Македонските туристи огорчени поради големиот број Грци на Халкидики

15.06.2017 10:40
Македонските туристи огорчени поради големиот број Грци на Халкидики

Скопје/Ханиоти, 15 јуни 2017

Македонските туристи кои летуваат во Ханиоти, Пефкохори и Полихроно упатија протестно писмо до Министерството за туризам на Грција, поради големиот број Грци кои ова лето се наоѓаат на Халкидики.

Огорчените туристи од Македонија тврдат дека поради големиот број грчки државјани на овој полуостров не се чувствуваат како дома.

„На сите им е познато дека Халкидики веќе со години е традиционална македонска дестинација за одмор и дека овде летуваат 90 отсто од наште луѓе. Меѓутоа, годинава сме непријатно изненадени од бројот на Грци кои секојдневно ги среќаваме на Халкидики“, стои во писмото.

„Ги има насекаде, на улиците, во продавниците, рестораните и прават ужасна гужва. Од нивните камионети нашите луѓе не можат нормално да се паркираат на тротоар, а мопедите кои се пробиваат низ масата шетачи ни се качија на глава! Неколку пати дури ни се случи продавачката во маркет да не знае македонски баш најдобро, туку да ни се обрати на англиски, па и на грчки. Сметаме дека тоа е провокација на национална основа, па поради тоа ќе упатиме жалба до највисоките европски инстанци“, се жалат македонските туристи.

Гостите од Македонија тврдат дека ова не е крај на проблемите со кои се соочуваат на Халикидики.

„Посебно ни одат на нерви оние намуртени грчки баби, инаку газдарици на вилите, кои личат една на друга, а по цел ден не прават ништо друго освен што кружат околу нашите апартмани и проверуваат дали сме фрлиле хартија во веце-шолјата. Општата ситуација е двапати полоша за време на викендите, кога се појавуваат уште неколку илјади Грци, како да немаат свое море во Солун! Го предупредуваме Министерството за туризам дека ако бројот на Грци на Халкидики не се намали, Македонците следното лето ќе одат на одмор на некое друго место. Некој веќе еднаш мора да им каже СТОП на Грците, зашто ако не го направиме тоа денес, утре истото може да ни се случи во Паралија и Олимпик Бич“, велат македонските туристи во протестното писмо.

Извор: www.njuz.net