Смрт на фашизмот - слобода, еднаквост и братство на народот!

31.05.2017 09:03
Смрт на фашизмот - слобода, еднаквост и братство на народот!

Деновиве, една прилежно запишувана хроника на овдешното (доскорешно!?), општествено-политичко живеење, ја доби својата конечна, печатена форма на книга (Мирослав Грчев, Фашизам во куси пантолони, Темплум, Скопје 2017). Всушност, ова издание ги обединува колумните на авторот коишто - редовно објавувани во текот на изминативе неколку години - ги анализираат и ги коментираат анализите на најдинамичните промени во колективното преобликување и индивидуалното доживување на македонската (доскорешна!?) овдешност.

Основната тема, главната преокупација на Грчев е јасно соопштена веќе во насловот на книгата - фашизмот како рекурзивна историска психолошка или психо-логичка (во неговата итеративна методологија) оска на модерниот проект. Тука нема ништо невообичаено: усвоеното објаснување на модерноста како длабоко компромитирана (корумпирана?) општествена пракса и, напоредно, нејзиното прифатено толкување како недовршен стремеж кон оние, сè уште валидни (либерални?) општествени цели, го претполага историски цикличното „потекло на злото“ (психологија), а притоа нужно ги препознава и гео-културните, демографски пројави на органската „природа на злото“ (психо-логика).

Следствено, кусите пантaлони на овдешниот фашизам се ефектна фигура за вечната, обновлива идеолошка младост и свежина на „конечните решенија за сите проблеми на една нација“, но наедно се и признак на одреден, во случајов, мошне ран стадиум од органскиот развиток на „сеопфатни решенија за сите проблеми на една држава“.

И така, ... во само неколку реченици успеав да ја осиромашам богатата мисла, да го замрзнам усвитениот ангажман на авторот и да ја сведам неговата тематика до обично, провербијално срочено чувство (површен впечаток) за основната противречност на модерниот проект: луѓето се менуваат а сето друго останува исто, и обратно, сè се менува а луѓето се секогаш исти. А сепак, фашизмот е еминентно модерна, што ќе рече, историска (транзиентна) рожба којашто не може да се сведе на две наспоредни доживувања (искуства?) на цикличната и органската хиерархија на времето - та дури ниту во овдешноста.

Тогаш, кому сега се обраќам и што се обидувам да пренесам со моево обраќање?

Најнапред, ги пишувам овие редови за младите, неопитни читатели на коишто при нивното (прво) соочување со ова м(р)ачно четиво на Грчев им е препорачана придружба и надзор од родител или старател, или ... барем, културен критичар. Натаму, би сакал да опстојам на намерата за прикажување на тематиката на адолесцентниот фашизам и на фашизмот воопшто, во рамките на извесна, пообемна и пошироко согледана проблематика којашто самите (дотогаш, веќе упатени) читатели ќе треба да ја именуваат. За таа цел би се задржал на главниот наративен и проблемски двигател во, дословно, сите колумни - било застапени, било изоставени - од книгата „Фашизам во куси панталони“. Значи, кај Грчев, текстот ја црпи својата погонска сила од логичкото наизменично верижење на некаква системска пречка во одвивањето на историското време и нејзиното последователно, револуционерно отстранување; овој силогизам е претставен преку мотивот на (изворно!?) прекумерно толерантниот, етички рамнодушен дури морално затапен либерализам, којшто потоа се разрешува во мотивот на (изворната?!) легитимација на уставотворното собрание, на Конституантата, односно, на револуционерниот Конвент.

На идеолошки план, толку е, барем, јасно! Во погледот на Грчев, либерализмот е само кусотрајна, привремена состојба на ремисија на фашизмот како некое хронично заболување или вродена состојба на модерниот - секуларен, просветителски и републикански општествен поредок. Би сакал да ја довршам оваа теза на авторот: либерализмот е (а ниту некогаш бил нешто друго освен ...) обичен, секојдневен фашизам во куси пантолони. Во продолжение, би сакал да му дадам и некаква историска перспектива на дијалектичкиот прескок во моето расудување за тезата на Грчев - во полза на поколенијата родени во времето на овдешноста.

Имено, од Версај 1789. (западноевропска Франција), до Версај 1918. (источноевропските Австрија, Прусија и Русија), победоносно се шират „идеите“ дека „власта“ треба да минува од раце в раце, а „народот“ е носител на суверенитетот во тие промени; и еве, изминати се речиси две цели столетија како либерализмот е основната (единствена!?) идеолошка матрица којашто посредува помеѓу „власта“ и „народот“, којашто одредува кому е достапна „власта“ (просветителски втемелена наследна меритократија) и кој го сочинува „народот“(држава и нација, јазик и култура, мнозинство и малцинства ...).

