Дали објектите од СК014 се лесно запаливи?

15.06.2017 13:59
Дали објектите од СК014 се лесно запаливи?

Многу негативни нешта веќе се кажани и напишани за фамозниот проект Скопје 2014, со акцент на сурогат “барокни“ обработки на фасади, накитени со бижутерија и шминка. Со еден збор: многу е кажано за тоталниот кичерај.
Но, до сега не сум сретнал некој од колегите инженери и архитекти да ја отвори темата за пожарната безбедност, односно за потенцијалниот ризик од појава на пожар и однесување на ваквите фасадни облоги во случај на пожар. Пожарите имаат несогледливи последици, материјални, но пред сè се застрашувачки можните загуби на луѓе. Оваа тема маргинално ја допрев на дебатата „Скопје 2014 низ призмата на граѓаните“, на 30 мај 2015 во протестниот камп пред Владата, но сметам дека проблематиката е многу сериозна и не треба да се заборава перманентно присутниот ризик.

Декоративните елементи - детали употребени во “китење“ на фасадите на СК014 главно се изработени од три материјали: експандиран или екструдиран полистирен (општо познат како стиропор), полиуретан и рециклиран стаклен гранулат. За разлика од стаклениот гранулат, кој за жал поради високата цена е многу малку употребуван, првите два материјала спаѓаат во групата на гориви материјали и тие масовно се употребени во зградите од СК014. Светскиот и европскиот тренд за градба на енергетски ефикасни згради (од нискоенергетски, пасивни, нула енергетски до плус нула енергетски згради) ги употребува овие материјали како извонредни топлинско-изолациски материјали, со дебелини од 10 – 30 cm, но строго според пропишаните упатства, особено во поглед на пожарната сигурност. Предвидена е изведба на појаси од негориви изолациски материјали над прозорците и на одредени височини по обемот на целата зграда, надворешна пожарна заштита на изолацискиот материјал со минерален негорив слој од 8 – 10 mm, анкерисан со челични анкери во основниот ѕид и маса други превентивни противпожарни мерки.
За потсетување, за појава и одржливост на пожар потребни се три услови: извор на оган, материјал што гори и присуство на воздух (кислород). Отсуство на кој било фактор од наведените три, го оневозможува ширење на пожарот.

Правилата и технологијата при изведба на изолациски системи кои во својот состав имаат горив материјал, содржани се во европскиот документ European Guideline for the Application of ETICS како и во документот ETAG 004.
Каде се тука нашите “барокни“ фасадни обвивки, изработени од гориви материјали, со дебелини обично од 1 - 2 cm, без надворешна минерална противпожарна заштита од 8 – 10 mm, прицврстени на метална потконструкција, која обвивката ја оддалечува десетина сантиметри од основниот ѕид и на тој начин формира воздушен простор (еден од трите услови за пожар). Овој воздушен простор во случаите кај облогите на вертикални столбови формира извонреден оџак за ширење на пожарот во височина!
Дека овие мои песимистички анализи не се гола фантазија, говорат горките искуства во други земји, кои применувале слична технологија за имитација на поранешни архитектонски стилови, но со фалш материјали и технологија.

Во Баку (Азербејџан) неодамна (текстов е напишан во јули 2015 - заб. уредник) се случи катастрофален пожар на станбена зграда, со многу човечки жртви и повредени. По гаснење на пожарот остана само металната потконструкција за која беше прицврстена горивата фасадна облога. Овој пожар не беше единствен во Баку и во другите градови, поради што се запали црвен сигнал и беше донесена одлука на сите повисоки згради во градот да се демонтираат горивите фасадни облоги.
Може ли Скопје да извлече поука од ова катастрофално искуство на Баку? Можеби некоја од партиите во својата изборна програма за најавените избори ќе внесе и проекти Скопје 2016, 2017, 2018 итн. за демонтажа на опасните фасадни облоги на зградите од „Скопје 2014“, како превентива и заштита пред можните катастрофи.

На фотографиите: зградата која молскавично изгоре во Лондон на 14 јуни 2017.
Авторот е инженер-архитект.
Текстот првично беше објавен на неговиот фејсбук профил на 22 јули 2015.

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Активизам / Јавни простори / Екологија
Општество / Активизам / Јавни простори
Активизам / Технологија / Екологија / Теорија
Општество / Јавни простори
Јавни простори / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото