Уметноста и културата во време на национализам и граѓански отпор

07.06.2017 16:15
Уметноста и културата во време на национализам и граѓански отпор

Здружението за култура и уметност ФРУ - ФАКУЛТЕТ ЗА РАБОТИ ШТО НЕ СЕ УЧАТ (Битола/Скопје) деновиве има свое претставување во рамки на две интернационални конференции, едната во Љубљана од 5 до 8 јуни, насловена „FLANDERS BALCAN EXPRESS CARAVAN“ која e во организација на платформата за современи перформативни практики БУНКЕР од Љубљана и Фламанскиот институт за уметност од Брисел на тема „Уметничката продукција и работните услови на современото граѓанско општество во Европа“.

Во Љубљана денес, на 7 јуни, за условите на продукција на уметност како и начините на кои современата независна културна сцена успева да преживее во време на политичка криза со фокус на фестивалот за современа уметност АКТО, ќе зборуваат Ивана Васева, кураторка, и Филип јовановски, визуелен уметник и граѓански активист.

Тие ќе учествуваат во панелот со наслов „Уметноста и културата во време на националистички и неолиберални времиња“, каде ќе ги претстават последните изданија на нивниот долгогодишен проект - АКТО, фестивал за современи уметности кој го курираат заедно, како и едукативнот кураторски проект на Васева, СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК, со што ќе го отворат прашањето што значи да се продуцира уметност во националистички културен контекст во Македонија изминатите десетина години, кога голем дел од прогресивното граѓанско општество беше стигматизирано и напаѓано од властите.

На 9 јуни, пак, во рамки на интернационалната конференција ВРЕМИЊА НА ОТПОР, во склоп на панелот „Низ целата Европа никнуваат нови движења, зошто? Во кој политички контекст? Анализа и критички осврт на нколку граѓански движења“, модериран од Борка Павиќевиќ и Александра Секулиќ, ќе зборува Филип Јовановски, со фокус на уметничкиот активизам и формите на отпор низ култура и уметност и тоа низ примерите на Шарена револуција, референдумот за одбрана на Градскиот трговски центар ГО САКАМ ГТЦ, како и неговиот долгорочен социјално-уметнички проект, КУЦ (културно уметнички центар) ТЕКСТИЛ-Штип.

Организаторот на настанот, Центар за културна деконтаминација од Белград, е една од најзначајните независни институции од областа на културата во Србија, формирана во 1995 година како независна и непрофитна институција од областа на културата која сопствената општествена одговорност ја развива низ проекти кои се борат за зачувување на јавното дообро и јавниот ангажман и поттикнување на политичката борба за општествена кохезија, интервенирајќи првенствено во областа на уметноста, образованието и културата.

Ивана Васева (1984) курира, организира и менаџира програми и активности на полето на современите визуелни уметности и интердисциплинарни практики, постојано истражувајќи нови форми на продукција и презентација. Живее и работи во Скопје, заедно со Филип Јовановски ја раководи организацијата ФРУ - Факултет за работи што не се учат. И двајцата работеле на курирање на последните четири изданија на АКТО - фестивал за современи уметности, кој постои веќе 11 години.
Во моментов Васева курира интернационална дискурзивна образовна програма поврзана со наградата за млад визуелен уметник - ДЕНЕС, и два истражувачки и контекстуални мултимедијални проекти кои се занимаваат со модернистичкото и антифашистичкото наследство, и се обидуваат да го истакнат нивниот политички потенцијал во денешната јавна сцена.
Курирала и ко-курирала неколку изложби во Скопје, Битола, Тирана, Белград, Каиро и Амстердам и ги презентирала проектите и активностите во Европа и САД.
Дипломирала историја на уметност во Скопје, и била дел од кураторската програма во De Appel Arts центарот во Амстердам.
Добитничка е на наградата Ладислав Баришиќ, која ја доделува АЈКА Македонија, за истражувачкиот проект „Колективна акција како политичка, а не организациска одлука“, заедно со Филип Јовановски.
-------------
Филип Јовановски (1979) е визуелен уметник и граѓански активист. Дипломирал на факултетот за архитектура во Скопје, а моментално е на постдипломски студии на катедрата за сликарство, при факултетот за ликовна уметност во Скопје.
Јовановски учествувал во групни изложби во Скопје, Загреб, Познан, Сараево, Тирана, Њујорк, итн., и имал самостојни изложби: Не зјапајте толку романтично (2011) Прима Центар, Берлин; Одлука (2010) и Три лесни парчиња: Предлог за опера во 3 чина (2012), Дом на култура, Битола; Силата на спартакистите или Моќта на љубовта (2014) Отворено графичко студио, Скопје.
Во 2013 бил добитник на наградата за млад визуелен уметник ДЕНЕС.
Неговите дела се во полето на интердисциплинарни истражувачки проекти кои користат кураторски пристап и ја претставуваат трансформацијата на политичките и општествени категории во просторни слики.
Почнувајќи од 2007, тој е уметнички директор на фестивалот за современи уметности АКТО во Битола. основач на неколку други неформални граѓански иницијативи.

Здружението за култура и уметност ФРУ – Факултет за работи што не се учат функционира како платформа за проекти од областа на современата култура и уметност, со фокус на продукција на настани чија цел е да создадат критички однос и активно учество на граѓаните во креирањето на јавниот ангажиран политичко – социјален и уметнички дискурс во заедницата. Една од главните активности на ФРУ е АКТО фестивалот за современа уметност во Битола кој се организира од 2006 година како најобемна активност на организацијата ФРУ. Организацијата во своето 15-годишно постоење била член на неколку регионални платформи од областа на современата култура и уметност и соработувала на интернационални проекти и фестивали, како фестивалите Перфрације (Загреб) и Culturscapes (Базел), регионалните мрежи BCC / balcan can contemporary и Urban Hum, и регионалните проекти Слушајќи ја публиката, ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност, If buldings could talk и други.

ОкоБоли главаВицФото