Успехот и долговечноста на оваа идеологија се должат на една, единствена лага - универзализмот на слоганот „еднакви шанси за секого“ (внимание! ... не за сите). Сетики, фигурата за прочуената маршалска палка во раницата на секој војник на Наполеон, поседува и друго лице, ... она на политичката, економска и општествена диференцијација, на трајно исклучување од ветената „можност“ за вертикално поместување на единката во заедницата. Бидејќи, штом некои луѓе (а тоа се, всушност, повеќето социјални формации на „народот“) не ја искористиле својата „шанса“, тогаш нешто не е во ред со нив - очигледно, на биолошки план. Тоа се групи на погрешни или погрешени јазични, полови, родови или, накусо, расни белези. Затоа, либералниот расизам (сексизам) како чедо, како вистинско лице на либералниот морал на универзализмот го чини јадрото на историскиот фашизам, односно, го втемелува и секојдневието на еден фашизам во куси панталони - искуство за коешто толку методично сведочи книгата на Мирослав Грчев.

Сега, на ова место настапува мојата обврска да ги заштитам од непотребно талкање „моите“ имагинарни и неопитни читатели на прозата на Грчев. Тие - не без секаква основа - секако ќе ги постават следниве прашања: - најнапред, дали доминантната (единствена?!) идеологија на модерноста навистина не е средниот пат, односно, дали таа навистина не е непристрасна модерација помеѓу желбите на оние коишто имаат сè и на потребите на оние коишто немаат ништо?; и натаму, ... дали либерализмот е само маска за една длабоко неегалитарна економска рационалност на безмилосна екстракција (природа и труд) и бесмислена акумулација (капитал)?; конечно, доколку барем за едно од претходниве прашања може да се даде потврден одговор, тогаш како да се разбере и толкува барањето коешто Грчев го повторува во речиси секоја колумна - барање за ресетирање на системот и враќање кон почетокот, кон револуционериот миг на „уставотворното собрание“.

Пред сè, сложеноста и многувидноста на очекуваните одговори е несомерлива со кревкоста на мојата способност да понудам развиена историска синтеза - којашто, нели, нема да остави место за нови прашања. На располагање имам само неколку објаснувања коишто делумно го исцртуваат културниот периметар на проблематиката на новиот почеток - бидејќи, барањата на Грчев за нов почеток не се политички, а се културни. Корените на таквиот копнеж по животот што секогаш одново се раѓа од пепелта, црпат сила од слабоста на мислењето којашто, колку што му е присушта на авторот, толку е и општа, насекаде распослана; се работи за наша и моја недугавост во настојувањето врз едно (бездруго, невтемелено) уверување дека доблесните намери (модерноста) се редовно изневерени од нивното нечесно остварување (модернизација), та оттука, секое враќање (револуција) на почетокот значи инкрементален успех во остварувањето на историјата.

Меѓутоа, во книгата „Фашизам во куси панталони“, е зададен поинаков контекст за обновата на изворните позиции - слобода, еднаквост, братство! Грчев ги пресоздава овие револуционерни начела - се разбира, низ сопственото искуство на овдешноста - од првобитното, дамнешно оружје за делегитимација на стариот режим (Le Ancien Régime) во кус список на општествени цели коишто ја делегитимираат единствената општествено-економска формација (капитализам) којашто инхерентно нема никакви колективни хоризонти на очекувања и намери.

Затоа, често повторуваниот повик на Грчев за „влегување“ во македонското Собрание, ќе треба да се чита како удирање симболички печат врз уставотворните акти коишто македонскиот Отпор веќе со години ги гласаше на улица.

Реафирмацијата на слободата, еднаквоста и братството - денес би го додале и сестринството - во сите инстанци на општественоста (економија, политика и јуриспруденција, култура, образование и социјална згриженост ...), за Грчев, но и за сè поголем дел од осиромашените средни слоеви, од измамените кадри на системот и од буржоазијата како нереализирана универзална класа, претставува реафирмација на помнењето преобразено во директна политичка акција. А средствата на таа акција, според Грчев, се еминентно културни.

Тогаш, кому всушност се обраќа книгата „Фашизам во куси панталони“ на Мирослав Грчев и што таа се обидува да пренесе со обраќањето на авторот?

Би рекол без задршка дека ова четиво е лишено од мобилизациски својства, ... и доколку тоа навистина допре до некои млади и неопитни (досега недопрени од темата) читатели, неговата функција ќе се оствари, пред сè, во акрибичната документираност на еден гнилеж - несомнено убаво спакуван во мајсторската, надарена стилистика на авторот, но сепак, гнилеж на секуларната системска криза. Потоа, верувам дека низ текот на годините, текстовите на Грчев ќе продолжат да функционираат како потсетник за неопходноста од градење сојузи, алијанси помеѓу оние, сè побројни, а сè помалубројни класно-социјални формации, интересни групи и малцинства коишто претендираат да го зафатат просторот на примарни жртви на опресијата.

Конечно, би можел само да посакам оваа книга да им го разниша моралот и да демобилизира дел од трупите ангажирани на страната на светскиот пазар против демократијата, односно, против споделената слобода, еднаквост и братство.

Фотографии: Небојша Гелевски

ОкоБоли главаВицФото