталното. Интересно е што во оваа поставка биле изложени и калапите и нивните одливоци. Во интервју за списанието „Art in America“, Шехет вели дека нејзнината изложба посочува на (грубата) индустриска постапка која резултира со создавање на „деликатни, мали објекти, направени од блескав материјал“. Освен ова таа, изложбата ја направила и во чест на работниците од фабриката на „Мајсен“, од кои многумина почнале таму да работат како чираци и во неа поминале по четириесет или педесет години.

Палма Бабош, уметност од порцелан

Поблиска до нашите простори е унгарската уметница Палма Бабош, творец на порцелански кули „замрзнати“ во пад, за кои добила бројни награди. Таа поминала три години работејќи за унгарскиот производител на порцелан „Херенди“. За оваа фабрика, таа ја осмислила и порцеланската верзија на познатиот гомбоц, тродимензионално тело, кое има една точка на стабилна и една точка на нестабилна рамнотежа. Својот уметнички гомбоц, Бабош го украсила со математички формули кои кажуваат за потеклото на овој необичен предмет.

Нејзините авторски дела носат поетски наслови како: „Сеќавање на иднината“, „Град во чад“, „Кула што паѓа“, „Порцелански град“... Оваа авторка процесот на обликувањето на порцеланот го споредува со пишувањето сонети – и едниот и другиот творечки чин се зауздани од строгите правила, а самата материја, без оглед дали се тоа зборовите или глината, наметнува цврста дисциплина.
„Во текот на годините, толку многу работев со материјалот, што можам да сонувам во него“, вели Палма Бабош.

Палма Бабош

Нежните, необично убави кули што ги прави од плочки порцелан го симболизираат крахот на неодржливото светско потрошувачко општество, којшто, според неа, е неизбежен. Постапката на настанување на овие кули е интересна затоа што ги спојува планирањето и намерата на авторката со елементот на случајност. Имено, кога грижливо составените скулптури ќе се стават во печка и ќе се изложат на температура од речиси 1400 степени целзиусови, смесата од која се направени почнува да се преобразува во порцелан – станува мека, се собира и се топи и... кулата се урива. Кога ќе се олади, станува снежно-бела, цврста и со непроменлив облик. Така, нејзиното паѓање е сопрено во времето.

Вистина е дека порцеланот денес не е во голема мера застапен во секојдневието, како што тоа било во некои поранешни векови, па може да ни се причини дека приказната за него завршува во правливите ормани кои никој не ги отвора. Сепак, овој материјал со единствени својства и понатаму може да ги инспирира уметниците, а неговите можности, воопшто не се исцрпени.

Како настанал

Порцеланот (од староиталијанскиот збор porcellana, школка од родот Cypraea) е изумен во Кина, пред околу две илјади години, во времето на династијата Т’анг, иако првиот вискоквалитетен порцелан што може да се спореди со денешниот настанал во времето на династијата Јуен во 13-от или 14-от век.

Кинезите порцеланот го правеле од глината каолин и пегматит, еден вид гранит. Составот на порцеланот за Европејците долго време бил тајна, особено неговата делумна пориѕирност, што безуспешно се обидувале да ја постигнат со додавање мелено стакло во смесата. Вистинскиот рецепт за порцеланот го откриле дури во 1707, двајцата Германци, Еренфрид Валтер фон Чирнхаус и Јохан Фридрих Ботгер, заменувајќи го стаклото со мелен минерал фелдспат.

Порцеланска соба во Неапол

Потоа, во 18-от век, Британците го откриле таканаречениот коскен порцелан (анг. bone china) којшто благодарение на додатокот од пепел од животински коски, стекнал неколку големи предности – иако се пече на пониски температури, станува полупроѕирен и поцврст од обичниот порцелан, па затоа и поотпорен на кршење. Сепак, во континенталниот дел на Европа, не успеал да стане поомилен од „обичниот“ порцелан.

Денес, европскиот порцелан, главно се прави од глината каолин (со различен состав, во зависност од потеклото), од силициум диоксид и од фелдспат.

Во индустријата

Заради цврстината и непропустливоста (дури и кога не е глазиран) порцеланот се користи за правење лабораториски садови за хемиски лаборатории, за забни пломби и електрични изолатори за струја со висок напон. Од него можат да се прават дури и куќишта за звучници. Порцеланот се користи и во градежништвото за плочки или големи панели, а главните производители се во Италија, каде се наоѓаат неколкуте дворци со соби целосно прекриени со порцелански плочки.


Извор: Политикин Забавник

Слични содржини

Култура / Уметност / Теорија / Историја
Фотографија / Живот / Уметност
Живот / Уметност / Историја
Наука / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото